Филмски архив

Во филмскиот архив (Одделение за заштита, чување и обработка на филмови и филмски материјали) на Кинотеката на Република Северна Македонија се собираат, чуваат, реставрираат, каталогизираат и обработуваат филмовите, првенствено од националната продукција. Во филмскиот архив се депонирани над 6.000 наслови со повеќе од 16.000 копии (филмски наслови и документација, негатив слика и негатив тон, работни и тонски копии), или над 64.000 ролни филмска лента, од националната, но и од странска продукција. 

Покрај националниот филмски фонд (филмови снимени во периодот на институционалната кинематографија, од 1947 година до денес), во Кинотеката се чуваат и два фонда од исклучително значење: Филмскиот опус на браќата Манаки (оригиналните нитратни негативи и сите заштитни копии) и документарниот филм „Македонија во слики“ (1923) на Арсениј Јовков (изворна нитратна позитив слика и заштитните копии). Покрај нив, треба да се спомене и фондот на предвоените филмски аматери: Благоја Дрнков, Кирил Миноски, Благоја поп Стефанија и Сифрид Миладинов.

Кинотеката во 2005 година се пресели во нови простории, а во 2009 година, по реновирањето, беа пуштени во употреба новите депоа за чување на филмови и филмски материјали, како и за нефилмските материјали, изградени по сите светски стандарди, со 24-часовна контрола на температурата и влагата. Во депоата за филмска лента температурата е меѓу 4 и 6оЦ а влажноста меѓу 40 и 50%, додека во депоата за нефилмска граѓа (пишувана документација, фотографии, плакати, пропаганден материјал, музејски експонати, како и за електронските формати) условите се меѓу 18 и 20оЦ и 40 и 60% влажност.

Во 2011 година, филмскиот архив започна со долгорочниот проект за дигитализација и дигитална реставрација на националното филмско наследство, како еден вид заштита и зголемување на достапноста до пошироката филмска и културна публика. Досега се дигитализирани филмскиот опус на браќата Манаки, документарниот филм „Македонија во слики“, играните опуси на режисерите Столе Попов, Љубиша Георгиевски, Милчо Манчевски и Бранко Гапо, како и играните филмови „Жед“ на Димитрие Османли, „Татко (Колнати сме, Ирина)“ на Коле Ангеловски и „Хај-фај“ на Владимир Блажевски. По завршувањето на процесот на дигитализација Кинотеката издава и ДВД едиција со реставрираните филмови.

Kонтакт:  Игор Старделов igors@maccinema.com

                    Кире Велков kirov@maccinema.com