Марина Костова:

25 години од ПРЕД ДОЖДОТ– ПРВИОТ МАКЕДОНСКИ СВЕТСКИ ПРИЗНАТ КЛАСИК

 

Кога на 6 септември 1994,ПРЕД ДОЖДОТ имаше светска премиера на 51. Венециски филмски фестивал, сите беа изненадени кога на првата официјалнапроекција во 18 часот, во големата сала на „Лидо“ се појави директорот на Мостра– легендарниот италијански режисер Џило Понтекорво. Тој ја пречека екипата на филмот и особено срдечно се поздрави со режисеротдебитант Милчо Манчевски. Додека разговараа, дојде еден од фестивалскиот протокол и почна забрзано да им кажува на луѓето да влезат на проекцијата.

А Џило го запре со раката и рече: „Додека јас зборувам, никој нема да ме прекинува“.

Режисерот Манчевски се сеќава дека тогаш Понтекорво му рекол: „Прашај кого што сакаш, сите ќе ти кажат дека јас за сите овие години колку што сум директор на Мостра, никогаш досега не сум дошол на проекција на еден филм кој е во конкуренција за награди. Ама за твојот филм решив да дојдам и лично да му изразам поддршка“.

Шест дена подоцна, кога ПРЕД ДОЖДОТ триумфираше на Мостра, освојувајќи го Златниот лав за најдобар филм и уште 9 други награди на фестивалот, Понтекорво на церемонијата извика: „Баста, сињор Милчо!“

Но беше далеку од доста – во следната година и пол – ПРЕД ДОЖДОТ, првиот македонски филм кој победил на најпрестижниот светски фестивал, освои уште 20-ина фестивалски награди низ светот, доби киноприкажување во 50-ина земји и како што вели британскиот финансиер и најзаслужен за постоењето на овој филм Сајмон Пери, „беше да побудалиш блиску до тоа да го освои Оскарот за најдобар странски филм“ во 1995.

„Њујорк тајмс“ потоа го вброи ПРЕД ДОЖДОТ меѓу 1000 најдобри филмови на сите времиња, Венеција именува една споредна награда на фестивалот според мотото на филмот „Кругот не е тркалезен“. ПРЕД ДОЖДОТ натаму продолжи да живее исклучителен живот во светот – беше предмет на научни конференции и десетици научни трудови, стана дел од наставната програма на стотици универзитети во светот, а во Италија е и дел од средношколската лектира,делото и авторот се споредувани со делата на Џојс, Кундера, Бергман, Тарковски.

„ПРЕД ДОЖДОТ ја впиша Македонија на светската мапа“, напиша легендарниот американски филмски критичар Роџер Еберт во февруари 1995 за американската премиера на филмот. Во јапонските весници цртаа мапи на Македонија за да објаснат од каде доаѓа филмот и како се изговара името на земјата. „Македонија, љубов моја“, „Од Македонија, со љубов“ и „Мајсторот од Македонија“ беа наслови во весници во САД, а „Милчо Македонецот“ во Италија.Со помош на ПРЕД ДОЖДОТ се изучуваше македонскиот јазик на универзитети во САД и Полска, а во Кореја – англискиот. Дури има и италијанско вино што се вика ПРЕД ДОЖДОТ, а во Болоња и во Џерси, САД има ресторани што се викаат така.

Филмот сèуште игра во разни ретроспективи и кинотечни програми насекаде низ светот, последната во октомври 2019 во Колумбија.

А во 1994, Македонија беше само едно ново име на светската мапа. Огромниот успех што филмот го имаше во светот, како и огромниот публицитет што го проследи тоа во светските медиуми, на името Македонија му дадоа лице и со тоа, дефинитивно, ја етаблираа како факт на светската мапа. За ПРЕД ДОЖДОТ се објавени над 5000 текстови на 50-ина јазици, неколку илјади текстови емитувани на радио и на телевизиските мрежи низ светот, има десетина илјади референци за овој филм на интернет.

Во една анкета во Македонија за најпопуларна личност во 1995, Манчевски беше на второ место, веднаш по тогашниот претседател Киро Глигоров.

