Вчера во Загреб, во 97та година од животот, почина хрватскиот филмски режисер Ватрослав Мимица, кој остави значајна трага во македонската и ексјугословенската кинематографија.

Роден во Омиш, Хрватска, 1923 година, Мимица беше филмски режисер и сценарист. Студирал на Медицинскиот факултет во Загреб. По ослободувањето работи како литературен и филмски критичар, еден од уредниците на списанието „Извор“. Во 1950 година е именуван за директор на „Јадран филм“ и е еден од основачите на оваа значајна продуцентска куќа, позната по копродукциските проекти во некогашна Југославија.

Како режисер дебитира во 1952 година со играниот филм „Во олуја“. Пишува и сценарија за повеќе цртани филмови на „Загреб филм“ („Премиера“, „На ливада“ и „Средба во сонот“), а истата година го режира и својот прв цртан филм „Страшило“, а по него следуваат уште многу други. Како еден од прваците на загрепската школа на цртан филм, која во 60те години се здоби со светско реноме, за своите анимирани филмови има добиено награди на фестивалите во Венеција, Бергамо, Оберхаузен, Пула, Белград и др. Негов последен анимиран филм е „Пожарникари“ (1971), по којшто ја напушта анимацијата.

Токму таа година го режира „Македонскиот дел од пеколот“ во продукција на „Вардар филм“, и овој филм е своевидна пресвртница во авторскиот опус на Мимица од психолошко-социјални драми кон воени и историски спектакли.

Мимица е неколкукратен лауреат на Фестивалот на југословенскиот игран филм во Пула – добитник на наградите Златна и Сребрена арена – а за сценариото на македонскиот игран филм „Македонскиот дел од пеколот“ на истиот фестивал е добитник на Златна арена за најдобро сценарио.

Неговиот син Срѓан Мимица – во филмските кругови познат како Sergio Mimica-Gezzan – е хрватско-американски филмски режисер, познат како успешен асистент на режија во неколку холивудски блокбастери.

Leave a comment