преземи прогама

ФИЛМСКИ ЦИКЛУС 100 ГОДИНИ БЕРГМАН
28 СЕПТЕМВРИ (ПЕТОК) 20:00 Ч. 
2 ОКТОМВРИ (ВТОРНИК) 18:00 Ч.

ЛЕТО СО МОНИКА
(Sommaren med Monika/Summer with Monika)
Игран филм, Шведска
1953 г., 96 мин., црно-бел, ДСП
Режија: Ингмар Бергман (Ingmar Bergman)
Сценарио: Пер Андерс Фогелстрем (Per Anders Fogelström)
Улоги: Хариет Андерсон, Ларс Екборг, Дагмар Ебесен (Harriet Andersson, Lars Ekborg, Dagmar Ebbesen)

Двајца тинејџери од работничката населба во Стокхолм, Моника и Хари (Андерсон и Екборг), се запознаваат еден летен ден. Се вљубуваат и, сакајќи да бидат заедно, ги напуштаат нивните работни места и семејствата.

Хари е 19-годишно момче, а Моника е 17-годишна девојка со бунтовен и безобѕирен дух, но со романтична душа. Го напуштаат предградието на Стокхолм и со чамецот на таткото на Хари заминуваат на мал изолиран остров. Летната љубовна идила на островот е прекината со недоразбирања заради финансиски причини. Кога се враќаат во градот, Моника открива дека забременила. Хари ја прифаќа одговорноста и решава да се ожени со Моника, созрева како човек, наоѓа работа, се враќа на факултетот да ги доврши студиите и се стреми да биде грижлив родител на нивната ќерка Џун. За тоа време Моника сака само авантури и забава.

ЛЕТО СО МОНИКА е еден од карактеристичните филмови на Бергман кои се сместени во летен амбиент и ги навестува неговите подоцнешни тематски преокупации по кои стана препознатлив автор – анализа на психата на жените.

 

ФИЛМСКИ ЦИКЛУС 100 ГОДИНИ БЕРГМАН
29 СЕПТЕМВРИ (САБОТА) 18.00 ч.
3 ОКТОМВРИ (СРЕДА) 18:00 ч.
ОСТРОВОТ БЕРГМАН
(Bergman och filmen, Bergman och teatern, Bergman och Fårö /Bergman Island)
Документарен филм, Шведска
2005 г., 85 мин., колор/црно-бел, ДСП
Режија: Мари Ниреред (Marie Nyreröd)

Документарецот на шведската национална телевизија претставува трилогија во која Бергман говори за неговата работа на филм, во театар и за островот Форе. Сите три документарни филмови се главно снимени во домот на Бергман на малиот остров во Балтичкото море.

Форе е своевиден азил на Бергман, и режисерката Ниреред е прва документаристка која имала пристап во неговиот дом. Во првиот дел од документарецот Бергман говори за неговите филмови, почнувајќи од првиот наслов МАЧНИНА (Hets/ Torment) во 1944 г., во кој бил асистент на режија, па сè до САРАБАНДА во 2003 г., со уникатен материјал од приватната архива на Бергман, снимен на филмските сетови.

Вториот дел содржи приказни за некои од 125-те претстави кои Бергман ги има режирано во театрите во Шведска и странство, за искуствата со телевизискиот медиум, посебно со успешната мини ТВ серија СЦЕНИ ОД БРАЧНИОТ ЖИВОТ (Scener ur ett äktenska/Scenes from a Marriage, 1973 Г.). Третиот дел е посветен на Форе, остров кој стана култно место заради Бергман. Тој раскажува за неговото детство и како тоа го обликувало како личност, како се вљубил во овој остров снимајќи го филмот ПЕРСОНА, но ги наведува и најголеми демони во неговиот живот.

 

ФИЛМСКИ ЦИКЛУС 100 ГОДИНИ БЕРГМАН
29 СЕПТЕМВРИ (САБОТА) 20.00 ч.
СЕДМИОТ ПЕЧАТ
(Det sjunde inseglet/The Seventh Seal)
Игран филм, Шведска
1957 г., 96 мин., црно-бел, ДСП
Режија: Ингмар Бергман (Ingmar Bergman)
Сценарио: Ингмар Бергман (Ingmar Bergman)
Улоги: Макс фон Сидов, Гунар Бјернстанд, Бенгт Екерот (Max von Sydow, Gunnar Björnstrand, Bengt Ekerot)

Приказната се одвива во 14 век, кога витезот Антониус Блок и неговиот штитоносец (помошник) Јенс се враќаат од крстоносните војни во нивната татковина Шведска, во која владе чума. На морскиот брег, додека се одмора од напорниот пат, витезот ја среќава Смртта, која дошла по него. Со оправдувањето дека неговото тело е подготвено, но не и душата, Антониус ја предизвикува на партија шах, со неговиот живот како влог.

