8 МИНУТИ И 19 СЕКУНДИ

(8’19’’ / 8 минути и 19 секунди)

Игран филм, Бугарија

2018, 85 мин., колор, ДСП

Режија: Петaр Валчанов, Љубомир Младенов, Теодор Ушев, Надежда Косева, Владимир Љуцканов, Кристина Грозева (Петър Вълчанов, Любомир Младенов, Teодор Ушев, Надежда Косева, Владимир Люцканов, Кристина Грозевa)

Сценарио: Георги Господинов

Улоги: Светлана Јанчева, Иван Барнев, Цветан Алексиев, Симон Варсано, Ирмена Чичикова (Светлана Янчева, Иван Бърнев, Цветан Алексиев, Симон Варсано, Ирмена Чичикова)

Во една дождлива пролетна мајска вечер, на средината од 9-то издание на Филозофскиот филмски фестивал, во полуполната кино сала на Кинотеката бевме во можност премиерно да го гледаме бугарскиот омнибус „8 минути и 19 секунди“ како дел од официјалната фестивалска селекција за наградите, која брои шест наслови од различни кинематографии, вклучувајќи го и овој. Во мојата последна книга со филмска есеистика „Филмски град“ поместена е рецензијата за еден од највозбудливите бугарски филмови во последнава декада, „Насоки“ на Стефан Командарев, а на минатогодишното издание на „КинеНова“ како селектор на филмовите во официјалната конкуренција меѓу конкурентите го вброив и мултинаградуваниот „Ага“ на Милко Лазаров. Кога на овие наслови ќе им се додадат уште неколку од надоаѓачката генерација на нови бугарски филмаџии, тогаш сликата е јасна – нашиот источен сосед во последно време доживува вистинска филмска ренесанса.

Овој наслов е флагрантен пример дека кога ќе се појави нова генерација на квалитетни филмаџии, тогаш токму омнибусот како форма е одлична можност за нивно докажување пред поширокиот домашен, но и регионален и европски аудиториум. Снимањето на омнибус од неколку кратки филмови е формула која се докажала многупати досега како вистински погодок. Во поранешна Југославија се сеќаваме на култниот „Како је пропао рокенрол“ (1989) на Гајиќ, Пезо и Славица, а неколку години подоцна и македонската кинематографија доби свој репрезент во интересниот „Светло сиво“ (1993) на Јаниќијевиќ, Митревски  и Поповски, а од поново време да го споменеме „Скопје ремикс“.

Но, во случајов со „8 минути и 19 секунди“, за нас, присутните во салата (и покрај обилниот дожд надвор), и за самите режисерски потписници на шесте приказни, главен виновник /мотиватор да се сними/ погледне и сила која го придвижува целиот проект е името и презимето на најпреведуваниот бугарски и воопшто, балкански писател во новиот милениум, Георги Господинов. А нему Седмата уметност воопшто не му е непозната, напротив. Уште во 2008 година по негово сценарио режисерката Надежда Косева го сними мрачниот „Омлет“, во кој жителите на една држава секој нареден ден се будат во се’ поголема и поголема сиромаштија. Осум години подоцна следи фантастичниот успех со исто така краткиот, но анимиран филм „Слепата Вајша“ на Теодор Ушев, кој постигна одличен фестивалски успех низ светот и на крајот влезе во конкуренција за престижниот Оскар, а екранизирана приказна на маестро Господинов е дел и од нашата кинематографија благодарение на режисерот Ѓорѓи Лазов, кој пред две години го реализираше 12-минутниот „Уште една шолја кафе“ за двајцата млади луѓе кои, по средбата на железничката станица, сфаќаат дека дефинитивно се еден за друг.

Интересно, Господинов има фантастични два романи, „Природен роман“ и „Физика на тагата“ , кои „плачат“ за екранизација. Сепак, нив повеќе ги сакаат театарџиите („Физика на тагата“ доживеа неколку театарски читања, меѓу кои е и она на Милош Андоновски во Кумановскиот театар), додека филмаџиите се одлучуваат за неговите раскази како, условно, полесен залак за пренесување на истите на сребрениот екран. Таков е случајот и со филмот кој е иницијација за овој осврт, составен од шест раскази поместени во книгата „И сè стана месечина“ (сите споменати книги, вклучувајќи ја и последната „Сите наши тела“, на македонски јазик ги издаде скопската издавачка куќа ИЛИ-ИЛИ). Господинов во сите случаи на екранизација на неговите приказни е потпишан како сценарист на истите, веројатно со радост учествувајќи во адаптацијата на она што е лично негово, на крајот дозволувајќи им на режисерите нивна сопствена интерпретација на материјалот, бидејќи дистанцата во секоја уметност е особено пожелна.

