Кога некој фестивал го слави неговото 60то издание, обично се купуваат смокинзи и вечерни тоалети, или се проветруваат и чистат старите, добро очувани. Но, не е – и не мора да биде – со секој фестивал. Посебно фестивал кој го слави филмот. Е, сега, се поставува прашањето дали значаен јубилеј треба да се слави според принципот „ред историја, ред иднина“, или да се сведе на „ред гламур на red carpet“?

Солунскиот фестивал покрај своевидниот „кураторски концепт“ кој го воведе последниве три години под раководство на двоецот директори Елис Жаладо и Орестис Андреадакис, сепак не се откажа и од класичната фестивалска формула во која има место и за потврдени автори и поглед кон новите платформи. Шеесеттото издание на Солунскиот филмски фестивал, кој се одржа од 31 октомври до 10 ноември и сè уште го држи приматот на најголем филмски настан во регионот, ја акцентираше неговата историја, но многу повеќе се задржа на промислувањето на новите предизвици во поглед на фестивалскиот концепт. Меѓу тие два пола сè уште е бројната публика како заштитен знак на фестивалот, како своевидна фанатична „навивачка“ група и во моментите на слава и во моментите на финансиски кризи кои го намалуваа(т) буџетот. Солунскиот фестивал годинава се прошири на 10 кино локации (покрај 4 на пристаништето кај фестивалскиот центар и 2 во „Олимпион“ на плоштадот Аристотелис). Иако навидум бројка, тоа е добар знак за кондицијата и иднината на еден фестивал.

Сцена од „Брачна приказна“

Фестивалот беше отворен со американскиот филм „Брачна приказна“ во режија на Ноа Баумбах (со Скарлет Јохансон, Адам Драјвер, Лора Дерн, Алан Алда, Реј Лиота), приказна за сведување на сметките од десетгодишниот стаж заедничко живеење на двајца бродвејски артисти, режисер и актерка. Филмот е во продукција на „Нетфликс“, па оваа продукциско-прикажувачка платформа, освен Кан и венеција, го освои и Солун. Американски наслов и за затворање: „Јојо зајче“ во режија на Таика Ваитити (повторно со Скарлет Јохансон во една од улогите, покрај Роман Грифин Дејвис, Томасин Мекензи, Сем Роквел), е сатирична сторија за десетгодишно дете Јојо, кое членува на нацистичката младина и го „слуша“ само неговиот замислен пријател, Адолф Хитлер. Неговите детски, но сепак опасно индоктринирани фантазии за чистата раса, ќе се судрат во семејството, кога ќе сфати дека мајка му крие еврејско девојче од погромот…

Марко Белокио

Специјалните проекции на потврдените автори пред фестивалската публика ги донесоа Џон Вотерс, Алберт Сера и Џоана Хог лично, како и новите филмови на Алехандро Аменабар („Додека е војна“), Марко Белокио („Предавник“), Рој Андерсон, Елија Сулејман, Малгоржата Шумовска, Џесика Хауснер, браќата Жан-Пјер и Лик Дарден („Младиот Ахмед“).

Сцена од филмот на Аменабар

Гледачите имаа можност да погледнат над 200 филмови во десетина програми, а една од носечките програми, по која е препознатлив Солунскиот фестивал, секако е натпреварувачката, каде што се учествуваат први и втори дела на авторите (а годинешното издание ја донесе новината да можат да конкурираат и трети наслови).

Сцена од „Ќе има оган“

Жирито во оваа програма – составено од литванскиот режисер Ругиле Барзџиукаите, британскиот продуцент Жаки Дејвис, француската актерка Ариан Лабед, грчката актерка Ангелики Папулиа и германскиот режисер и куратор Виланд Шпек – сметаше дека најдобар филм е „Ќе има оган“ на шпанскиот режисер Оливер Лакс, кој ја доби наградата „Зкатниот Александар – Тео Ангелопулос“ (15.000 евра). Неговата сторија е за бивш затвореник кој се враќа во планинското село во Галиција; животот на главниот лик е полн со гнев а трагедијата која што не може да се избегне е најавена. „Сребрениот Александар“ (8.000 евра) му припадна на бразилскиот филм „Грозница“ во режија на Маја Да-Рин:  односот меѓу таткото (чувар) и ќерката (медицинска сестра која сака да замине во Бразилија да студира медицина), ситуиран во фавелите, е мешавина на фикцијата и документираната реалност. Специјалната награда на жирито, „Бронзениот Александар“ за најдобра режија, и припадна на Мелина Леон од Перу за „Песна без име“, трогателна сторија за потрагата на една Индијанка од Андите по нејзината ќеркичка, која е украдена за време на лечењето во една сомнителка болница.