Ако витезот ја изгуби партијата шах, тогаш Смртта ќе му го одземе животот; ако, пак, победи, ќе ги добие сите одговори на егзистенцијалните прашања што го мачат. Иако знае дека никој не ја победил смртта, Антониус ја игра партијата шах во неколку фази и на неколку места, сакајќи да добие на време и пред смртниот час да дознае дали постои Господ и бесмртна душа. Кога витезот конечно ќе пристигне во неговиот замок, во кој го пречекува сопругата, Смртта ќе тропне на вратата за го повлече последниот потег…

 

ФИЛМСКИ ЦИКЛУС 100 ГОДИНИ БЕРГМАН
30 СЕПТЕМВРИ (НЕДЕЛА) 18.00 ч.
НАВЛЕГУВАЈЌИ ВО БЕРГМАН
(Trespassing Bergman)
Документарен филм, САД
2013 г., 107 мин., колор,блуреј
Режија: Џејн Магнусон, Хинек Палас (Jane Magnusson, Hynek Pallas)
Учествуваат: Томас Алфредсон, Вуди Ален, Вес Андерсон (Tomas Alfredson, Woody Allen, Wes Anderson)

Учествуваат: Томас Алфредсон, Вуди Ален, Вес Андерсон (Tomas Alfredson, Woody Allen, Wes Anderson)

Документарецот ги обединува раскажувањата на веројатно најрепрезентативната група режисери, актери и сценаристи на денешнината, собрани во еден филм.

Дел од соговорниците на Џејн Магнусон и Хинек Палас доаѓаат на островот Форе, во домот на Бергман, каде што ги споделуваат личните впечатоци и размисли за него, а дел се снимени во местата ширум светот, каде што живеат и работат.

Меѓу учесниците во оваа документарна „фреска“ посветена на генијот се и неговите омилени актерки Хариет Андерсон и Пернила Аугуст (Harriet Andersson, Pernilla August), потоа Френсис Форд Копола, Роберт Де Ниро, Михаел Ханеке, Томас Винтерберг, Ларс фон Трир, Такеши Китано, Изабела Роселини, Мартин Скорсезе, Александер Пејн… (Francis Ford Coppola, Robert De Niro, Michael Haneke, Thomas Vinterberg, Lars von Trier, Takeshi Kitano, Isabella Rossellini, Martin Scorsese, Alexander Payne…)

 

ФИЛМСКИ ЦИКЛУС 100 ГОДИНИ БЕРГМАН
30 СЕПТЕМВРИ (НЕДЕЛА) 20.00 ч.
1 ОКТОМВРИ (ПОНЕДЕЛНИК) 18.00 ч.
ДИВИ ЈАГОДИ
(Smultronstället/Wild Strawberries)
Игран филм, Шведска
1957 г., 91 мин., црно-бел, ДСП
Режија: Ингмар Бергман (Ingmar Bergman)
Сценарио: Ингмар Бергман (Ingmar Bergman)
Улоги: Виктор Сјестрем, Биби Андерсон, Ингрид Тулин (Victor Sjöström, Bibi Andersson, Ingrid Thulin)

Пензионираниот професор Борг (Сјестрем) треба патува во Лунд, каде што треба да биде промовиран во почесен доктор. Ноќта по кошмарниот сон, решава да тргне на пат со Мариан (Тулин), која му раскажува за проблемите во бракот со неговиот син Евалд. За време на патувањето среќаваат млада автостоперка Сара (Андерсон), ја земаат неа и нејзините пријатели со нив.

Во друштво со младите професорот се присетува на детството, пропуштените прилики и грешките во животот. Откако ќе заврши свечената церемонија, Борг решава да ги смири тензиите меѓу снаата и синот, со кого, пак, има многу студен однос…

Оценето како репрезентативно дело на психолошкиот жанр, ДИВИ ЈАГОДИ го потврдува Бергман како еден од најголемите автори во светската кинематографија во втората половина на 20. век, а легендарниот режисер и актер Виктор Сјестрем, великан од ерата на шведскиот нем филм, ја игра прошталната роља.

ДИВИ ЈАГОДИ ги освои Златниот глобус за најдобар странски филм, БАФТА и Златната мечка на Берлинале, а беше и номиниран за Оскар.

 

ФИЛМСКИ ЦИКЛУС 100 ГОДИНИ БЕРГМАН
1 ОКТОМВРИ (ПОНЕДЕЛНИК) 20.00 ч.
ПЕРСОНА
(Persona)
Игран филм, Шведска
1966 г., 85 мин., црно-бел, ДСП
Режија: Ингмар Бергман (Ingmar Bergman)
Сценарио: Ингмар Бергман (Ingmar Bergman)
Улоги: Биби Андерсон, Лив Улман (Bibi Andersson, Liv Ullmann)

Воглер не е болна, туку едноставно избрала засекогаш да замолчи. Заедно со нејзината негувателна Алма заминуваат на еден остров и таму се развива интересен однос меѓу нив: колку што повеќе меѓусебно се конфронтираат во различни ситуации, толку повеќе се зближуваат. Кризата на идентитетот станува сè „покреативна“ со мешањето на двете личности во една персона.