Дваесет години подоцна, Манчевски во една пригода ќе се присети: „Понекогаш, кога сум во Њујорк, ми текнува дека во 1994, кога ПРЕД ДОЖДОТ беше избран да игра во конкуренцијата за награди, Венецискиот фестивал ми пиша љубезно писмо да ме праша какво е македонското знаме, оти никогаш не го виделе. Во 1993, ‘Бритиш скрин’ почна соработка со Македонија за ПРЕД ДОЖДОТ, иако Велика Британија немаше дипломатски односи со државава. Во 1995, кога ПРЕД ДОЖДОТ беше номиниран за Оскар, се скарав со Американската филмска академија оти одбив на свеченото доделување филмот да биде најавен како филм од ФИРОМ и успеав да оди под уставното име – Република Македонија“.

Во земјава, реплики од филмот станаа дел од популарната култура. Кон крајот на 1990-тите на зградата на Македонската опера и балет стоеше графит со дијалогот: „Нема тука да пукне, мирен е народот – така и за Босна викаа, сега Запад сеир гледа, чека да се испоколат“.

Репликата „Пукај бе, братучед“ веќе 25 години се испишува на разни објекти во Скопје, а беше мото и на транспарентите на сега веќе легендарните студентски протести во 2014-2015, исто како и „Кругот не е тркалезен“. По повод 25-годишнината од Златниот лав, едно кафуле во Скопје креираше коктел со име „Пред дождот“,кој редовно е на менито.

А 14 години по светската премиера, Македонија го доби својот прв светски признат класик: на 24 јуни 2008, легендарниот американски издавач „Крајтирион колекшн“ го издаде ПРЕД ДОЖДОТ на ДВД. Ова е прво комерцијално ДВД-издание во светот на нашиот најуспешен филм.

Професорката на Универзитетот Колумбија, Анет Инсдорф, во коментарот што е дел од ова ДВД, вели дека ПРЕД ДОЖДОТ е „едно од најдобрите дебија во историјата на филмот“[i], a професорката Ен Киби во книгата „Теорија на сликата“ вели дека е „еден од најзначајните филмови на деценијата“[ii].

Самиот факт дека на ДВД излезе по 14 години од светската кинодистрибуција, дека излезе во Америка (која не често објавува странски филмови) и дека го издаде баш „Крајтирион“, кој и самиот е класик и објавува само ремек-дела, јасно го потврдува статусот на класик за ПРЕД ДОЖДОТ. Со ова издание ПРЕД ДОЖДОТ влезе во богатата колекција на „Крајтирион“, кој на американската публика во изминативе децении ѝ ги промовираше најзначајните светски автори, од Бергман, преку Фелини, Куросава, Фасбиндер, Бресон, Озу, до Трифо, Реноар, Годар, како и комплетните дела од францускиот нов бран, италијанскиот неореализам, германскиот нов филм.

Кога ПРЕД ДОЖДОТ во 1994 година го освои Златниот лав, тоа беше првпат македонско дело не само да учествува рамноправно во светска конкуренција, ами и да победи.Многу ретко се случило малечката Македонија во светот да ја сметаат за рамна на себе, а – што е уште поретко – и ние самите така да се почувствуваме. Тој громогласен аплауз со кој светот ги прими филмовите на Манчевски за нас не беше само сплотувачки фактор, туку и извор на самодоверба и на национално самочувство.

Нека ми биде дозволено ова да го поткрепам со моето лично искуство со овој филм.

Во професионалниот живот на секој новинар, најубавиот момент е кога можеш да известуваш за светски релевантен настан кој е поврзан со твојата земја. А ако тој настан е убав, а не е војна или несреќа, тогаш тоа е вистинска среќа.

Јас имав среќа да известувам за премиерата на ПРЕД ДОЖДОТ на Венецијанскиот фестивал во 1994 кога освои Златен лав и во 1995 кога беше номиниран за Оскар.

Речиси десет години работев на еден голем проект на архивирање на животот и на одгласите за филмот низ целиот свет, кој во 2004 година резултираше со книгата „Дожд – светот за ПРЕД ДОЖДОТ на Милчо Манчевски“ што ја уредивме со колегата Благоја Куновски-Доре.

Дотогаш контактирав над 50 земји и уште толку фестивали во светот каде што играше филмот. И буквално секаде, кога ќе кажев дека се јавувам од Македонија во врска со ПРЕД ДОЖДОТ, бев пречекана со исклучителна почит. Не со патронизирачки тон во смисла – о, вие симпатични дивјаци, па и филм сте снимиле! Не, туку со вистински восхит и рамноправен прием.За илустрација – нека се спореди тој тон со оној на еден европратеник кој на крајот на 1990-тите во Скопје пред парламентот си го вртеше часовникот за да ни покаже дека времето ни одминува.

