Годинешен добитник на наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ на Друштвото на филмски работници на Македонија е Северџан Бајрам.

Северџан Бајрам во ЦРНА МАЧКА, БЕЛ МАЧОР

Северџан Бајрам (1966, Скопје), е филмски актер-натуршчик со интернационална кариера, познат по филмовите ЏИПСИ МЕЏИК (Gypsy Magic, 1997), ДО БАЛЧАК (To the Hilt, 2014) на Столе Попов; ЦРНА МАЧКА, БЕЛ МАЧОР (Black Cat, White Cat, 1998) и НА МЛЕЧНИОТ ПАТ (On the Milky Road, 2016) на Емир Кустурица; КАКО УБИВ СВЕТЕЦ (How I killed the saint, 2004) на Теона Стругар Митевска; ТРЕТО ПОЛУВРЕМЕ (The Third Half, 2012) на Дарко Митревски; СЛУЧАЈНА СОПАТНИЧКА (Accidental Co-Traveller, 2004) на Среќко Јурдана; краткиот игран филм ЖЕЛЕЗНА ПРИКАЗНА (Iron Story, 2017) на Златко Калеников; VIA CARPATIA (2018) на Каспер Бајон и Клара Кочанска (Kasper Bajon, Klara Kochanska)…

Северџан Бајрам и Емир Кустурица

Учествувал во долгометражниот документарен филм КНИГА НА РЕКОРДИ НА ШУТКА (The Shutka Book of Records) на Александар Маниќ, неколку сезони настапуваше во ТВ серијалот со неговиот алтер его Доктор Кољо, како и во 4 сезони од ТВ серијата ПРЕСПАВ.

„Голема ѕвезда на македонскиот филм“ е награда на Друштвото на филмски работници на Македонија. Со наградата се оддава признание за исклучителен придонес за македонската кинематографија, награда е воведена во 2013 година, а традиционално се доделува во рамките на Меѓународниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“.

Досегашни добитници на наградата на ДФРМ се Кирил Ценевски, филмски режисер и сценарист (2013); Милчо Манчевски, филмски режисер и сценарист (2014); Дарко Марковиќ, карикатурист, сатиричар, филмски режисер (2015); Сајмон Пери, филмски продуцент (2016); „Вардар Филм“, продуцентска компанија (2017); Милица Стојанова, глумица (2018); Љупчо Константинов, композитор (2019); Столе Попов, филмски режисер и сценарист (2020).