Музејски експонати

Во рамките на Одделението за филмска документација при Кинотека, постои и збирка на музејски експонати. Збирката е создадена уште со формирањето на Кинотеката, но нејзиното проширување, во почетните години, беше индивидуално и парцијално. Во 1979 година собрани се повеќе стари експонати од филмска техника (проектори, проекциони ламби, најдл грамофонски плочи, кинозасилувачи) како основа за кинотечниот музеј. Освен старите филмски проектори од кино салите низ Републиката, збирката се збогатуваше и со откупи од индивидуални лица на фотографски апарати и други артефакти.

На 30 јуни 1983 година, во дел од комплексот на Музеите на Македонија, е отворен Музејот на Кинотеката со постојана изложбена музејска поставка и со киносала со капацитет од стотина седишта. Во оваа сала започнува редовната кинотечна филмска програма.

Во 2003 година е оформен личниот фонд на Наќе Туфекчиев од Шведска кој  и  донира на Кинотеката 70 филмско-музејски експонати, кој подоцна е збогатен со нови 87 експонати.

Со преселбата на Кинотека, во 2006 година,  во новите простории во објектот на библиотеката „Другарче”, беше поставена и постојана музејска поставка.

Во 2007 година Кинотеката доби голема донација од Васил Дундас, македонец кој долги години живее и работи во Канада, составена од 88 пакети филмови, музејски експонати, плакати и пропаганден материјал. Музејската збирка си збогати и со 34 нови експонати (фотоапарати, камери и проектори), од колекционерот Звонимир Будимировиќ.

Од 2009 година, беше изградено и посебно депо за музејските експонати и од таа година започна нивното систематско прибирање, чување, обработка и презентирање. Денес Кинотеката располага со 424 музејски експонати, од кои, како поважни се, 69 филмски проектори, 40 камери и 118 фотоапарати. Особено се важни, покрај наведените, и донациите на Димитрие Османли, Јулија Пандевска и Емил Рубен.

Kонтакт: Седат Јусуфовиќ (sedatj@maccinema.com)