ПЕРСОНА е оценет како ремек-дело на филмскиот модернизам и како најекспериментално дело во опусот на Бергман.

 

ФИЛМСКИ ЦИКЛУС 100 ГОДИНИ БЕРГМАН
2 ОКТОМВРИ (ВТОРНИК) 20.00 ч.
ЕСЕНСКА СОНАТА
(Höstsonaten/ Autumn Sonata)
Игран филм, Франција/Западна Германија/Шведска
1978 г., 99 мин., колор, ДСП
Режија: Ингмар Бергман (Ingmar Bergman)
Сценарио: Ингмар Бергман (Ingmar Bergman)
Улоги: Ингрид Бергман, Лив Улман, Лена Ниман (Ingrid Bergman, Liv Ullmann, Lena Nyman)

Шарлота Андергаст (Бергман) е пијанистка со светско реноме. Има две ќерки: Ева (Улман) и Хелена (Ниман). Ева, мажена со селскиот свештеник Виктор, трагично го изгубила единственото дете, а  Хелена со години е тешко хендикепирана.

Шарлота тагува по нејзиниот пријател, исто така музичар, кој починал по долготрајна болест, па Ева ја повикува мајка си да ја посети во селото, надевајќи се дека по долги години несогласување, ќе најдат меѓусебно разбирање. Наместо помирување, експлодираат несогласувањата и Ева ја обвинува Шарлота дека заради нејзината музичка кариера ги напуштила кога им била најпотребна мајчинската љубов. Кога страстите малку ќе се смират, Шарлота повторно заминува во нејзината осаменост исполнета со музика, а Ева и Виктор остануваат во нивното тивко село.

ЕСЕНСКА СОНАТА беше наградена со Златен глобус за најдобар странски филм, а ликот на Шарлота е последната филмска улога на Ингрид Бергман.

 

ФИЛМСКИ ЦИКЛУС 100 ГОДИНИ БЕРГМАН
3 ОКТОМВРИ (СРЕДА ) 20.00 ч.
4 ОКТОМВРИ (ЧЕТВРТОК) 17:00 ч.
ФАНИ И АЛЕКСАНДЕР
(Fanny och Alexander/Fanny and Alexander)
Игран филм, Шведска
1983 г., 188 мин., колор, ДСП
Режија: Ингмар Бергман (Ingmar Bergman)
Сценарио: Ингмар Бергман (Ingmar Bergman)
Улоги: Бертил Гуве, Пернила Алвин, Алан Едвал, Ева Фролинг, Кристина Адолфсон, Гун Вилгрен (Bertil Guve, Pernilla Allwin, Allan Edwall, Ewa Froling, Kristina Adolphson, Gunn Willgren)

Во добростоечкото семејство Екдал во шведската провинција се слави Божик, 1907 година. Главна во семејството е Хелена (Вилгрен), поранешна актерка во локалниот театар кој сè уште го води нејзиното семејство. Синот Оскар (Едвал) е режисер, а снаата Емили (Фролинг) актерка во семејниот театар. Десетгодишниот Александер (Гуве) и помладата сестра Фани (Алвин) се нивни деца.

Оскар тешко се разболува додека ја пробува улогата на Духот во Хамлет и набргу умира. Бискупот Вергерус ја теши вдовицата Емили, и тоа резултира со нов брак. Емили со Фани и Александер се сели во домот на бискупот, но децата не наоѓаат заеднички јазик со крутиот и бесчуствителен очув, кој постојано ги казнува, па утеха бараат во закрилата на еврејскиот трговец со антиквитети, Исак Јакоби, кој, пак, е љубовник на нивната баба Хелена…

Многумина го сметаат ФАНИ И АЛЕКСАНДЕР за тестаментарно дело на Бергман, своевидна синтеза на неговите авторски преокупации. Филмот е делумно инспирирано од неговиот живот и е добитник на 4 Оскари: за најдобар странски филм, фотографија, костимографија и сценографија.

 

ФИЛМСКИ ЦИКЛУС 100 ГОДИНИ БЕРГМАН
4 ОКТОМВРИ (ЧЕТВРТОК) 20.15 ч.
САРАБАНД
(Saraband)
Игран филм, Шведска, Данска, Норвешка
2003 г., 107 мин., колор, ДСП
Режија: Ингмар Бергман (Ingmar Bergman)
Сценарио: Ингмар Бергман (Ingmar Bergman)
Улоги: Лив Улман, Ерланд Јозефсон, Берје Алстед, Јулија Дуфвениус (Liv Ullmann, Erland Josephson, Börje Ahlstedt, Julia Dufvenius)

Триесет години по разводот Мариан (Улман) одненадеж решава да го посети поранешниот сопруг Јохан (Јозефсон) во неговата летна викендичка. Пристигнува токму во вителот на семејната драма меѓу Јохан и Хенрик (Алстед), неговиот син од вториот брак. Хенрик ја подучува неговата ќерка Карин (Дуфвениус) да свири на виолончело и тагува по неодамна починатата сопруга. Односите меѓу таткото и синот се затегнати и полни со расправии…

САРАБАНД е последниот филм на Бергман. Изворно е реализиран како телевизиски филм и продолжение на култната ТВ серија ПРИЗОРИ ОД БРАЧНИОТ ЖИВОТ по 3 децении.

