Утрово, на 81-годишна возраст, почина Љубиша Георгиевски, театарски и филмски режисер, драмски писател и есеист, теоретичар на театарот и професор по театарска режија и актерска игра на Факултетот за драмски уметности во Скопје.

Георгиевски е роден во Битола на 30.5.1937. Дипломирал режија на Академијата за театар, филм, радио и телевизија во Белград 1974 . Филмската кариера ја започнал во 1963 година, како корежисер на филмот ПОД ИСТО НЕБО, со Миодраг Мики Стаменковиќ. Во периодот од 1968 до 1970 година самостојно ги режирал своите три играни филма: ПЛАНИНАТА НА ГНЕВОТ, РЕПУБЛИКАТА ВО ПЛАМЕН и ЦЕНАТА НА ГРАДОТ, по што сосема му се посветува на театарот. Бил редовен професор на Факултетот за драмски уметности во Скопје.

Кинотеката на Македонија во 2015 ги дигитализираше неговите долгометражни играни филмови, кратките играни НЕ и ПАТЕКА, како и документарниот SIC TRANSIT GLORIA MUNDI / ХЕРАКЛЕА.

Како театарски режисер, има поставено над 160 постановки во Македонија, Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Словенија, Бугарија, Романија, Полска и други држави, како и четири постановки во САД, каде што на универзитетите во Јужна Калифорнија и во Тексас предавал теорија на театарот и актерска игра. Неговите претстави се играат на повеќе од десет јазици и тие гостувале низ Европа, од кои позначајни гостувања се во Москва и Виена.

Георгиевски има објавено десетина книги, а на македонската јавност, освен од уметноста, ѝ е познат и од политиката. Тој во 1994 година беше кандидат за претседател, потоа од 2000 до 2004 година беше амбасадор во Бугарија, во периодот од 2006 до 2008 беше претседател на Собранието на Република Македонија, а од 2009 до 2012 амбасадор во Белград, Србија.

Добитник е на повеќе од дваесет награди во рамките на поранешна Југославија, како и наградата од критиката за претставата „Искушение“ од Вацлав Хавел во Theater Center како најдобра претстава на театарската сезона.

Филмографија:

1964Под исто небо ( Режија)
1966Не ( Режија, Сценарио)
1967Патека ( Режија)
1968Планината на гневот ( Режија)
1969Републиката во пламен ( Режија, Сценарио)
1970Цената на градот ( Режија )
1974Sic Transit Gloria Mundi / Хераклеа ( Режија )
1975Кој век минува надвор деца ( Режија )
2017Мајстор Чинго ( Режија )

Остави коментар