ЅВЕЗДИ ШТО НЕМА ДА ЗГАСНАТ

За ѕвездите што не згаснуваат – малку познато, малку непознато

 

МАРТИН СКОРСЕСЕ,

aмерикански филмски режисер – еден од најталентираните, сценарист, продуцент, историчар на филмот, гениј со италијанско потекло, кој со својата богата и разнолика филмографија даде незаборавен и неизбришлив придонес на современета холивудска индустрија.

Неговите филмови ТАКСИСТ (1976), РАЗУЛАВЕНИОТ БИК (1980), БОЈA НА ПАРИТЕ (1986), ДОБРИ МОМЦИ (1990) , КАЗИНО (1995) и ПОКОЈНИ (2006), се запишани во списокот на националното културно богатство во Конгресната библиотека на САД. И покрај тоа што има седумдесет и осум години и зад себе има снимено долга низа на играни филмови, документарни и неколку телевизиски, добиено над осумдесет најпрестижни светски награди, подеднакво толку номинации и еден Оскар за режија (ПОКОЈНИ).

Tој се’ уште не мисли да оди во пензија, напротив, полн со планови и планира се’ уште да снима, и е во преговори е со компанијата Парамаунт околу екранизацијата на љубовната приказна за најпознатиот љубовен пар од 20. век, Елизабет Тејлор и Ричард Бартон, додека со својата петта сопруга Хелен Морис и нивната ќерка Франческа ужива во семејниот живот. Но за да дознаеме нешто повеќе за овој генијален режисер, и можеби помалку познато, еден од најголемите филмски ерудити, треба да се вратиме во неговото минато, да почнеме од најраните години на неговото детство поминати во њујоршкиот доселенички кварт т.н. Мала Италија во Долен Менхетен.

Роден е на 17 ноември 1942 година како второ дете на италијанските доселеници од Сицилија, Лучијано англизиран во Чарлс Скорсесе и Катерина Капа, кои со години после венчавката во 1933 год. зборувале меѓусебно на својот мајчин италијански јазик. Живееле во Њујорк, во маало на сиромашни работници доселени од Италија, т.н. Мала Италија (Little Italy). Неговиот татко Лучијано (Чарлс) работел како пеглач во текстилна фабрика, а неговата мајка Кетрин била шивачка. Во времето кога почнале да живеат заедно, светот се’ уште поминувал низ последиците на економската криза која почнала уште во 1929 година и до срж ги осиромашила луѓето и младите сопружници одвреме-навреме прифаќале ангажмани како глумци, за да соберат долар повеќе за семејството, а за тоа имале и дополнителна причина, а тоа бил Мартин, кој од мал бил ќувствително и болежливо дете – докторите уште во неговата трета година му дијагностицирале астма. Во тоа време немало соодветни и ефикасни лекови, а и можности на Мартин да му се олеснат честите астматични напади, родителите исплашени и неуки му ја забранувале секаква физичка активност што го спречувало да се дружи и игра со неговите врсници. Така Мартин со години бил прикован за прозорот во нивниот скромен стан на третиот кат од зградата во сиромашниот кварт на њујоршкиот Менхетен, од каде по цели денови гледал што се случува во соседството.

„Може вам ви изгледа како досадно поминато време, но мене ми беше многу возбудливо и интересно; ја гледав улицата во која имаше две месарници, една рибарница и една слаткарница, и тука во денот поминуваа многу луѓе. Со време научив да запазувам детали, дa воочувам и да правам разлика во ситници, станав вешт и во читањето на човечките лица. Кога подобро ќе размислам имав бесплатно кино секој ден“ – се присетува Скорсесе. Неговите родители за да му го надокнадат пропуштеното детско играње често го воделе во кино, а на Мартин тоа му изгледало хипнотизирачки, и така полека кај него почнала да се раѓа страста за филмот која и денес се’ уште трае и не згаснувa. „Првите филмови кои ги гледав со моите родители беа од 1940-те и почетокот на 50-те години, бев воодушевен од филмовите иако некои од нив дури и воопшто да не ги разбирав. Но филмот како медиум ми стана опсесија. Откако ќе се вратев од кино, ги цртав сцените кои најмногу ќе ми се допаднеа, па така набрзо имав цел куп на хартии со цртежи кои неуморно ги прегледував и си замислував дека повторно сум на проекција“ – си спомнува и признава Скорсесе.