 

СКОПЈЕ СИНЕМА СИТИ
5 ОКТОМВРИ (ПЕТОК) 19.00 ч.
КАКО ДА БЕШЕ НЕКОГАШ
(Kao da je bilo nekad)
Документарен филм, Србија
2008 г., 90 мин., колор, блуреј
Режија: Душан Весиќ

„Како да беше некогаш“ на режисерот Душан Весиќ е биографски филм за култниот бенд ЕКВ од Белград. Тоа е емотивна и возбудлива приказна за животот и смртта, за љубовта и омразата. Сите членови на креативното јадро на бендот починале во периодот од 1992 до 2002 г. Од друга страна, пак, голем е бројот на автори кои и ден-денес творат инспирирани музиката на овој бенд. Покрај трагичната судбина на членовите на бендот, во филмот се зборува и за поврзаноста на рокенролот со некогашните власти во СФРЈ, т.е. за новиот бран. Соговорниците зборуваат и за тешки теми, како што се каналите преку кои дрогите доаѓале од врвот на комунистичкиот режим и го наоѓале патот директно во процесот на создавање на една цела генерација во Белград. Преку сведочењата на пријателите на Милан и на неговите колеги, на музичарите, преку коментарите на критичарите и на историчарите на уметност, ќе проследиме една интересна и потресна приказна за Белград од осумдесеттите години на минатиот век, приказна за уметноста и за животот на една прерано созреана генерација. Ќе слушнете многу добра музика што го одбележа созревањето и има одреди музичкиот вкус на неколку генерации во поранешна Југославија, а која и денес има оставено силен белег на сите кои размислуваат и живеат урбано и слободно. Во 2018 година режисерот Весиќ ја објави биографската книга за Маги Стефановиќ „Како таа да беше некогаш“. По прикажувањето на филмот ќе следува разговор со режисерот и авторот и промоција на книгата.

 

СКОПЈЕ СИНЕМА СИТИ
5 ОКТОМВРИ (ПЕТОК) 21.30 ч.

ЗВУЦИ И ТИШИНА: ПАТЕШЕСТВИЈАТА СО МАНФРЕД АЈХЕР

(Sounds and Silence: The Travels with Manfred Eicher)

Документарен филм, Швајцарија
2009 г., 90 мин., колор, блуреј
Режија: Норберт Вајдмер и Питер Гајер

Манфред Ајхер е основоположник и главен музички продуцент што стои зад една од најпознатите независни музички издавачки куќи ЕСМ. Основана во 1968 г., оваа куќа може да се пофали со најпопуларните имиња од историјата на џезот,како Кит Џерет, Јан Гарбарек, Пет Метини, Гери Бартон, Еберхард Вебер, Чик Корија, Дејв Холанд и уште многу други, како и од современата класична музика: Стив Рајш, Арво Перт, Елени Каринду. Секое издание на ЕСМ е карактеристично по тоа што на едно место се среќава најдоброто од визуелните уметности со ауралните. Човекот што го постигнува тоа е Ајхер, кој патува насекаде по светот и ги снима овие музичари. Во овој филм, прикажани се неговите патешествија и работа со музичари во период од 5 години.

 

СКОПЈЕ СИНЕМА СИТИ
6 ОКТОМВРИ (недела) 20.00 ч.
ПОСТИГНИ ИЛИ УМРИ: ПРИКАЗНАТА ЗА ЛАНГ ЛАНГ
(Do or Die: Lang Lang’s Story)
Документарен филм, Велика Британија
2012 г., 90 мин., колор, блуреј
Режија: Метју Спрингфорд (Matthew Springford)

Ланг Ланг е еден најдобрите пијанисти на сите времиња и филмот ја следи неговата животна приказна од чудо од дете до светски феномен. Неговите настапи се секогаш распродадени и тој допира до публика која е далеку од традиционално класичната публика. Неговата популарност и способност да се поврзе со помладите генерации одиграле значајна улога во инспирирањето на повеќе од 40 милиони деца од Кина да почнат да учат да свират на пијано. Во филмот се прикажува приказната зад феноменот Ланг Ланг.

