Легендарниот чешки режисер и глумец Јиржи Менцл (Jiří Menzel), кој освои „Оскар“ во 1967 за својот прв игран филм „Строго контролирани возови“, почина на 5 септември, на 82 години.

Завршил режија на прочуената академија ФАМУ во Прага, кај професорот Отокар Вавра. Заедно со Милош Форман, Менцл важеше за една од водечките фигури на новиот бран на чешкиот филм.

Во 1969 го сними филмот „Птица на жица“, кој беше забранет до 1990. Во неговиот опус се забележани 20тина наградувани наслови.

Со „Строго контролирани возови“, снимен според истоимениот роман на Бохумил Храбал, започнала плодната соработка со култниот писател. Менцл го сними и „Му служев на англискиот крал“ според прозата на Храбал.

Менцл по вторпат бил номиниран за „Оскар“ во 1987 година за филмот „Село мое малечко“. Глумел во повеќе од 80 филмови, а познат е и по неговите поставки на театарските сцени во Чешка и светот.

Во 2000 година Менцл беше гостин на промоцијата на неговата книга во Скопје, каде што ја прими наградата на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“.

Leave a comment