Филмот ДВОБОЈ НА СОНЦЕТО(1946) вестерн од Кинг Видор (King Vidor) и МОЌТА НА ЗЛОТО (1948) од Абрахам Полоникал (Eibrahham Polonical) му помогнале да ја разбере кинематографијата и до некаде да добие претстава за животот.

„Денес кога ќе се вратам назад со мислите, најпрво ми се појавува споменот за самото кино, кино салата; се сеќавам, во кино ме водеа мајка ми, брат ми, или татко ми, а моето прво чувство беше дека влегувам во волшебен свет; дебелиот тепих, мирисот на пуканките, темнината, чувството за сигурност, а најважно од се’, во мојата меморија е останато чувството дека се наоѓам во светилиште.“ Во раната возраст бил опседнат со историски спектакли. Особено му се допаднале филмовите ЗЕМЈА НА ФАРАОНИТЕ (1955) и ЕЛ СИД (1961) додека филмот НА ДОКОВИТЕ НА ЊУЈОРК (1954) на Елија Казан (Elia Kazan) е филм што оставил најголема трага во неговото детство. Во едно интервју тој ќе каже: „Изгледаше како камерата да е во нашата соба или не’ снима од најблискиот агол на улицата, во секоја сцена како да ги гледав своите блиски кои напорно работеа во Њујорк во тоа време. Овој филм и денес многу ми значи зошто тој прв ме поврза со надворешниот свет.“ Кога дошло време да избере со што ќе се занимава за да заработува за животот бил во голема недоумица; го привлекувала музиката и фантазирал, си се замислувал како еден ден ќе биде диригент – виртуоз или рок ѕвезда. Но и страста кон филмот не престанувала. На крај таа победила и се запишал на Филмската академија во Њујорк, дипломирал 1966 год, а како наставник во неа работел се’ до 1970 год. Во студентските денови како да сакал да надомести за се’ што пропуштил во детството, па по цели денови и ноќи се забавувал и лумпувал со пријатели и колеги меѓу кои биле Спилберг, Копола, Де Палма, Џорџ Лукас и други, кои подоцна како што знаеме сите оствариле големи режисерски кариери. Се разбира, во друштвото имало и многу девојки кои и покрај скромната појава и уште поскромната негова висина од 163 см. го сметале Мартин за привлечен маж. Една од нив била и неговата колешка од факултетот Лари Мари Бренан. Тие во нивната студентска врска час биле заедно час се разделувале, но кога Ларин останала бремена, тие во 1965 година се венчале и набрзо ја добиле нивната ќерка Кeтрин. За жал, и двајцата не можеле да се привикнат на брачниот живот и на непланираното родителство и после една година се разделиле, а подоцна и се развеле. Нивната ќерка Кетрин иако со Скорсесе живеела само една година сепак нешто наследила од неговите гени. Таа денес е успешна маркетинг промотерка и глумица. После разводот тој се вратил на бурниот ергенски живот, но и на страста за професијата која од ден на ден се повеќе растела – филмот.

Во тој период бил опседнат со европската кинематографија, и ги гледал филмовите на Роберто Роселини, Ингмар Бергман, Анджеј Вајда, Жан Лик Годар, Висконти (Roberto Rossellini, Ingmar Bergman, Andrzej Wajda, Jean-Luc Godard, Luchino Visconti)… Подоцна, кога станал славен, тој никогаш не ја пропуштал приликата да спомне дека тие режисери оставиле неизбришлива трага на неговото професионално созревање.