 

СКОПЈЕ СИНЕМА СИТИ
6 ОКТОМВРИ (недела) 21.30 ч.
СТИВ РАЈШ: СООЧУВАЊЕ СО ФАЗАТА

(Steve Reich: Phase to Face)
Документарен филм, Франција
2012 г., 60 мин., колор, блуреј
Режија. Ерик Дармон (Erik Darmon)

Заедно со Филип Глас, Ла Монте Јанг и Тери Рајли, Стив Рајш е еден од основоположниците на минимализмот во класичната музика. Тоа е правец што се јавува на крајот од 19҆60-те години  и буквално го превртува светот на класичната музика наопаку и одново го заживува. Денес овој автор се смета за еден од великаните на класичната музика. Филмот е портрет на овој великан и гледа ретроспективно кон неговата кариера од основањето на својата група во 19҆60-те, но создава и гледишта на американската авангарда за која тој помогнал да се основа, ни ги прикажува неговите експерименти, а сето тоа е проследено со настапи во Токио, Манчестер, Рим и Њујорк.

 

ФИЛМСКИ ФЕСТИВАЛ КИНЕНОВА СКОПЈЕ
6-12 ОКТОМВРИ 20.00 ч.

Киненова е независен филмски фестивал кој е основан со цел да даде шанса и силна поддршка на младите и нови филмски автори од земјата, од регионот и од светот. Тоа е простор кој е отворен за иновативни пристапи кон филмската нарација што го збогатуваат филмскиот јазик, како и тематски свежи приказни од најразлични светски култури и средини.
Во таа насока фестивалот има за главна цел да препознава нови таленти во светот на филмската уметност кои сè уште не биле забележани на филмската мапа, создавајќи можност истите да бидат препознаени и нивните филмски остварувања да бидат што подобро и пошироко претставени пред домашната и светската јавност.
Ваквиот концепт, кој е недвосмислено поставен уште на самиот почеток на најавената долга фестивалска приказна, со амбиција да изгради силна фестивалска традиција, јасно ја определува програмската концепција чија срцевина е главната натпреварувачка програма составена од дебитантски или втори филмови на режисери од цел свет.
Преку оваа, но и останатите надополнувачки програми и активности, Киненова постојано ќе ги поттикнува храбриот пристап, бунтовноста и прогресивноста на новите поколенија филмски творци, давајќи придонес кон промовирањето на новите филмски бранови кои треба да ја унапредат и оплеменат целокупната современа светска филмска уметност.

 

ФИЛМСКИ ФЕСТИВАЛ ЗА ДУХОВНИ И ХУМАНИ ВРЕДНОСТИ БОГОРОДИЧЕН ПОКРОВ

14-17 ОКТОМВРИ 20.00 ч.
Ни претставува голема чест и задоволство да Ве поканиме да бидете дел од третиот по ред Меѓународен филмски фестивал за духовни и хумани вредности „Богородичен покров“, кој годинава ќе се одржи од 14 до 17 октомври 2018 година во Скопје, во Кинотеката на Република Македонија. На фестивалот се прикажуваат филмови со духовни, хумани, морални, религиски, историски и семејни вредности и филмови од културното и духовно наследство.

 

Фестивалот е поддржан од Амбасадите на  Русија, Чешката Република, Словачка Република, Романија, Шпанија, Босна и Херцеговина и Словенија. Основачи на фестивалот се Коле Јовановски, ТВ монтажер и режисер, и Зорица Костовска, ТВ и филмски продуцент, дипломиран теолог и дипломиран дипломат.

Почесен Претседател на фестивалот е проф. д-р Јован Таковски, протојереј-ставрофор, а членови на Програмскот Совет се:  Драги Таневски – директор на фотографија, Владимир Ангелов – филмолог, проф. д-р Ѓоко Ѓорѓевски и Зорица Костовска, директор на фестивалот.

Со надеж дека филмовите ќе Ви бидат од полза за духовен развој и дека ќе придонесат за воздигнување на човечките и семејни вредности во опшеството, Ви посакуваме срдечно добредојде во деновите на фестивалот!

 

 ФИЛМ ПО ИЗБОР НА ГЕТЕ-ИНСТИТУТ СКОПЈЕ
18 ОКТОМВРИ (четрток) 20.00 ч.
ВИКТОРИА
(VIKTORIA)
Игран филм, Германија
2015, 134 мин., колор, блуреј
Режија: Себастиан Шипер
Сценарио: Себастиан Шипер
Улоги:  Лаиа Коста, Фредерик Лау, Франц Реговски, Бурак Јигит

Уживајќи во ноќниот живот во Берлин, младата Шпанка Викторија (Лаиа Коста), налетува на четворицата пријатели со прекари „Сонце“, „Боксер“, „Блинкер“ и „Стапало“. „Сонце“ (Фредерик Лау) и Викторија се зближуваат и се дистанцираат од групата. Но, токму тогаш завршува навидум вообичаената ноќна забава. Наместо да слават, „Сонце“ и неговите пријатели имаат сосема поинаков план. Мора да подмират стар долг и одеднаш Викторија ќе се најде среде грабеж на банка. Она што на почетокот ѝ се чини како возбудлива авантура, набрзо ќе премине во кошмар. Кревката среќа на Викторија и „Сонце“ ќе биде ставена на големо искушение.

