Избор од филмовите на браќата Манаки, собрани под наслов МАНАКИ, ПРИКАЗНА ВО СЛИКИ, ќе бидат прикажани во рамките на програмата на Меѓународниот фестивал на архивски филмови кој од 4 до 7 октомври се одржува во Тбилиси, главниот град на Грузија.

Тема на годинешниов меѓународен архивски фестивал кој е во организација на Централниот аудиовизуелен архив при Грузискиот национален архив, е „Богатствата на филмските архиви“. Во програмата се филмови обезбедени од националните архиви на Малта, Бугарија, Чешка, САД, Естонија и Перу, потоа Германскиот филмски институт и музеј, Холандскиот Ај филмски музеј, Кралскиот филмски архив на Белгија, Португалската кинотека, Хрватскиот државен архив, Националниот филмски музеј од Торино и, секако, од домаќинот Грузија.

Од понудените филмски наслови во рамки на овој фестивал, филмовите на Јанаки и Милтон Манаки се хронолошки меѓу постарите, а кадарот во кој бабата Деспина преде волна е секако најстарата метража архивски филмски материјал што публиката во Тбилиси ќе има можност да ја погледне. Во фестивалската програма, меѓу другото, има и филмови на францускиот филмски пионер Алфред Машин, на чешкиот авор Јан Немец, естонката режисерка Лејда Лаус и Германецот Роберт Сјодмак, потоа хрватски анимирани филмови, германски експресионистички и експериментални филмови, италијански неми филмови, како и американски анимирани пропагандни филмови од периодот на Студената војна

Фестивалот има за цел на грузиската публика да ѝ ги претстави не само националните филмски архивски материјали, туку и да ја запознае со содржините на сродните институции од целиот свет кои се грижат за зачувување на филмското и аудиовизуелното наследство.

Филмовите на браќата Манаки на програмата се во сабота, на 7 октомври.