Во 1998 бев членка на жирито на Меѓународната федерација на филмски критичари – ФИПРЕСЦИ на Венецијанскиот фестивали сосема случајно се погоди токму од таа година фестивалот да востанови награда за млади автори именувана според мотото на ПРЕД ДОЖДОТ–„Кругот не е тркалезен“. А од следната учебна година, овој филм влезе во наставната програма за средните училишта во Италија.

Во 1995, со колешката Јагода Михајловска-Георгиева бевме првите македонски новинари поканети да известуваат од Грција – тоа беше само една година откако Грција го радикализира наметнатиот спор за името и ја затвори границата, а милион луѓе излегоа на антимакедонски митинг во Солун. Поводот за известување беше пак ПРЕД ДОЖДОТ– првиот македонски филм што играл на Солунскиот фестивал, а подоцна и во кино во Грција.

А по премиерата во Венеција и Златниот лав во 1994, грчкиот весник „Апогематини“ пишуваше: „Овој филм на младиот скопјанец би требало да го земе под заштита грчкото Министерство за култура и да им го покажува на членовите на комитетите на Центарот за кинематографија и на оние што доделуваат награди на грчки филмови што не успеале. Да ги повикува сите режисери и да им кажува: ете што направи скопјанецот за својата татковина, зашто и името на новосоздадената земја го направи познато!“

А весникот „Та неа“ заклучи: „Ова не е никаков антигрчки заговор. Жално е што и Грција не може да создаде филм вреден за Златен лав“. Дури и агенцијата „Франс-прес“ во веста за грчките реакции имаше наслов „Нема антигрчки заговор“.

Кинопремиерата во Грција беше во 1995, откако беше потпишана Привремената спогодба меѓу двете земји за спорот за името. „Еден филм – мост на пријателство со Скопје“, беше насловот во „Елефтеротипија“, каде што пишуваше: „Изненадувачки добар прв филм. Зошто и грчките истакнати режисери не можат да направат сличен филм?”

Сето ова, а на крајот и ДВД-то на „Крајтирион“, е и уште една потврда на вредноста на културната дипломатија: со ниедни пари не може да се купи тој публицитет, фактот дека земјава му станува поблиска на светот, и тоа преку едно уметничко дело, преку еден класик. Со ниедни пари не се купува тоа да може дело од една мала земја да влезе во лектира на друга земја. Со ниедни пари не се купува, и тоа десетици илјади пати да биде спомнувано во светските медиуми и на интернет, авторот да има можност во интервјуа да го изнесува пред голем аудиториум својот став и да ја промовира земјата.

25 години подоцна, јасен е фактот дека Манчевски ја отвори македонската култура кон светот и кон професионалноста. ПРЕД ДОЖДОТ беше македонско-француско-британска копродукција, во Македонија се снимаше 6 недели есента 1993, а потоа 3 недели во Лондон. Во најголемиот филмски успех Македонија вложи 7% во неговиот буџет –ПРЕД ДОЖДОТ беше 93 отсто финансиран од Велика Британија и од Франција. Неговиот втор филм ПРАШИНА беше 95 отсто финансиран од Велика Британија, Германија, Италија и Шпанија, а само 5 отсто од Македонија. Иако живее во Њујорк,во изминативе две и пол децении Манчевски својот професионален углед и искуство секојпат ги носел во Македонија. Во македонската култура преку македонските копродукции на Манчевски влегоа директни инвестиции од странски партнери и влади (Велика Британија, Германија, Франција, Италија, Шпанија, Бугарија и „Еуримаж“) во вредност од над 15 милиони евра, при македонски влог од околу 3 милиони евра. Со други зборови, 5:1.

Од практичен аспект, во Македонија цела една генерација домашни филмски работници и актери се школуваа со практичната работа на меѓународните копродукции на Манчевски снимани во земјава. Врвни светски професионалци со огромно искуство и талент од дури 14 земји, добитници на најпрестижни меѓународни награди, работеа на македонско тло и ги споделуваа своите искуства со нашите филмаџии и актери.

Неговите филмови етаблираа нова фаза во современата филмска продукција во Македонија (први меѓународни копродукции, воведување кастинг процес, сториборд, сублиминален тон; претставувања на македонски играни филмови на фестивали од А-категорија, светска кинодистрибуција на македонски филмови и друго).