 

ФРАНЦУСКИ КИНО КЛУБ
19 октомври (петок) 20:00 ч.
М
(М)

Игран филм, Франција
2017 г., 100 мин., колор, блуреј
Режија: Сара Форестје (Sara Forestier)
Сценарио: Сара Форестје (Sara Forestier)
Улоги: Сара Форестје, Редуан Aрјан, Жан-Пјер Лео (Sara Forestier, Redouanne Harjane, Jean-Pierre Léaud )

Лила (Форестје) и Мо (Арјан) се среќаваат на автобуска станица. Лила има делумно парализиран говор, па често комуницира со пишување, а Мо е убаво и харизматично момче, кое под површината на спокојниот изглед крие зависност од адреналин. Лила ги подготвува испитите на факултет, а Мо заработува возејќи брзи автомобили на незаконски трки. Толку се различни, но можеби затоа и се вљубуваат. Но, Мо крие една голема тајна, што може да им пречи во нивната врска: не знае да чита…

Форестје (31) уште како тинејџерка влезе во светот на филмот, дебитирајќи во ИГРИ НА ЉУБОВТА И СРЕЌАТА (L ‘Esquive/Games of Love and Chance) на Абделатиф Кешиш (Abdellatif Kechiche). За таа улога ја доби престижната награда „Цезар“. Досега има снимено 40 филмови и ТВ серии со водечките француски режисери.

 

НЕДЕЛА НА ЈАПОНСКИ СОВРЕМЕН ФИЛМ
22 ОКТОМВРИ (ПОНЕДЕЛНИК) 20.00 ч.
ЖИВОТНО ВЕТУВАЊЕ
(A Living Promise)
Игран филм, Јапонија
2016 г., 120 мин., колор, ДСП
Режија: Кан Ишибаши (Ishibashi Kan)
Сценарио: Масахиро Јошимото (Masahiro Yoshimoto)
Улоги: Јутака Такенучи, Јосуке Егучи, Тори Мацузака, Тошијуки Нишида, Такеши Китано (Yutaka Takenouchi, Yosuke Eguchi, Tori Matsuzaka, Toshiyuki Nishida, Takeshi Kitano)

Директорот на една ИТ компанија Накахара (ЈутакаТакенучи) е зависник од работа. Добива повик од близок пријател кого го немало три години. Но, пријателот умира пред да се сретнат. Директорот истражува и открива дека неговиот пријател ја водел организацијата на еден популарен телевизиски фестивал, кој заради финансиски причини бил преселен во друг град, па сега сака да ја исправи неправдата што му е нанесена.

Режисерот Кан Ишибаши има богато телевизиско искуство и сторијата ја има сместено во милјето на ТВ продукцијата и фестивалите.

 

НЕДЕЛА НА ЈАПОНСКИ СОВРЕМЕН ФИЛМ
23 ОКТОМВРИ (ВТОРНИК) 20.00 ч.
ВАНКУВЕР АСАХИ

(The Vancouver Asahi)
Игран филм, Јапонија
2014 г., 132 мин., колор, ДСП
Режија: Јуја Ишии (Yuya Ishii)
Сценарио: Сатоко Окудера (Satoko Okudera)
Улоги: Сатоши Цумабуки, Казуја Каменаши, Рио Катсуџи (Satoshi Tsumabuki, Kazuya Kamenashi, Ryo Katsuji)

Епска драма за јапонските доселеници во Канада на почетокот на 20-от век. Трагајќи по подобар живот, тие во Канада се сочувааат со општествени превирања, сурова реалност, исцрпувачка работа и расна дискриминација.

Јапонските мигранти го покажуваат нивниот борбен дух со формирање на бејзбол клуб, кого ќе го наречат Ванкувер Асахи, и тој ќе им донесе зрак на надеж во нивните животи…

 

НЕДЕЛА НА ЈАПОНСКИ СОВРЕМЕН ФИЛМ
24 ОКТОМВРИ
(СРЕДА) 20.00 ч.
ПЕЈ ГО МОЈОТ ЖИВОТ
(Sing My Life)
Игран филм, Јапонија
2016 г., 125 мин., колор, ДСП
Режија: Нобуо Мизута (Nobuo Mizuta)
Сценарио: Томоко Јошизава (Tomoko Yoshizawa)
Улоги: Микако Табе, Мицуко Баишо, Јун Канаме (Mikako Tabe, Mitsuko Baisho, Jun Kaname)

Музичка комедија за 73-годишната Кацу, која е незадоволна од нејзиниот живот. При посетата на едно фотографско студио, нејзиниот живот и тело се транспортирани во 20-годишната Отори Сецуко (Табе).

Сецуко е новата ѕвезда на естрадата која ја освојува публиката со својот привлечен изглед и феноменалниот глас. Но, дали јавноста ќе се посомнева дека новата музичка ѕвезда е, всушност, остарената дама?

