На 12 март (вторник) во 20:00 ч., во преполната киносала на Кинотеката на Македонија беше промовирано научното дело „Музиката во македонскиот игран филм: од ФРОСИНА до ЛАЗАР“ на д-р Александар Трајковски, вонреден професор на Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕФТА во Скопје и раководител на неговиот Институт за аудиовизуелни уметности.

Д-р Александар Трајковски

Пригодни обраќања за книгата во издание на Кинотеката на Македонија имаа издавачот Владимир Ангелов, директор на Кинотеката, и филмологот Илинденка Петрушева, уредник на изданието, а промотор беше проф. д-р Ганка Цветанова. Присутните имаа можност да видат и два интересни блока со инсерти од македонските играни филмови, од ФРОСИНА (1952) до ЛАЗАР (2014), исполнети токму со музиката којашто е карактерична за тие наслови.

„Музиката во македонскиот игран филм: од ФРОСИНА до ЛАЗАР“ на д-р Александар Трајковски е првата пообемна музиколошко-филмолошка анализа на македонскиот игран филм. Истражувањата и анализите Трајковски ги правел за потребите на неговата докторска теза „Филмската музика како форма на комуникација: музиката во македонскиот игран филм во периодот од 1952 до 2011 година“, која ја одбранил во 2014 година на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања, под менторство на проф. д-р Ганка Цветанова, која е и рецензент на книгата.

Владимир Ангелов

Потсетувајќи на тоа како големите филмски мајстори ја користеле музиката, Владимир Ангелов посочи дека низ развојот на филмот има милион различни примери за музиката и филмот, и нема ниту правило ниту исклучок. Или, пак, сè е правило и исклучок.

Илинденка Петрушева

Филмологот Илинденка Петрушева нè потсети на користењето на музиката не само во македонскиот игран филм, туку и од самите почетоци на киноприкажувачката дејност во Македонија од почетокот на дваесеттиот век, кога проекциите на немите филмови биле одржувани со музичка придружба во живо.

Промовирајќи ја „Музиката во македонскиот игран филм: од ФРОСИНА до ЛАЗАР“, проф. д-р Ганка Цветанова укажа на методологијата користена при создавањето на ова научното дело, осврнувајќи се посебно на комуниколошката димензија што авторот Трајковски ја засегнал во него, не само преку музиколошката анализа, туку и низ интервјуа со живите композитори кои создавале музика за македонски играни филмови.

Проф. д-р Ганка Цветанова и д-р Александар Трајковски

Александар Трајковски е роден 1978 година во Скопје, дипломирал на Факултетот за музичка уметност во Скопје на одделот за музичка теорија и педагогија. На ФМУ под менторство на проф. д-р Викторија Коларовска-Гмирја го одбранил магистерскиот труд „Организацијата и содржината на музичката настава во Република Македонија во периодот од 1950 до 1962 година“. Трајковски учествувал на повеќе меѓународни конференции и симпозиуми со научни трудови кои обработуваат теми од областа на музикологијата и музичката педагогија и е автор на поголем број трудови објавени во реномирани музички и културолошки списанија и научни зборници. Автор е и на книгата „Зина Креља, сопран, првенка на Операта при Македонскиот народен театар“, а се јавува и како дел од авторскиот тим на монографијата за режисерот Бранко Гапо. Во моментов, со м-р Снежана Анастасова – Чадиковска работи на дополнувањето на второто издание на монографијата за оперската примадона Милка Ефтимова.

Срдечно заблагодарувајќи им се на промоторите и бројната публика, д-р Александар Трајковски раскажа како дошол до идејата за оваа книга, а потоа говореше за процесот на истражувањето, документирањето и анализирањето на податоците.

Фотографии: Христо Ловачев

Leave a comment