НЕЗАБОРАВНА ПРОЛЕТ ВО ЗАБОРАВЕНО СЕЛО

Сценарио и режија: Куштрим Бектеши

Улоги: Шкумбин Истрефи, Осман Ахмети, Ндричим Џепа, Луан Јаха, Салаетин Билал, Музбајдин Ќамили, Осман Ахмети, Адем Карага, Амернис Нокшиќи Јовановска, Флора Кадриу, Блерим Дардишта

По официјалната премиера на 29 март во „Синеплекс“, дебитантското остварување „Незаборавна пролет во заборавено село“ на Куштрим Бектеши деновиве го доживува и својот кино-прикажувачки живот во „Милениум“, во Домот на култура во Кичево, а наскоро, според најавите,  и во другите градови низ државава. Сето ова медиумски е скромно покриено, па можеби токму затоа и посетеноста на проекцијата во поранешното кино „Центар“ беше симболична, со триесетина луѓе во публиката. А продукцијата има сè уште можност актуелноста на филмот соодветно да ја изрекламира, бидејќи имаат добар аргумент во ракавот. Имено, филмот влезе во официјалната селекција на Московскиот филмски фестивал (иако надвор од компетиција), што за прво остварување не е мала работа, бидејќи се работи за голем „А“ фестивал.

Со главна финансиска поддршка од Агенцијата за филм, и со ко-продуценти од Косово и Албанија, филмот на Бектеши ја покажува неговата умешност од театарските штици, кадешто всушност и припаѓа, (претежно) актерската игра да ја пренесе и на филмското платно, школски следејќи ги закономерностите на подвижните слики. Во тоа сесрдно му помогнала бројната актерска екипа составена од професионалци од Македонија, Албанија, Косово и Бугарија, чии ликови, секој на свој начин, го гради мозаикот насловен „Незаборавна пролет во заборавено село“. Но, најмногу радува фактот што Бектеши се одлучува да сними комедија, според многу филмаџии, можеби најтешкиот жанр за реализација, бидејќи тенка е границата помеѓу она што би требало или пак нема да ѝ се допадне на пошироката публика, бидејќи комедијата е наменета токму за еден широк дијапазон на гледачи. Со искуството на продуцентот Сашо Павловски, кој зад себе веќе го има  „Ова не е американски сон“, филмот ја исполнува својата намена, неретко измамувајќи отворени насмевки.

Краткиот синопсис на филмот е следниов: спокојниот живот во едно „заборавено“ село (снимано е во селото Ѓономаљ во албанската општина Корча) се превртува наопаку откако познатите браќа-макроа отвораат кафеана во која носат три проститутки, потег кој наидува на голем интерес кај мажите. Наспроти тоа, женската популација во селото е загрижена поради секојдневното отсуство на нивните сопрузи, а оџата се соочува со сè поголема празнотија во џамијата. Во финалното крешендо, кафеаната е во пламен, но поради успешниот проект, градоначалникот доаѓа до просветлувачка идеја – време е да се вложи во казино!

Бектеши со својот првенец се обидел да направи сопствено гледање на славниот „Амаркорд“ на Федерико Фелини, сместувајќи го во локални рамки.  Интересно е водено сопоставеното дејствие на традиционалното/духовното со површното/секојдневното во првиот дел од филмот, а потоа,  иако дејствието главно се случува во контроверзната кафеана, паралелно ја следиме и забранетата љубовна приказна чија разрешница на крајот како малку да е подзаборавена и разводенета.  Шаренилото од ликови, повеќето од нив успешно заокружени, дава лепеза од можности во кои секоја сцена, иако повеќето од нив се предвидливи, завршува со повеќе или помалку успешен комичен гег. Губењето на невиноста, ѕиркањето на децата како сведоци на „забранетите“ работи кои ги прават возрасните, бруминот и рицинусот за решавање на проблемот и апропо тоа масовната сцена со пролив во полето – се препознатливи и познати жанровски решенија, а згора на сето тоа, ликот на градоначалникот е плукнат Питер Селерс.

Кога веќе го спомнувам, да потенцирам дека односот на директорот на училиштето со градоначалникот е клучен за поставување на главните прашања во филмот, кои можеби и самиот автор сакал, или требало да ги постави во ова негово остварување, така давајќи му на филмот поинаква, подлабока димензија. Имено, и покрај нивното познанство со години, тие меѓу себе негуваат недоверба (во една сцена взаемно се нарекуваат „дебили“ без да се слушнат), и во сцените во кои тие играат, насетуваме критика кон современото политичко милје низ изјавите „колата е државна, правете и’ што сакате“ или пак „дипломата е безвредна без врски во партијата“. Уметникот мора да го искористи моментот преку своето дело да прати порака онаму кадешто треба, без предрасуди. Во случајов, авторот избрал линија на помал отпор, употребувајќи ги народните изреки како „село без кафеана е како куќа без бунар“ или „Алах дозволува војна за да се спречи поголемо зло“, криејќи се зад жанровската опуштеност на комедијата, иако истата можел да ја искористи на сосема поинаков начин.

 

 

Leave a comment