Сцена од „Песна без име“

Најдобра актерка Грета Фернандез од Шпанија за улогата во „Ќерката на крадецот“, сторија за самохрана мајка која по долги години го среќава таткото. Најдобар актер е Амадор Ариас од наградениот филм на Лакс, „Ќе има оган“. Не беше меѓу наградените, но и американскиот филм „Голтање“ на Карло Мирабела-Дејвис остави впечаток на овој критичар, посебно заради брилијантната интерпретација на главната актерка Хели Бенет во улогата на младата бремена домаќинка која навидум го живее американскиот сон од најголемиот интензитет – совршен и успешен сопруг, уште посовршен дом за живеење – но од потсвеста полека се појавуваат старите душевни рани од детството кои не и даваат мир. Започнува со самоказнување, голтајќи опасни метални предмети, а продолжува со потрагата по несудениот татко…

Критичарите од ФИПРЕСЦИ ( Кристин Ален од Норвешка, Хаувик Хабечијан од Либан и Димитрис Бампас од Грција) сметаа дека најдобар филм е „Пазете на децата“ на норвешкиот режисер Даг Јохан Хаугеруд од интернационалната компетиција, и „Опсада на улицата Липерти“ на Ставрос Памбалис од националната грчка селекција, кој ги доби и наградите на грчките филмски критичари и националниот филмски центар. „Пазете на децата“ е драма од предградието на Осло, каде што живее средната класа, кое ќе биде  потресено откако ќерката на еден виден член на Социјалистичката партија несакајќи ќе усмрти соученичката, ќерка на виден политичар од десницата. Филмот ја доби и наградата за човечки вредности на ТВ каналот на грчкиот парламент.

Веќе неколку години на Солунскиот фестивал се одржува и програмата на ВР филмови (виртуелна реалност), а жирито на оваа програма (Симон Јохансен, филмски критичар и документарист; Бабис Макридис, режисер од новиот грчки бран; и Ирини Вијанели, режисерка на анимирани филмови) го награди „Патник“ на Изобел Нуелс од Австралија, а го истакна „Семејни портрети“ на Марија Мавропулу од Грција.

Солунскиот фестивал годинава воспостави уште една натпреварувачка  програма, насловена „Запознајте ги соседите“, во која учествуваат 10 филмови на автори од регионот. Жирито составено од режисерот Тарик Акташ, филмската критичарка Памела Биензобас и визуелната артистка Марија Кријара. Најдобар беше Ала Един Слим од Тунис со филмот „Заматеност“ (5.000 евра): интровертна сторија за кризата на идентитетот на две личности, војник и трудна жена, наизглед неповрзни меѓусебно. Војникот не се враќа од одсуството што го добива заради смртта на мајка му, а жената живее осаменички живот во една лукзусна вила; останува да видите што ќе се случи  откако двете изгубени души ќе се сретнат.

Вкусот на публиката, како и секогаш, е битен. Таа гласаше за грчкиот наслов „Дефункт“ на Захаријас Мавроедис од натпреварувачката програма, за „Опсада на улицата Липерти“ во националната селекција, за „Која е оваа земја!“ на хрватскиот режисер Винко Брешан во програмата „Балкански преглед“, и за „Ластовиците од Кабул“ на француските автори Забу Брејтмен и Елеа Гобе-Мевелек во програмата „Отворени хоризонти“. А од грчките наслови, освен „Опсада на улицата Липерти“, успешен беше и „Комсички колачиња“ на Ринио Драгасаки со награда на домашната филмска асоцијација.

Солунскиот фестивал веќе со години е една од точките на фестивалската европска мрежа каде што се промовираат трите номинирани филмови за наградата на Европскиот парламент, „Лукс“. Теона Митевска беше присутна и го промовираше нејзиниот најнов филм „Господ постои, името и е Петрунија“ пред публиката и новинарите, акцентирајќи ја феминистичката политика во уметноста.

Во посвети на јубијелното издание спаѓаат и изложбата на малку познатите артистички дострели на реномираниот грчки режисер Никос Кундурос, и стрипот „Фестивал“, креација на аниматорите Јоргос Гусис, Панаџотис Пантазис и Џорџија Захари, издаден специјално за 60-годишниот јубилеј.

