Вчера во Белград почина актерката Неда Арнериќ, еден од најпознатите ликови во некогашната југословенска кинематографија, но остави траен белег и во македонскиот филм.

Нејзиното прво појавување на филм било во 1966 година, со неполни 14 години, во филм на Младомир Пуриша Ѓорѓевиќ (со него сними уште три филма), и заедно со Славко Штимац беа првите вистински детски ѕвезди на југословенската кинематографија. И двајцата не ретко беа нарекувани „Ширли Темпл на југословенската кинематографија“, според холивудската ѕвезда. Затоа, не случајно, Слободан Шијан во КОЈ ТОА ТАМУ ПЕЕ (КО ТО ТАМО ПЕВА, 1980) им направи своевиден омаж, доделувајќи им ги улогите на младите сопружници…

Во 1969 година Арнериќ не добила отсуство од училиште во траење од месец дена за да го снима ВРЕМЕ БЕЗ ВОЈНА на Бранко Гапо, па морала да го напушти училиштето. Со 16 години како од шега се запишала на белградската Академија за глума, но бидејќи често снимала, ги напуштила студиите. Подоцна завршила Историја на уметност и во паузите на честите снимања филмови нејзината страст била ликовната уметност, преточена низ нејзината мала галерија „Атруим“ во срцето на стариот дел од Белград. Голема желба и била нејзината галерија да има летен „депанданс“ на островот Корчула во Јадранското Море, од каде што потекнувала по таткова линија, од старото благородничко семејство со италијанско име Арнери…

Арнериќ своевремено имаше и интернационална кариера, беше еден од првите секс-симболи во југословенскиот филм, а македонскиот дел од нејзината филмографија е следниов:

1969: Време без војна ( Главна улога, )
1972: Истрел ( Главна улога, )
1973: Татко (Колнати сме, Ирина) ( Главна улога, )
1977: Исправи се, Делфина ( Главна улога, )
1982: Јужна патека ( Главна улога, )

Улогата на Делфина, креирана според животот на легендарната пливачка Атина Бојаџи, сигурно спаѓа меѓу најпопуларните улоги во ексјугословенската кинематографија во 20 век.

Leave a comment