Уште како студент реализирал неколку кусометражни филмови. Својот прв краток филм ШТО ПРАВИ ОВАА УБАВА ДЕВОЈКА ОВДЕ? го снимил во 1963 год. потоа следеле НЕ СИ САМО ТИ МУРЕЈ (1964), и ВИЕТНАМ ’67 (THE BIG SHAVE, 1967), кој всушност бил еден вид обвинување на американската воена интервенција во Виетнам, а алтернативното име на филмот бил ВИЕТНАМ ‘67. Во 1968 год. го снима својот прв долгометражен игран филм, социјалната драма, во црно-бела техника КОЈ ЧУКА НА МОЈАТА ВРАТА?, потресна слика за законите на улицата, со автобиографски индиции и со нагласена анализа на карактерите. Го реализирал во нискобуџетни услови, а го снимал со својот колега студент и глумец Херви Кејтел и монтажерката Телма Шонмакер со кои ќе соработува покасно и во други филмови. Како супервизор на монтажа учествува во документарниот рок филм ВУДСТОК (1970) на М. Вадли (Michael Wadleigh), а подоцна, Скорсесе сам ќе го режира документарниот филм за последниот проштален концерт на култната рок група Д БЕНД (THE BAND), ПОСЛЕДНИОТ ВАЛЦЕР(1978).

Martin Scorsese, winner Best Director for “The Departed” (Photo by Jeff Kravitz/FilmMagic, Inc)

Во продукција на Роџер Корман (Roger Corman) го реализира филмот OПАСНА ДЕВОЈКА(1972), драма за една изгубена младост во годините на економската криза во Америка, а го допира и проблемот на американскиот синдикат. Скорсесе и Корман добро соработувале, а Скорсезе научил како филмовите да ги снима брзо и ефтино. Овие негови први снимени филмови не предизвикале некакво посебно внимание, а Скорсесе речиси и да бил анонимен за пошироката јавност. Но тоа не го обесхрабрило. Ја снима ганстерската драма УЛИЦИТЕ НА ЗЛОТО (1973), филм со кој покажа дека Холивуд доби нова режисерска ѕвезда. УЛИЦИТЕ НА ЗЛОТО е филм кој ја тематизира урбаната параноја на италијанскоамериканската безнадежна младина трауматизирана од црквата, мафиозно-гангстерските кодекси и самото маало – њујоршката Мала Италија – каде што се водат жестоки пресметки меѓу мафиите. Ликовите на Скорсесе, се неугледни луѓе од улицата,задоени со религиозен фанатизам кои својот живот го поминуваат во тој сиромашен амбиент полн со напади  закани, силувања и убиства. Главните улоги ги толкуваат Роберт де Ниро и Херви Кејтел, кои во тоа време биле анонимни актери.

Во овој филм почнува да се препознава неговиот стил; мачо мажи, крваво насилство, концепт на католичка вина и откуп, темните улици на Њујорк, динамична монтажа и современа рок музика.

Од темата на гангстерството, која станува негова главна преокупација, се дистанцира во одличниот филм АЛИСА НЕ ЖИВЕЕ ОВДЕ (1974).Ова е приказна за една самохрана мајка која скит низ Америка и нејзиниот обид да најде животно засолниште. Со овој филм доживеа прв комерцијален успех, а Елен Берсти се закити со ОСКАР за најдобра женска улога. Понесен од успехот ни самиот Скорсесе не насетува дека вистинската слава е пред него, што се покажало како вистина кога во 1976 год. го снима филмот ТАКСИСТ, кој го означи квалитетниот пресврт во кариерата на Скорсесе.