Во глобални рамки, Манчевски е ценет поради естетските и филозофските достигнувања на својот опус. Споредуван е со Џојс, Кундера, Тарковски, Бергман, Кишловски. Но, светската јавност кај Манчевски уште повеќе го цени тоа што тој со својата работа и со своите ставови поставува меѓународни стандарди. Стандарди за иновативност во авторскиот пристап, за инвентивност во креативниот израз, но стандарди и за тоа како бескомпромисно се прави авторско, вредно дело, независно од огромниот напор кој е неопходен за да се зачува инегритетот на делото од упади на оние на кои уметноста не им е на прво место: финансиери, дистрибутери, цензори или политичари.

Искуството на ПРЕД ДОЖДОТ беше охрабрувачко и за другите креативци – тој им покажа дека можат слободно да се натпреваруваат со другите во светот, а не само во државата, иако не е лесно. Откако ПРЕД ДОЖДОТ победи во Венеција, веќе е нормално да очекуваме наши филмови да гледаме во Кан, Берлин, Ротердам, Санденс и да очекуваме тие да освојуваат награди. Веќе е нормално да очекуваме дело од македонски автор да биде рамноправен дел од светското културнонаследство.

За Македонија, опусот на Манчевски е од колосално, формативно значење. Од ПРЕД ДОЖДОТ(1994) до ВРБА (2019), неговите филмови освоија повеќе награди во светот и беа видени и почитувани во повеќе земји, од што и да е што е создадено во Македонија. Па сепак, прашање е дали современото македонско општество и култура, чие ткиво е систематски разјадено од тридецениската сурова посткомунистичка транзиција и кое просто патолошки избегнува саморефлексија, имаат капацитет да ја апсорбираат колосалноста на опусот на Манчевски и да ја негуваат како трајнонаследство. Во изминативе 25 години има константна дихотомија во односот на Македонија кон Манчевски како уметник и интелектуалец: омилен и почитуван од публиката, од една страна и игнориран, напаѓан, шиканиран од културниот естаблишмент, од друга страна. Токму неговото одбивање да го компромитира сопствениот авторски интегритет и подготвеноста гласно да го брани јавниот наспроти политичкиот, партискиот, идеолошкиот интерес се во средиштето на споменатата дихотомија и се извор на конфликт со естаблишментот. Резултат на тоа, особено по филмот МАЈКИ во 2010 година, каде што со форензичка прецизност се открива она што е, веројатно, единствената неоспорна вистина–агресивната недоветност на државниот систем, филм што тогашниот естаблишмент отворено го доживеа како напад и се обиде да го задуши, е фактот кој звучи речиси како иронија на судбината: најпознатиот македонски уметник во светот 8 години не можеше да работи во својата родна земја. Повторно се врати во Македонија во 2018 да го снима ВРБА, чија македонска премиера беше на 1 ноември 2019.

За многу гледачи од светот,ПРЕД ДОЖДОТ беше поттик да тргнат на пат и да дојдат да ја видат Македонија. Во архивата на Манчевски има стотици пораки и писма од гледачи од целиот свет кои сведочат за тоа.

„Пред 7 години слушнав за еден прекрасен филм наречен ПРЕД ДОЖДОТ, на начин како што во дамнешните времиња некој би чул за тоа дека во градот е познат исцелител или мистик“, пишуваше еден гледач од Израел и кажа дека оттогаш филмот го гледал повеќе од 10 пати, па дури и со тројца пријатели дошол во Македонија и отишол да ја види црквата на Канео во Охрид.

А дома, пак, за ПРЕД ДОЖДОТ, но и за сите негови дела, има и такви на коиим пречи како Манчевски „нè претставува во светот“, а тоа најдобро се сублимира во забелешката „па кај го најде тој скапан автобус?“

Одговорот на Манчевски веќе 25 години е речиси ист: „Моите филмови не се пропагандни пораки. Тие се уметнички дела. И сепак тие ја отсликуваат Македонија како земја во која живеат луѓе со комплексни судбини, со динамичен внатрешен свет и богатство на морално размислување. Тоа – и фактот дека од Македонија доаѓа вредно уметничко дело – е вистинската промоција на оваа култура. Не се согласувам со вашата потреба земјата и културата да се пропагираат со санитетски кич или со вашето срамење од материјална сиромаштија. Важно е духовното богатство и обидете се да го видите во себе. Во моите филмови тоа е повеќе од евидентно“.

А автобусот од ПРЕД ДОЖДОТ, ене го, уште вози секој ден по „Илинденска“, во центарот на главниот град.

Марина Костова

 

Leave a comment