Боливудската актерска ѕвезда Амитаб Бакчан (Amitabh Bachchan), еден од највлијателните личности во историјата на индиската кинематографија, ја доби престижната награда на ФИАФ, Меѓународната федерација на филмски архиви (International Federation of Film Archives) – за 2021 година.

 

За наградата на ФИАФ, Бакчан беше предложен од страна на Фондацијата за филмско наследство (Film Heritage Foundation) – непрофитна организација основана од режисерот и филмски архивист Шивендра Синг Дунгарпур (Shivendra Singh Dungarpur), посветена на зачувување, реставрација, документација, презентирање и проучување на филмското наследство во Индија. Фондацијата е долгогодишна членка на ФИАФ, а Бакчан е нејзин амбасадор и финансиски поддржувач.

На видео-конференцијата организирана во чест на Бакчан на 19 март – манифестација која се одржа не во форма каква што ја заслужуваат лауреатите на ФИАФ (со вистинско, директно и физичко присуство), и која, за жал, сè уште е невозможно да се одржи како што треба заради „пандемијата со ковид-19“ – па наградата на индискиот актер му ја доделија „он-лајн“ – поранешните добитници на истата: филмските икони Мартин Скорсезе (Martin Scorsese) и Кристофер Нолан (Christopher Nolan). Двјацата режисери се големи и активни гласноговорници за зачувување на светсткото кинематографско наследство , особено Скорсезе со својата Филмска фондација (The Film Foundation), исто така непрофитна организација која го помага зачувувањето на светското аудиовизуелно наследство…

На видео-настанот со честитки се обратија и првите луѓе на ФИАФ, Михаел Либенштајн (Michael Loebenstein), генерален секретар на организацијата, и претседателот Фредерик Мер (Frédéric Maire). Либенштајн истакна дека ФИАФ и преку вакви чествувања се бори за да се зачува глобалната меморија на филмското творештво. Потсетувајќи дека годинава ФИАФ ја слави 20-годишнината од доделувањето на ова престижно признание, Мер посочи дека јубилејот не можел да има подобар славеник од Бакчен, една од најголемите филмски sвезди во светот и актер кој со години ја разбира, прифаќа и ја промовира потребата за заштита на филмот. ФИАФ од 2015 година е многу активен во Индија и Јужна Азија, благодарение на блиска соработка со Фондацијата за филмско наследство на Дунгарпур, и со доделување на наградата на ФИАФ на Амитаб Бакчан, сака да му покаже на светот колку ова уникатно филмско наследство е богато и разновидно, но исто така и колку е кревко. Наградата за Бакчен е и признание за неговата улога како посветен застапник за спасување на ова наследство во Индија и пошироко.

Мартин Скорсезе

Скорсезе потсети дека голем дел филмското наследство е изгубено засекогаш, па улогата на Бакчен во заштитата на филмската меморија во Индија и на потконтинентот е исклучителна мисија. Нолан, кој е и член на Американскиот национален одбор за заштита на филмот (American National Film Preservation Board), посочи дека Бакчен како амбасадор на Фондацијата направил многу за поддигање на свеста за заштита на филмското наследство во Азија.

Кристофер Нолан

Дунгарпур од Фондацијата за филмско наследство истакна дека до 1950 година Индија изгубила речиси 70 отсто од филмското наследство: од 1338 неми филмови снимени во Индија, зачувани се само околу 29, а многу од нив само во делови.

Затоа Фондацијата работи напорно за да го зачува она што останува од загрозеното филмско наследство – не само во Индија, туку и на потконтинентот, а Амитаб Бакчен е амбасадор во таа благородна мисија за зачувување на филмското наследство, користејќи го своето влијание.

Амитаб Бакчен (1942, Алахабад), потекнува од уметничко семејство и во неговата кариера која трае повеќе пет децении има остварено повеќе од 240 улоги на филм и телевизија! Познат е и како голем филантроп, тв водител на индиската франшиза на „Кој сака да биде милионер“, а едно време влезе и во политичките води како поддржувач на Раџив Ганди.

За оваа икона на „Боливуд“ може да се каже дека е има професионален живот поголем дури од филмот, но мисијата на Бакчен за заштита на филмското наследство ја покажува онаа димензија без која филмската меморија не бледнее.

Токму таа димензија во заштитата на филмското наследство низ целиот свет беше основната идеја кога ФИАФ ја етаблираше оваа награда во 2001. Првиот добитник беше Скорсезе, а списокот на лауреатите е повеќе од „кој е кој“ во светската кинематографија: Мануел де Оливеира (Manoel de Oliveira, 2002), Ингмар Бергман (Ingmar Bergman, 2003), Џералдина Чаплин ( Geraldine Chaplin, 2004), Мајк Ли (Mike Leigh, 2005), Ху Ксиао-ксиен (Hou Hsiao-hsien, 2006), Питер Богданович (Peter Bogdanovich, 2007), Нелсон Переира дос Сантос (Nelson Pereira dos Santos, 2008), Рити Пан (Rithy Panh, 2009), Лив Улман (Liv Ullmann, 2010), Кјоко Кагава (Kyoko Kagawa, 2011), Ањес Варда (Agnès Varda, 2013), Јан Шванкмајер (Jan Švankmajer, 2014), Јервант Џаникијан (Yervant Gianikian) и Анџела Ричи Луки (Angela Ricci Lucchi, 2015), браќата Жан-Пјер и Лик Дарден (Jean-Pierre and Luc Dardenn, 2016), Кристофер Нолан (Christopher Nolan, 2017), Апичатпонг Верасетакул (Apichatpong Weerasethakul, 2018), Жан-Лик Годар (Jean-Luc Godard, 2019), и Валтер Салес (Walter Salles, 2020).

Leave a comment