Слика на Никос Кундурос

Публиката имаше можност да ја види поставката на сликите и цртежите на Кундурос (1926-2017), политички ангажиран автор од ерата на студиото „Финос филм“: првиот игран филм на Кундурос бил прикажан на првото издание на Солунскиот фестивал (кога бил само смотра на националната кинематографија); а претседател на фестивалот е кинематограферот Јоргос Арванитис, кој кариерата ја започнал токму во студиото „Финос“. Арванитис одржа и инспиративен мастер-клас, слично како и во Битола пред два месеци, на фестивалот на филмската камера „Браќа Манаки“, каде што ја доби наградата „Златна камера 300“ за посебен придонес во филмот.

Јоргос Арванитис (лево)

Запрашан што е потребно за добар филм, Јоргос Арванитис посочи три работи: добро сценарио, добро сценарио и добро сценарио!

Омажите на Џоана Хог, Грегори Маркопулос, Роберт Биверс и Алберт Сера беа празник за вистинските филмофили.

Џоана Хог

Џоана Хог е протагонист на новиот британски бран од 80те години на минатиот век, трансформирајќи ја социјална реалност во артизам, под менторство на култниот автор Дерек Џарман. На почетокот на кариерата од него позајмувала 8 милиметарската камера.

Алберт Сера

Алберт Сера спаѓа во еден од „најчудните“ автори од преминот на двата века во шпанската (каталонската) кинематографија: можеме да го наречеме промислувач на филмот, бидејќи колку и да можете да замислите неконвенционален пристап кон филмот, Сера ќе ве демантира со неговите „дела“. Неговиот најнов филм „Слобода“ можете да го гледате како „чуден“ филм, филмски концепт, па дури и како „едно големо ништо“, во кое неколку аристократи по буржоаската револуција 140 минути си разговараат со вордингот на Маркизот де Сад во една шума, а повремено практицираат и дел од неговите сексуални фантазии. Сера на неговиот мастер-клас истакна дека за него е битен процесот на снимање и монтирање, и тоа исклучиво според неговите лични критериуми за тоа што е убаво.

Сцена од „Слобода“

Грегори Маркопулос и Роберт Биверс се клучните фигури на американската филмска експериментална сцена од 70-те години на минатиот век, но, сепак, ѕвезда на годинешното фестивалско издание беше Џон Вотерс, легендарниот автор на „треш“ филмовите, но и „треш“ културата пошироко, кој ја доби наградата „Златен Александар“ за животно дело.

Џон Вотерс

Вотерс го распродаде неговиот перформанс во киното „Олимпион“ неколку дена пред да долета во Солун, а на мастер-класот ги советуваше младите филмаџии најпрвин да се снајдат со финансии, а потоа да пробаат и да го продадат тоа што го снимиле. Вотерс ја откри хероината на „треш“ културата Дивајн, межу делата ги има и „Пинк фламингоси“, но и холивудскиот „Плачливко“ („Cry baby“) со Џони Деп и бившата порно-ѕвезда Трејси Лордс во главните улоги, а со неговите настапи ги развесели фановите на тој жанр.

Душан Макавеев

Во стандардно одлично склопениот „Балкански преглед“, меѓу останатите, ги видовме „Која е ова земја!“ на Винко Брешан, „Таткото“ на Петар Валчанов и Кристина Грозева, „Свиркачи“ на Корнелиу Порумбоју, „Приказна за трите сестри“ на Емин Алпер, „Отворена врата“ на Флоренц Папас. Селекторот Димитрис Керкинос по неколкугодишни настојувања годинава успеа да ја реализира ретроспективата на неодамна починатиот Душан Макавеев (1932-2019). Макавеев е еден од најмаркантните автори на критичкиот политички филм во екс-Југославија, со „В.Р. Мистерии на организмот“ како заштитен симбол. Во рамките на таа програма и нов поглед на творештвото на Макавеев – новиот филм на Горан Радовановиќ, „Случајот Макавеев – Процес во киносала“: Радовановиќ снимил одличен документарец базиран на тонските ленти снимени за време на „дебатата“ во новосадското кино „Арена“, на која „спонтано“ присутните работници го осудуваат авторот, а низа критички настроени интелектуалци го бранат „В.Р. Мистерии на организмот“ по неговиот одличен настап на Канскиот фестивал во 1971 година.

 

Leave a comment