Тоа е возбудлива приказна, слика на ноќниот живот на Њујорк, на квартовите во кои владее криминал, проституција, нарко-бизнис и крвави пресметки. Прикажана е изопаченоста и напнатоста на велеградското живеење гледано со очите на еден осамен ноќен таксист, повратник од Виетнам, кого брилијантно го игра Роберт Де Ниро, кој работејки како ноќен таксист има можност да ги види сите грди лица на Њујорк. Со секое ново искуство тој си ја потхранува омразата спрема лажливците, криминалците, корумпираните политичари, проститутките, макроата и сиот велеградски џган. Посматрајќи ги постојано, во него се јавува желба да го збрише целото велеградско подземје, а таа желба ќе премине во страст за ликвидација. Роберт де Ниро на Скорсесе му станал омилен глумец и вистински пријател, кого и до денес го смета за најголемо актерско чудо кое Америка го имала некогаш. Филмот е добитник на „Гранд при“на фестивалот во Кан, ставен е на списокот за најдобри филмови во 70-те години и бил номиниран за 4 Оскари. Кариерата на младиот режисер како што ќе се покаже, тукушто започнува забрзано да расте. Меѓутоа не оди се’ така глатко. Охрабрен со успехот на ТАКСИСТ, Скорсесе во 1977 год. прифатил да го режира раскошниот музички спектакал ЊУЈОРК, ЊУЈОРК, прв негов високобуџетен филм. И овде повторно го ангажира Де Ниро чија партнерка е Лајза Минели која во тој период веќе била ѕвезда после улогата во КАБАРЕ(1973) со која ја воодушевила публиката. Иако песната со истиот наслов како филмот ЊУЈОРК, ЊУЈОРК постигнува голема популарност, филмот ја немал таа среќа, не постигнал ниту комерцијален ниту уметнички успех и набрзо бил заборавен. Скорсесе доживеал финансиски дебакл, почнал да тоне и почнал да зема лекови против депресија, но станал и зависник од кокаин. Своето рамо за плачење му го понудила Лиза Минели, која веќе имала искуство со зависноста, земајќи го во предвид нејзиниот неуспешен брак и многуте неуспешни врски. Скорсесе во тоа време и ставил крај на петогодишната врска со продуцентката Сенди Вентрауб која повремено се преплетувала во неговиот втор брак. Тој во 1975 год. се запознал со новинарката Џулија Камерон во хотелот Ст. Риџис во Њујорк, кога таа дошла службено да прави интервју со него. Само неколку месеци подоцна се венчале пред родната куќа на Јулија во Либертивилен. Нивната ќерка Доменика Елизабета Камерон Скорсесе која се родила во 1976 година не го дочекала ни првиот роденден со двајцата родители. Честите расправии со Јулија заради нејзиното опивање и одбивањето да се лечи од алкохол, резултирале со развод во 1977 година. Доменика, како и нејзината полусестра Кетрин, станува глумица, но работи и како продуцент, сценарист и режисер. Со два неуспешни брака зад себе, краткотрајната утеха покрај Лајза Минели и повеќе површни врски, тој морал да се соочи уште и со професионалниот дебакл. Неговото и онака нежно здравје додатно страдало заради лумпувањата и пијанчењата кои многу често ја поминувале дозволената граница. Поради внатрешно крварење завршува во болница каде што го посетува Де Ниро и при што го прашал дали сака да умре или да живее. Воедно му предложил да го снимаат филмот РАЗУЛАВЕНИОТ БИК. Подоцна Скорсесе ке изјави: „Признавам Де Ниро ми го спаси животот. Ме однесе во авантура и ме наговори да ја прифатам режијата на РАЗУЛАВЕНИОТ БИК (1980) и притоа ме натера да дадам се од себе.“