 

НЕДЕЛА НА ЈАПОНСКИ СОВРЕМЕН ФИЛМ
25 ОКТОМВРИ (ЧЕТВРТОК) 20.00 ч.
ИСКРА НА ЖИВОТОТ
(A Sparkle of Life)
Игран филм, Јапонија
2013 г., 81 мин., колор, ДСП
Режија: Банџи Сотојама (Bunji Sotoyama)
Сценарио: Банџи Сотојама (Bunji Sotoyama)
Улоги: Казуко Јошијуки, Акира Такарада, Гаку Јамамото (Kazuko Yoshiyuki, Akira Takarada, Gaku Yamamoto)

Откако ќе види една убава венчаница во градот, Тае, која е 77-годишна вдовица, добива инспирација и решава да си најде нов партнер. Се зачленува во агенцијата за запознавање партнери и, игнорирајќи ги советите на нејзините блиски, треба да ја оствари првата средба со господинот Јуичиро Носе (Гаку Јамамото)…

 

НЕДЕЛА НА МЕКСИКАНСКИ ФИЛМОВИ
26 ОКТОМВРИ (ПЕТОК) 20.00 ч.
ПОЛОВИНАТА НА СВЕТОТ
(
La mitad del mundo/ Middle of the World)
Игран филм, Мексико
2009 г., 92 мин., колор, ДСП
Режија: Хаиме Руиз Ибањес (Jaime Ruiz Ibáñez)
Сценарио: Хаиме Руиз Ибањес (Jaime Ruiz Ibáñez)
Улоги: Луиса Хуертас, Хансел Рамирез, Сузана Салазар (Luisa Huertas, Hansel Ramírez, Susana Salazar)

Главен јунак во оваа драмска комедија е Минго, 25-годишен човек со делумна ментална попреченост. Тоа не е пречка за Минго да биде имагинативен и харизматичен поет. Неговото сексуално будење му носи популарност како голем љубовник во малиот град во кој живее, но и проблеми.

Сепак, токму случувањата околу Минго ги откриваат лажните вредности во локалната средина и морални предрасуди на неговите сограѓани.

 

НЕДЕЛА НА МЕКСИКАНСКИ ФИЛМОВИ
27 ОКТОМВРИ (САБОТА) 20.00 ч.
СТУДЕНТОТ
(El estudiante/The student)
Игран филм, Мексико
2009 г., 95 мин., колор, ДСП
Режија: Роберто Гираулт (Roberto Girault)
Сценарио: Роберто Гираулт, Оливиа Нуњез, Гастон Павлович  (Roberto Girault, Olivia Núñez, Gastón Pavlovich )
Улоги: Хорхе Лават, Норма Лазарено, Хосе Карлос Руиз (Jorge Lavat, Norma Lazareno, José Carlos Ruiz)

Приказната се одвива во убавиот град Гуанахуато и ни говори за еден 70-годишен маж, наречен Чано, кој по пензионирањето, и покрај возраста, ќе одлучи да се запише на Универзитет за да ја изучува литературата. Чано се обидува да го скрши генерацискиот јаз меѓу него и останатите колеги-студенти преку неговата пасија за ликот и делото на Дон Кихот од романот на Мигуел де Сервантес, веројатно најпознатата парадигма за залудната „борба против ветерници“ која трае од 17-от век до ден-денес. Иако Чано се судира со различните традиции, сите ги споделуваат своите соништа и искуства.

Филмот ја освои наградата за мексикански филмски критичари „Диоза де Плата“ („Diosa de Plata“), и покрај тоа што не беше номиниран во ниту една категорија од страна на мексиканската филмска академија. СТУДЕНТОТ е истакнуван заради одличната глума и вбројуван меѓу најдобрите мексикански филмови досега.

 

 НЕДЕЛА НА МЕКСИКАНСКИ ФИЛМОВИ
28 ОКТОМВРИ (НЕДЕЛА) 20.00 ч.
СИФРАЖЕТКИТЕ
(Las sufragistas)
Документарен филм, Мексико
2012 г., 90 мин. колор. ДСП
Режија: Ана Круз Наваро (Ana Cruz Navarro)
Учествуваат: Мишел Бачеле, Габриела Кано, Еуфросина Круз (Michelle Bachelet, Gabriela Cano, Eufrosina Cruz)

Приказна за Еуфросина Круз Мендоза, жена од заедницата Запотек (Zapotec) – автохтони Индијанци од пред доаѓањето на Кристифор Колумбо – во регионот Санта Марија Квиголани (Santa Maria Quiegolani), држава Оаксака, Мексико (Oaxaca, Mexico). Ана Круз Наваро во СИФРАЖЕТКИ (првите активистки за правата на жените) го прикажува политичкиот ангажман на Еуфросина Круз, која победила на изборите во општина Оаксака,  како и долготрајната борба на мексиканската жена за политичка моќ, почнувајќи од револуционерниот период.