„8 минути и 19 секунди“, со поднаслов „Шест приказни за апокалипсата“, се отвора со текстот од првиот, истоимен расказ во збирката, со мали модификации во однос на прилагодувањето кон медиумот. „Во мигот кога започнуваш да го гледаш овој филм („да го читаш овој текст“ во книгата), сонцето можеби престанало да свети, но ти се’ уште не го знаеш тоа. Имаш уште цели 8 минути и 19 секунди додека дојде до тебе веста за неговата смрт. За толку време патува светлината од таму. Потоа ќе биде темно“ (превод на македонски јазик: Душко Крстевски). Потоа почнува првата, најкратка приказна во филмот, „Сечење на таткото“, всушност, „Потатковување“ во книгата (тој прекрасен, прекрасен збор!). Овој комплексен расказ во кој Господинов одлично го портретира момчето во домот без родители кој е во потрага по татко, еден од младите бугарски режисери сепак го екранизира само парцијално, односно, го зема само делот од приказната во кој Ситниот го „потатковува“ големиот костен во дворот, но не и статуата на Сталин, ниту пак кучето со милни очи. Токму затоа и овој дел прилично бргу финишира, со еден „блекаут“ во кој ја слушаме само завршницата во која главна улога има немилосрдната моторна пила. Инсистирањето на ситуација како во Фелиниевиот „Амаркорд“ во кој качувањето на дрвото е еден вид апстрахирање од светот на кој веќе не му верувате, веројатно не е доволна за ефектна реализација. Но, тоа е само влез во ова остварување, кое продолжува со „Лицата од последните дни“, еден многуслоен расказ кој започнува индикативно, со цитат кој ја става на пиедестал надоаѓачката апокалипса, чија закана се провлекува низ сите стории, но на лично ниво: „Апокалипсата не е задолжително оган и сулфур, јавачи, ангели што трубат, глобално разурнување. Понекогаш крајот на светот е нешто многу лично“. (Гаустин, „Последни записи“). Прекрасен сензибилитет, нешто слично како оној на Рејмонд Карвер, во чиј расказ еден од ликовите, знаејќи дека вечерта следи крајот на светот, обавува вообичаени нешта, ги мие забите, го гаси светлото и едноставно, си легнува во креветот и заспива. Оваа интригантна приказна на Господинов филмски е решена во црно-бела комбинација во софиското метро, во кое „бугарската Пети Смит“, како ангелот од Вендерсовиот „Небото над Берлин“, ги наслушнува мислите и разговорите на обичните луѓе, нејзини сограѓани, сè додека немирот длабоко во неа не си го направи своето. Како суштинска спротивност на овој лик е оној од следниот дел насловен „Кристина, девојката што мафта од возовите“. Во него продолжува наслушнувањето на Другиот како еден вид можна конверзација, но во оваа купе-приказна и двајцата протагонисти се со искри во очите, и истиот завршува со хепиенд, и покрај неминовната разделба на станицата што следи.

Во оваа средишна приказна има еден занимлив пост-модерен детаљ. Имено, кога главниот лик зема цигара од сопатникот, тој му подава кутија „Томасиан тобако“ од 1937 година, а овој му дофрлува дека сигурно истата ја земал од друга приказна. Со ова се отвора можност за суптилно претопување на дејствието меѓу шесте различни делови токму со вакви вињети, но супервизорот на проектот сепак се решава за подиректна варијанта, па решението лаконски е пронајдено во еден лик, фотографот (Симон Варсано), кој со својот апарат будно ги бележи сите случувања на различните судбини на протагонистите, без желба да интервенира, туку само да ги зароби во фрејмовите од својот фото-апарат, како неизбежност на која посведочил. Ова решение не е новина во филмската уметност, но на моменти изгледа симпатично.

„Старецот и морето“ е четвртиот краток филм во омнибусот, можеби најдобро решен на ниво на филмска слика пред сè поради импозантниот лик на старецот и неговата куќа на брегот од реката која е пред распаѓање, но не и за продавање. Играта на светлата и сенките е одлично филмски решена, а полу-чамецот во дворот кој никогаш веќе нема да исплови е одлична алузија на староста и минливоста на времето. Главен машки (и единствен) лик содржи и петтата приказна во филмот, насловена „Задоцнетиот подарок“. Во случајов оваа тажна божиќна приказна ни ја раскажува еден скитник, кој немајќи никого на светов, си прави приватна забава пред една јавна камера, обидувајќи се да влезе во улога на телевизиска ѕвезда, раскажувајќи неколку парчиња од својот живот, сосема разголувајќи ја душата пред нас, гледачите. Одличниот актер феноменално ја одигрува својата ролја, и иако фото-апаратот „Зенит“ многу доцна го добил од Дедо Мраз, откако со години му праќал писма, сепак, на крајот, и покрај тоа што ги освојува сите симпатии на гледачите, го наоѓаме таму надвор, незаштитен и замрзнат во снегот, додека пијаните дедо-мразовци шетаат околу неговото безживотно тело како халуцинации од оној свет. Ова не е божиќна приказна каква што би раскажал Оги Рен (Харви Кајтел) на Пол Остер, но е сосема доволна за најава на последниот дел од омнибусот, екранизацијата на мојот омилен расказ „Ќерка“ од збирката „И се’ стана месечина“. Ова емотивно силно парче проза, за жал, не е доволно добро доловено на големото платно, можеби поради замената на ликовите, па наместо чичкото-наратор и соучесник во личната приказна на таткото и ќерката-кукла, режисерот се одлучил за група тинејџери, неколку момчиња и девојчиња, чија игра сепак ја разводенува моќта на приказната. И на крајот очекуваната разрешница од расказот изостанува на екранот, односно, соучесникот, во случајов младото момче, се враќа по куклата, но во расказот тоа е многу посугестивно заокружено: „Минаа две години оттогаш. Таткото почина еден ден по операцијата. Марија веќе има седум години и додека ја довршувам оваа приказна, таа си игра на подот до мене“. Антологиски!

Сума сумарум, и „8 минути и 19 секунди“ ни ја потврдува констатацијата дека е многу тешко чувството што ти го создава квалитетната литература, особено она кое истекува од секој збор во расказите и романите на Георги Господинов, да се префрли во друг медиум, во случајов во филмската уметност. Овој филм останува симпатичен обид тоа да се стори на најдобар и најдобронамерен начин, но јас сепак повеќе уживам додека го читам неверојатниот Господинов.  До некоја следна екранизација на неговата проза, честам краток проблесок: „Состојбата на загинатите е стабилна, се збуни водителката на вестите… И во исто време кажаното е апсолутно точно. Не можам да се сетам за постабилна состојба“. (Лапсус, Сите наши тела)

Leave a comment