Тоа е клучниот момент за Скорсесе, цело свое знаење и умешност ги ставил во тој филм и бил уверен во себе дека тоа ќе биде крајот на неговата кариера. Се покажало дека сепак Де Ниро има „добар нос.“ Филмот за боксерската легенда Џејк Ламота постигнал голем успех. Филмот се базира на мотивите од биографијата на боксерскиот првак Џејк Ламота и зборува за човечките елементарни емоции и пориви поттикнати со проблемот на славата и падот. Американскиот филмски институт го прогласил за најдобар филм во 80- те ,бил номиниран за 8 Оскари, а Роберт де Ниро за улогата на Ламота го освои Оскарот. За потребите на улогата во филмот Де Ниро се поправил 28 кг. Иако неговите филмови  РАЗУЛАВЕНИОТ БИК(1980), ИДИОТСКА НОЌ(1985) БОЈАТА НА ПАРИТЕ (1986), критичарите ги пофалија, а на гледачите им се допаднаа, успехот на ТАКСИСТ остана најсветла точка во неговата богата и разнолика филмографија. Kреативниот потенцијал на Скорсесе во тоа време, како што признава и самиот, го стимулирала во голема мера десет години помладата глумица Изабела Роселини ќерка на шведската глумица Ингрид Бергман и италијанскиот режисер Роберто Роселини кого Скорсесе посебно го почитувал и ценел. Во 1979 година нивната љубовна врска ја крунисале со брак, но и двајцата многу брзо сфатиле дека не се еден за друг и заемно се разочарале. Изабела тврдела дека Скорсесе е прав конзервативец кој бара жената да го дочекува мажот дома со приготвен ручек и вечера, а на својата кариера да заборави. За разлика од неа, тој за својата трета сопруга како прав маж-џентламен никогаш не дал ниту една изјава. Нивниот развод во 1982 год. бил само формален бидејќи тие не живееле заедно ниту една полна година после венчавката.

Со три пропаднати брака до својата 40-та година,тој и покрај неуспехот во приватниот живот продолжил да снима филмови.

Robert De Niro, as Travis Bickle, and director Martin Scorsese, on the set of Taxi Driver. (Photo by Steve Schapiro/Corbis via Getty Images)

Најдобро се рангирале филмовите: ИДИОТСКА НОЌ(1985), црнохуморен филм кој ја доби наградата за најдобра режија во Кан; БОЈАТА НА ПАРИТЕ (1986), во кој темата е од миљето на професионалните играчи на билијард и зборува за моќта на парите и дистанцирањето од нивното влијание. Во главните улоги се појавуваат Пол Њумен и Том Круз; ПОСЛЕДНОТО ХРИСТОВО ИСКУШЕНИЕ (1988) е контраверзен еротизиран библиски филм кои го сними спрема познатиот роман на Н. Казанѕакис и беше номиниран за Оскар за режија; потоа следеше ДОБРИ МОМЦИ (1990) во кој е прикажана италијанската мафија во Америка и група момци кај кои владее законот за хиерархијата, солидарноста и конспиративноста. Хенри Хил (Реи Лиота) е главниот лик, водач на групата кој ги лаже пријателите без трунка срам и грижа на совеста, човек кој ја изгубил душата, но е и шармантен и омилен во средината, а во исто време е свесен за тоа, но жали за својот начин на живот. Филмот ја има добиено наградата БАФТА и СРЕБРЕНИОТ ЛАВ на филмскиот фестивал во Венеција и се вбројува и во 100-те најдобри филмски остварувања досега. Номиниран е за 6 Оскари, но режисерот и овој пат за „влакно“повторно останал без златната статуетка. Секако уште треба да ги спомнеме и филмовите ВРЕМЕ НА НЕВИНОСТ(1993), романтична мелодрама, еден од неговите поамбициозни филмови, номиниран за Оскар, а се забележува и влијанието на европскиот филм; филмот КАЗИНО(1995) во кој брилираше Ш. Стоун; КУНДУН (1997) номиниран за 4 Оскари; БАНДИТЕ НА ЊУЈОРК (2002) исто номиниран за Оскар; АВИЈАТИЧАРОТ(2004) номиниран за неколку Златни глобуси и неколку номинации за Оскар;ПОКОЈНИ (2006),номиниран за Оскар; ИРЕЦОТ (2020). номиниран за Оскар. Кога во 2006 год. во својата 64-та година од животот го добил долго одложуваниот и очекуваниот Оскар за филмот ПОКОЈНИ, излезе на сцената се заблагодари прашувајќи: „Господа, ви се молам кажете ми дали навистина јас го добив Оскарот? Ве молам проверете уште еднаш да не има некоја грешка?“ Скорсесе сам на себе си дал одишка во уште една страст од младоста – музиката. Бил вљубеник во музиката, а страсно сакал блуз, рок и соул. Има снимено 11 документарни филмови од кои три се посветени на неговите музички миленици. КАКО ДА СЕ ВРАЌАМ ДОМА (2003) кој зборува за почетоците на блузот; БЕЗ ДОМ (2005) го обработува почетокот од кариерата на Боб Дилан; и третиот НЕКА СВЕТИ e 120 минутен документарец за настапот на групата РОЛИНГ СТОУНС во њујоршкиот БИКОН ТЕАТАР (2006).

