Со проекција на ИСЦЕЛИТЕЛ на режисерот Ѓорче Ставрески во кинотечната сала „Одеон“ на Бугарската националната филмотека синоќа започна Неделата на македонскиот филм во Софија. Полната сала на „Одеон“, култно кино меѓу бугарските филмофили и автори, со аплаузи го пропратија филмот и гостите од филмската екипа на ИСЦЕЛИТЕЛ, актерот Аксел Мехмет и кинематограферот Дејан Димески.


Петар Карџилов, филмски историчар, Владимир Ангелов, директор на Кинотеката на Македонија, Антонија Ковачева, директорка на Бугрската национална филмотека, Аксел Мехмет, актер, Сашко Насев, директор на Културно-информативниот центар на Македонија во Софија, Игор Старделов, раководител на филмскиот архив во Кинотеката на Македонија, Росен Спасов, раководител на секторот за меѓународна соработка на Бугарската национална филмотека (од лево на десно)

Неделата на македонскиот филм во Софија е прво претставување на современата македонска кинематографија пред гледачите во Софија по подолго време, и е реализирана благодарејќи на соработката на Бугарската националната филмотека, Кинотеката на Македонија и Културно-информативниот центар на Република Македонија во Софија,  а под покровителство на Министерство за култура на република Македонија . На присутните пред проекцијата им се обратија македонскиот амбасадор во Бугарија, Марјан Ѓорчев и директорот на Кинотеката на Македонија, Владимир Ангелов.



Владимир Ангелов, Антонија Ковачева, Аксел Мехмет и амбасадорот на Македонија во Софија Марјан Ѓорчев

Како што посочи Антонија Ковачева, директорка на Бугарската националната филмотека, на разговорот со Мехмед и Димески по проекцијата на ИСЦЕЛИТЕЛ, македонските и бугарските филмски автори засегаат слични теми во нивните дела, со социјално-општествени проблеми кои се многу блиски за двете држави. Затоа и публиката на отворањето на Неделата на македонскиот филм во „Одеон“ реагираше со многу симпатии и смеа на поентите во црната комедија ИСЦЕЛИТЕЛ.

Аксел Мехмет, Дејан Димески и Антонија Ковачева

Неделата на македонскиот филм во Софија ќе трае до 27 јануари, вечерва во 18:00 ч. продолжува со проекција на КОГА ДЕНОТ НЕМАШЕ ИМЕ  на Теона Стругар Митевска. На 23 јануари, со почеток од 18:00 часот, ќе се прикажат краткометражните филмови ЕКЛЕР на Марко Ѓоковиќ, ДОЛОРЕС на Радован Петровиќ, ВИДИ ЈА ТИ НЕА на Горан Столевски и ДЕЦАТА ЌЕ ДОЈДАТ на Ана Јакимска. На 24 јануари, со почеток од 18:00 часот, ќе следи вториот блок краткометражни филмови: ПЕПИ И МУТО на Георги Унковски, АМБИ на Марија Апчевска, ТИЕ ДОЈДОА ОД ЦЕНТАРОТ НА СВЕТОТ на Дина Дума  и КОЛИВО на Андреј Волкашин. На 25 јануари од 18:00 часот е филмот ВРАЌАЊЕ на Кастриот Абдули на . На 26 јануари од 17:00 часот е филмот ЏГАН, а на 27 јануари (недела) од 17:00 часот, на затворањето на Неделата на на македонскиот филм во Софија ќе биде прикажан филмот GIPSY MAGIC на Столе Попов.

Leave a comment