На 90-годишна возраст, почина академик Георги Старделов, еден од столбовите на македонската филозофска мисла и науката за убавото, филозоф, естетичар, есеист, книжевен критичар, антологичар, теоретичар и историчар на културата.

Академик Георги Старделов e роден во Гевгелија, 28 август 1930. Дипломирал на Филозофскиот факултет, на Катедрата за филозофија на Универзитетот во Белград (1953). Докторирал Филозофија на Универзитетот во Скопје (1965). Бил професор на Филозофскиот факултет во Скопје (1966–1995), и негов декан (1975–1977), прв декан на интердисциплинарните студии по новинарство (1977–1981), претседател на Филозофското друштво на Македонија и на Југославија, претседател на Друштвото на писателите на Македонија и претседател на македонскиот ПЕН центар.

Почесен член на Друштвото на уметници во Шпанската кралска академија и редовен член на Европската академија на науките и уметностите, професор гостин на неколку југословенски, европски и американски универзитети.

За дописен член на Македонската академија на науките и уметностите е избран во 1986, а за нејзин редовен член од 1991 година. Во периодот 2000-2004 бил потпретседател, а 2008-2011 нејзин претседател. Раководител е на Лексикографскиот центар во МАНУ од неговото основање во 2000. Основач и претседател на еден од најпознатите, сеопфатни и значајни хуманистички и интердисциплинарни макро проекти на МАНУ “Историја и култура на Република Македонија” (од 1993 година).

Кон крајот на 60-те и почетокот на 70-те години од минатиот век беше и уметнички директор на „Вардар филм“, Скопје, кога државниот филмски продуцент продуцираше неколку извонредни наслови на тогаш млади автори, протагонисти на новиот бран во македонската кинематографија.

Добитник на неколку домашни и странски награди и признанија. Автор е на повеќе од 30 значајни книги од областа на естетиката, историјата на естетиката и есеи. Автор на многу поетски и прозни антологии. Преводувал и уредил бројни капитални филозофски дела и автори. Ги има постигнато најзначајните резултати на полето на примена на филозофската херменевтика во анализата на книжевните и уметничките феномени.

Реч на академик Георги Старделов на промоцијата на „Фотографијата и филмот на почвата на Македонија“ во Кинотеката

Leave a comment