Иако неговите филмови имаат добиено многу награди, тој не успеал да добе баснословни профити од нив. Дури во 2010 год. со прекрасниот филм ОСТРОВОТ ШАТЕР, за една година успеал да оствари приход повеќе од 300 милиони долари, а потоа и со ИГО за кој добил 11 номинации за Оскар, Златен глобус и наградата БАФТА . За ИРЕЦОТ (2020), НЕТФЛИКС искеширал 105 милиони долари и од овој филм уште се очекува голема заработувачка. Во овој филм Скорсесе ги собира на исто место Роберт Де Ниро, Харви Кеител,Џое Печи и што е за чудење за првпат го ангажира Ал Пачино. Скорсесе во една прилика вели: „Холивуд е најбездушното место на земјата – машината за правење профит работи на помалку-повеќе добро познато гориво, а јас на тоа не сум навикнат.Тоа всушност е како со храната; луѓето по правило ја сакаат повеќе храната што не е здрава и што дебелее и поради лажното чувство на задоволство го јадат тоа што им штети. Себеси,на некој начин се сфаќам како заговорник на здравата храна.“ Во последните 30-тина година тој повеќе пати е прогласуван за еден од стоте највлијателни личности во светот па не треба да се чудиме што многу жени биле заинтересирани за него. Една од тие што не можеле да му оддолеат била и Барбара Де Фина, продуцентка која соработувала со Скорсесе на неколку филма. Имале интимна врска, а во 1985 год. се венчале. Но и овој брак,четврти по ред за Скорсесе не бил успешен, тие во 1991 год. се развеле, и многу негови пријатели очекувале дека тој како католик и голем верник нема повеќе да се впушта во брачните пустоловини. Но пријателите не биле во право, набрзо после разводот ја започнал врската со глумицата Илеана Даглас, бидејќи ни едниот ни другиот не размислувале за брак. Но се’ се променило кога ја прекинал врската со неа и ја запознал од него пет години помладата Хелен Морис. Бил со неа во врска две години, а потоа во 1999 год. по петти пат го изговорил судбоносното да. Имал 57 години, а таа 52 години, и баш заради нивната возраст на никому не му паѓало на памет дека невестата е трудна. Со раѓањето на третата ќерка тој добил нов смисол на животот, нова виталност. „Има нешто неодоливо во доцното родителство“ -објаснува Скорссесе, “Малото дете не ти дава време да размислуваш колку години имаш, а и на некој посебен начин те враќа во младоста. Кон ќерка ми Франческа сум многу попопустлив отколку што бев кон моите две постари ќерки. Ама да скратам, да не должам малата ме мота околу малиот прст,и ако јас сум свесен за тоа.“ И најмладата ќерка на Скорсесе тргнала по стапките на татко и’. Првата улога и била во неговиот филм АВИЈАТИЧАР(2004), а после тоа се појавила уште во 3-4 негови филмови.

Тој е познат со својата педантна работа која започнува од идејата на филмот па понатаму до крајната негова разработка. Во една прилика Кент Џоунс историчар и критичар на филмот кога го запрашал кога снима филм врз кои и на какви детали се фокусира, Скорсесе му одговорил: „Ако филмот е од одредена епоха тогаш се обидувам да ги претставам ликовите преку детали, ќе прашатe зошто, ќе ви одговорам веднаш, затоа што деталите ја одразуваат цивилизацијата, општеството. За мене на пример е многу важно како изгледа и што има на трпезариската маса. Еве ќе ви спомнам еден пример: во ДОБРИ МОМЦИ има една сцена каде што се гледа шише со кечап поставено на масата, тоа е сцена на вечерата со мајка ми, Џо Пеши и Роберт Де Ниро. Тие јадат фритата-омлет со компири, што го подготви мајка ми. Тогаш многу италоамериканци реагираа после оваа сцена: ‘Зошто шише со кечап на масата’ прашуваа. Знаете зошто, затоа што Де Ниро ја има улогата на Ирец и затоа деталот со кечапот е важен за неговата личност. Тоа покажува дека навиките на јадење се различни. Ете такви нешта за мене се важни, што јадат ликовите, како се облекуваат,каква музика слушаат? Сето тоа многу зборува за ликот.

