Ова ми беше првата мисла која ме обзеде од кога го гледав филмот ВРБА на Милчо Манчевски. Но, пред да одам во кинотеката за да ја следам оваа од многуте проекции на филмот, цело време мислев, зошто ВРБА. Се сеќавам дека во нашиот двор, во новоизградената семејна куќа, се вселивме без да биде довршена. Однадвор не беше малтерисана, прозорците и вратите беа гола дрвенарија, зашто не беа бојадисани, но веднаш се зборуваше како ќе изгледа предниот и задниот двор кој беше поголем. За задниот двор немаше проблем. Ќе има овошки, а во предниот двор секако покрај сè друго ќе има врба и тоа жална. Сите се согласивме за жалната врба.

И кога го гледав филмот и додека излегував, бев обземена со мислата дека режисерот го бара своето детство и дека овој филм, всушност е понирање во подсвесните мигови од животот. Овој филм не може да се толкува со критериумите на една филмска критика, која во суштина следи некои востановени шеми. Ако се гледа така, тогаш не може да се гледа и во сопствениот живот, во далечните мигови што поминале, но и во оние што течат. Извлекувајќи се од редовите во киното, чувствував како очите ми засолзуваат, како во мене се вгнездува грутка, полна со тага и болка. Зашеметени во фоајето на Кинотеката, стоевме како во грозд, ние пријателките  секоја со своето чувство, но и со своите видувања. Наеднаш секоја од нас зборуваше за некој настан од својот живот што го видела и во филмот. Една од пријателките, која повеќе од сите нас ги гледа скоро сите проекции во Кинотеката, напомна некакви критики за филмот – вакви и онакви. Секој филмот го гледа со своите сопствени очи, а тие праќаат сигнали до мозокот.

Во филмот ВРБА се следи една интелектуална нишка на сознанија, во која се вткаени легендите, митовите, односите меѓу луѓето во една рурална и скоро исчезната земја во која среќата е дар од Господа, но и несреќата, исто така. Тука сè е толку близу, едното со другото одат рака за рака. Љубовта како крепителка ги врзува животите, за верувањата во моќта на светлото и темното. Вљубените ги поднесуваат сите тегоби на животот. Љубовта овде е  на пиедесталсе почитува и се копнее по неа, како што се копнее по вербата на Севишниот дека ќе помогне во сè и за сè. Тоа се провлекува во трите делови од филмот, во кои минуциозно се наметнуваат некои извонредни детали, кои на секоја од овие три приказни им дава одреден, но и специфичен изглед. Сега, кога ги средувам во мене овие детали кои се навидум различни и во различни времиња појавени, се открива замислата на Милчо Манчевски. А тоа е дека во животот многу нешта може да исчезнат, да се заборават, но не и сликите од детството, сликите на луѓето околу нас, со нивните животи.

Може да ги заборавиме тековните, ежедневните настани, но не и смислата на нивното постоење. Токму во тоа,  јас ја гледам и поентата на режисерот. Тој ја открива не само како слика, поединечна и заедничка, смислата на животот, полн со смисли и безсмисли, ами тој го гради ова негово филмско остварување како „ода“ за   човекот, а со самото тоа и како „ода“ на животот. Во тоа придонесе сугестивната камера која навлезе во суштината на сликата како и извонредната артистичка екипа. Секој од нив поединечно влегува во ликовите и станува дел од нивните филмски животи, а особено детето што не сакаше да зборува, а прозборе токму кога требаше да го стори тоа.

И за крај… Жалната врба која едни од јунаците на филмот ја засадуваат живее од многу, многу вода, што го одржува нејзиното живеење. Така и луѓето живеат од взаемната љубов која што Севишниот им ја подарил, доблест од која се раѓаат сите доблести.

(Авторката е писателка и честа посетителка на кинотечната филмска програма)

Leave a comment