Интернет-просторот од интерес на филмофилите, од неодамна е збогатен со интернет-страницата:sido.mk. Посебна по многу параметри, оваа интернет-страница е своевиден виртуелен меморијален „музеј“ на ликот и делото на Стефан Сидовски-Сидо (Скопје, 1946-2019), легендарен професор по филозофија и филм, филмски аматер, филмофил, проследувач и проучувач на филмот, мислител –и урбана легенда…

Веројатно можат да се набројат уште многу особини, како и особености на Сидо – како ретка личност во скопското и македонското културно милје. По неговата смрт, неговото семејство, пријатели, почитувачи, некогашни ученици, соработници, итн. – се здружија во оваа благородна мисија: „По смртта на Стефан Сидовски-Сидо – долгогодишен, многупочитуван и искрено сакан професор по философија и филм – во неговиот дом беа пронајдени двесте четириесет и две целосно испишани тетратки од различен формат, чиј вкупен број на страници, во ракопис, не е помал од триесет и пет илјади; од желбата истите прерано да не му припаднат на неизбежниот заборав – а со тоа да биде и неправедно обесмислен овој повеќедецениски интроспективен напор на една исклучителна личност – се роди идејата за оваа и ваква веб-страница.“

Замислена како сеопфатна дигитална архива, истата содржи и дел од објавените текстови на Сидо, речиси сите негови аматерски филмови (како и неговиот единствен професионален филм, ОБРАЗ), неколку интервјуа и излагања по различни поводи и сосема мал избор од туѓи сведоштва и спомени за неговиот живот и дело. Од досега откриените ракописи, овде се споделени сите негови тетратки – освен дводецениските „Дневници“ (од кои, во догледна иднина и од почит кон сè уште живите, ќе бидат објавувани само селектирани и делумно редактирани преписи) и еден шеснаесеттомен тематски циклус афористички размисли за филмот за кого можеме да бидеме сигурни дека Сидо имал намера да го уреди и отпечати како книга (за што и дискутирал, во месеците непосредно пред својата смрт, со Лазар Фотев, сопственикот и основач на издавачката куќа „Аз-буки“):„Од она што го знаеме засега, ова е еден од одвај неколкуте разговори во кои Сидо го споделил со некого постоењето на овие тетратки“, се вели на почетокот на оваа виртуелна меморабилија.

Оставштината на Сидо (пишана и филмувана) е истражена со исклучителна педантност, и интернет-страницата допрва ќе биде збогатувана со постирање на визуелни (филмски) материјали и текстови за Сидо од неговите современици: „Илјадниците страници споделени овде не можат да служат како замена за присуството на Сидо. Дури и напротив, за многумина кои го знаеја и имаа можност поредовно да разговараат со него, овие страници веројатно само ќе го направат повпечатливо самото негово отсуство. Но, токму тоа е и една од главните причини поради која се одлучивме да ги споделиме: веруваме, искрено и длабоко, дека светот е сè уште подносливо место за живеење само заради тоа што повремено низ него ќе проскитаат луѓе чие отсуство е ненадоместливо и не признава сурогати. Во основа, оваа архива нема друга претензија освен да биде нежно сведоштво за еден ваков вид на недостиг.“, велат агилните истражувачи на неговото дело.

Leave a comment