И при крај да се потсетиме уште нешто за Скорсесе ако сме заборавиле или не сме знаеле. Прв филм што го гледал кога имал само 4 години бил филмот ДВОБОЈ НА СОНЦЕТО(1946) од Кинг Видор. Кога предавал во Њујорк во Тиш скул оф артс, меѓу другите, негови студенти биле Спајк Ли и Оливер Стон. Покрај тоа што се занимавал со режија тој сакал да си ја испроба среќата и како глумец, но често и го позајмувал и својот глас на многу ликови во своите филмови.Така во филмот СНИШТа на Акира Куросава  Мартин ја имал улогата на светски познатиот сликар Ван Гонг. Се појавува и во своите филмови КАЗИНО и ТАКСИСТ. Во ТАКСИСТ Мартин е вознемирениот патник во таксито. Таа улога била доделена на друг глумец, но тој ден тој не можел да дојде поради болест и така Мартин ја презел неговата улога. Понудената улога на психопатот Чарлс Менсон во ТВ филмот ХЕЛТЕР СКЕЛТЕР (1976) Мартин не ја прифатил. Роберт де Ниро му е омилен глумец, а ги запознал режисерот Брајан Де Палама . Во 70-те Скорсесе бил зависен од кокаин до таа мера што во 1978 год. го напуштил канскиот фестивал и отишол во Париз само за да купи кокаин. Роберт де Ниро му помогнал да престане со консумирање на кокаин. Секогаш кога Скорсесе снима со Боб (Роберт Де Ниро), го затвора сетот и не дозволува пристап на никого кој не е неопходен при снимањето. Филмот од Хичкок ПОВИКАЈ ГО М ЗА УБИСТВО им го препорачувал на своите студенти и ги советувал тоа да им биде лекција за монтажа. Забрането му е да патува во Тибет. Повод за таа забрана е неговиот филм КУНДУН (1997),биографска драма за Далај Лама прогонетиот политички и верски лидер) и кинеската инвазија врз Тибет во 1950 год. Номиниран е за 4 Оскари. Во 90-те со подршка на Вуди Ален, Кјубрик, Копола, Лукас и Р. Редфорд ја основал Филмска фондација, непрофитна организација за зачувување на загрозени филмови и превенција од пропаѓање на милиони метри филмска трака и на други филмски материјали кои непрописно се чуваат во архивите на големите филмски студиа. Кога не снима тој сам ги црта своите сторибордови, а секоја сабота за својата ќерка Франческа и нејзините пријатели организира филмска вечер.

Тој одлично соработува со глумците, па поради оваа особина тој се стекнал со висока позиција меѓу режисерите од т.н. нов Холивуд, а некои критичари го сметаат за најдаровит и најодважен американски синеаст во 70-те и 80-те години. Скорсесе во своите филмови го користи своето енциклопедиско знаење, се навраќа на старите филмови, но и на личните доживувања од стварниот живот, музиката која ја слушал, филмовите што ги гледал, книгите што ги читал, комбинирајќи го јасното и видливото, со духовното и емотивното, сензибилното со окрутното. Начинот на кој Скорсесе ја движи камерата, начинот на кој ја користи музиката, а и неговата одлична соработка со актерите, сето тоа ја обликува неговата работа. Секако не е прв режисер кој го прави тоа, но го работи тоа на единствен свој начин. Па затоа можеме да кажеме дека неговите филмови се посебни и се разликуваат од филмовите на другите режисери.

Leave a comment