Последниве години веќе стана традиција мажите во месец ноември да пуштаат мустаќи, зголемувајќи ја на тој начин свесноста за превенција од болестите на машките полови органи. Ние, пак, се држиме до старото добро правило да пуштаме добри филмови: и тоа, на многу начини, е свесност дека размислувањето со главата (хммм, да речеме, било која) не е на одмет. Напротив!

Иако претходните редови изгледаат мачистички, поентата не беше да се истакнува некое маскулинско гледање филмови и останатите работи во животот. Ноемвриската филмска програма на Кинотеката е побогата од било кога, и има десетина филмски бисери кои го рушат стереотипот за исклучивото машко гледање на жените и останатите работи во животот. Би рекле, нов месец во календарот на културните случувања – filmember. Еве зошто.

Ноемвриската програма нуди десет исклучителни филмови на славниот полски режисер Кшиштоф Кјешловски. Од неговата рана полска фаза, кога го инкорпорира документаризмот во играниот филм, па сè до неговите последни три интернационални проекти (главно во француска продукција), познатата трилогија ТРИ БОИ (СИНО; БЕЛО; ЦРВЕНО; како боите на француското знаме). И сето тоа со еден супериорен филозофски став за животот и смртта од калотичка провениенција.  Тука е и ДВОЈНИОТ ЖИВОТ НА ВЕРОНИКА, филм што ја интернационализира неговата успешна кариера. Смртта го спречи Кјешловски да реализира уште еден долгометражен игран филм од ДЕКАЛОГ, КРАТКИОТ ФИЛМ ЗА ЉУБОМОРАТА, како и трилогија со темата за пеколот, чистилиштето и рајот. На крајот, кој може да види било каков мачизам – со мустаќи или не – во неговите филмови?!

Од друга страна, кој може да види исклучиво мустаклеста филозофија и во филмовите на Милчо Манчевски?! Во годината кога ја славиме 25-годишнината од успехот на ПРЕД ДОЖДОТ, Манчевски го прослави 60-тиот роденден со премиерата на неговиот најнов, шести по ред, долгометражен игран филм ВРБА. Овој месец филмофилите ќе ја имаат можноста да ги видат неговите филмови ПРАШИНА, СЕНКИ и МАЈКИ на 35 мм филмска лента, како и претпоследниот филм БИКИНИ МУН, снимен пред две години. Интересно ќе биде да се потсетиме и да продискутираме за споменатиот „машки поглед“ во неговите филмови.

Ноември во Кинотеката ви нуди и Ретроспектива на фестивалот на дебитантски играни филмови КИНЕНОВА 2019, преку проекциите на наградените филмови на годинешното издание. Мини-програмата ГЕРМАНСКИ ФИЛМОВИ ПО ПОВОД ДЕНОТ НА ОБЕДИНУВАЊЕТО носи три одлични наслови: ЗБОГУМ ЛЕНИН! на Волфганг Бекер, НЕБОТО НАД БЕРЛИН на Вим Вендерс и горчливата комедија УЛИЦАТА БОРНХОЛМЕР на Кристијан Швохоу.

Месецов ви нудиме и поглед во шпанската кинематографија, од класичното дело на Фернандо Фернан Гомез, ЖИВОТОТ ПРОДОЛЖУВА (еден од омилените автори на Педро Алмодовар), до остварувања од поновата продукција.

По обичај, не ги забораваме ниту љубителите на арт-филмовите. БАУХАУС ИМАГИНИСТА е генералниот наслов за изложбата на естетиката на уметничкото движење БАУХАУС, како и три експериментални филмски наслови кои произлегле од него.

Можете да пуштите мустаќи или не, но што ако не ве видат – со или без нив – месецов во Кинотека?

 Тука погледнете ја целосната програма на месец номември

Стојан Синадинов

Leave a comment