На 25 септември (среда) со почеток во 20:00 ч. во Кинотеката ќе се одржи Вечер посветена на Стефан Сидовски – Сидо (1946 – 2019). Ќе биде поставена плочка со неговото име на неговото омилено столче во киносалата, а на присутните ќе им се обратат и неколку негови пријатели.

Ќе бидат прикажани неколку филмови на Сидо, како и краткиот документарен филм на Тамара Котевска, насловен СИДО (нејзин испитен филм по предметот Филмска и ТВ Режија на ФДУ во траење од 20 мин.), како и неколку досега необјавени видео-материјали за професорот.

Стефан Сидовски – Сидо е легенда на аматерскиот филм во Македонија (ја носеше титулата Мајстор на аматерскиот филм, највисоката титула што ја доделува Кино сојузот на Македонија) и еден од најомилените професори по филозофија и филм. Заљубеник и занесеник по филмот од рана возраст, Сидо повеќе од половина век беше синоним за неверојатна посветеност на филмот.

Д-р Стефан Сидовски е роден на 3 октомври 1946 год. во Скопје. Студира филозофија, а во 1973 год. се вработува во гимназијата „Раде Јовчевски – Корчагин”. Во 1995 година магистрира со трудот „Естетската суштина на филмскиот кадар”, а во 2001 год. докторира на тема „Естетиката и дијалектиката во монтажата на филмот”. Уште од гимназизки денови се занимава со аматерски филм, прво самостојно, а потоа, како член на киноклубот „Камера 300″. Од 1975 е член на „Академскиот киноклуб”. Учествувал на многу меѓуклупски и меѓународни фестивали на кои бил наградуван, а некогаш и забрануван.

По 36те години поминати како професор во гимназијата „Раде Јовчевски Корчагин“, предаваше и како вонреден професор по историја на филм и теорија на филм во ЕСРА.

Беше режисер и глумец во своите аматерски филмови, а има и еден краткометражен професионален филм. Автор е на десетици филмови, меѓу кои и „Контејнер“ (2008), „Полуден Револуционер“ (2015), „Raison d’etre“ (2006), „Средба“ (2014), „Големиот оратор“ (2007), „C’est la Vie“ (2016)…

Leave a comment