Филмот ги разгледува и предизвиците со кои се соочуваат жените на власт. Меѓу нив е и Мишел Бачеле, претседателка на Чиле во два мандати (2006-2010 и 2014-2018), чиј татко Алберто Бачеле Мартинез (Alberto Bachelet Martínez), генерал на воената авијација, бил жртва на диктатурата на Аугусто Пиноче (Augusto Pinochet). Бачеле, по емигрантскиот живот со нејзината мајка, е првата жена што ќе биде избрана за претседателка на Чиле и првата жена избрана за шеф на државата во Јужна Америка (не сметајќи ја Изабел Перон, која практично ја наследи претседателската функција на Аргентина по смртта на нејзиниот сопруг Хуан Перон, како негова трета жена, претходно избрана за негова потпреседателка (сепак, Изабел ја немаше популарноста меѓу народот како првата сопруга на Перон, легендарната Евита).

 

НЕДЕЛА НА МЕКСИКАНСКИ ФИЛМОВИ
29 ОКТОМВРИ (ПОНЕДЕЛНИК) 20.00 ч.
ЗЕМЈАТА НА ТИШИНАТА
(En la Estancia/ The Land of Silence)
Игран филм, Мексико
2014 г., 106 мин. колор, ДСП
Режија: Карлос Армела (Carlos Armella)
Сценарио: Карлос Армела (Carlos Armella)
Улоги: Хилберто Бараза, Валдо Фако, Наталија Гато (Gilberto Barraza, Waldo Facco, Natalia Gatto)

Во напуштеното село Ла Естанција, заробено во времето и просторот, се воспоставува блиска врска помеѓу последните жители и документаристот кој дошол да сними филм за нивните животи. Повеќето од жителите го напуштиле гратчето во потрага по подобар живот и заминале во САД, бидејќи во нивното родно место ветувањата се направени од прашина.

Се развива невообичаена врска меѓу еден од последните жители, Хуан Диего (Хилберто Бараза) и филмскиот режисер Себастијан (Валдо Фако). По неколку години, документаристот се враќа да го комплетира својот филм и повторно ги открива неговите ликови, но наскоро сфаќа дека сè е променето и никогаш нема да биде исто. Единственото нешто што останува од Ла Естанција е ехото на нивните гласови.

Продуцент на филмот е Алехандро Гонзалез Ињариту (Alejandro González Iñárritu), еден од најславните светски филмски автори на денешнината, кој кариерата ја започна во родното Мексико.

 

НЕДЕЛА НА МЕКСИКАНСКИ ФИЛМОВИ
30 ОКТОМВРИ (ВТОРНИК) 20.00 ч.
ВО ПАПОКОТ НА НЕБОТО
(En el ombligo del cielo/ In the navel of heaven)
Игран филм, Мексико
2012 г., 106 мин., колор, ДСП
Режија: Карлос Гомез Оливер, Карлос Гомез  (Carlos Gómez Oliver, Carlos Gómez)
Сценарио: Карлос Гомез Оливер, Карлос Гомез  (Carlos Gómez Oliver, Carlos Gómez)
Улоги: Магали Бојсел, Ное Хернандез, Монсерат де Леон (Magali Boysselle, Noé Hernández, Montserrat de León)

Арогантната млада адвокатка Андреа (Магали Бојсел) останува на работа доцна во петочната вечер за да заврши голема задача. Сакајќи да излезе на свеж воздух, се качува на покривот од зградата каде се наоѓа нејзината канцеларија. Но, останува заробена цел викенд во друштво со Гвалберто (Ное Хернандез), служител во хотелот.

Иако целосно различни како личности, двајцата „насукани гости“ во стаклениот океан (канцеларија) имаат време на претек, па ги споделуваат размислите за нивните животи и системи на вредности.

 

 

НЕДЕЛА НА МЕКСИКАНСКИ ФИЛМОВИ
31 ОКТОМВРИ (СРЕДА) 20.00 ч.
ДОБАР ДЕН, РАМОН
(Guten tag, Ramón)
Игран филм, Мексико
2013 г., 120 мин., колор, ДСП
Режија: Хорхе Рамирез Суарез (Jorge Ramírez Suárez)
Сценарио: Хорхе Рамирез Суарез (Jorge Ramírez Suárez)
Улоги: Кристијан Ферер, Ингеборг Шенер, Адриана Бараза (Kristyan Ferrer, Ingeborg Schöner, Adriana Barraza)

Рамон (Кристијан Ферер) е младо момче од мало мексиканско гратче кое се обидува да ја премине границата со САД по петти пат, но не успева. Неговиот пријател му раскажува за неговата тетка што живее во Германија и дека таму има подобар живот. Рамон решава да оди во Германија за да најде тетката на пријателот.

Откако ќе пристигне во Германија нема да ја најде тетката, па останува без пари и засолниште на улица в зима. Се бори за да преживее на секаков начин. Ја запознава Рут (Ингеборг Шенер), осамена пензионерка, која му обезбедува стан во подрумот на зградата и основни работи за живот. Меѓу нив се раѓа пријателство што ги надминува јазичните граници и расните предрасуди, па на Рамон му се враќа вербата во подобрата иднина…

Остави коментар