Кинотека на Северна Македонија, Скопје
Вторник, 30 јануари. 2024
13:30 ч

Мариjа Павловска

Проект: Г-ѓа и Г-ца Х / Mrs. & Ms. X

Видео: Медиа арт; Видео арт
Проектот  “Mrs. & Ms. X” е најновиот проект – циклус изработен во последните 7 години и  вклучува 2000 цртежи – дигитални дела и е поддржан со видео проекција – инсталација.
Проектот беше поканет и претставен на три водечки биеналиња: Биенале во Фиренца 2021, ОСТЕН Биенале на Цртеж – Скопје 2022 каде понесе и награда за Оргинално дело – Концепт и 59-тото Венециско Биенале, 2022 – Контекст, Европски Културен Центар.
Дополнително, издадена е монографија за овој проект поддржана од Mana Contemporary Museum САД, во која е објаснет целиот процес на создавање на проектот од работата во атељето и делата, како и претставувањето на Биеналето во Фиренца, Остен Биеналето на Цртеж и Европскиот Културен Центар – Биеналето во Венеција.
„…Идејата за женственост инспирираше и поттикна разлики од најважните уметнички и литературни креации во историјата на човештвото. Или како идеализиран концепт или поим подложен на промени со општествените и културните движења, концептот еволуираше и предизвика повеќекратни размислувања. Уметникот Марија Павловска обрнува внимание на континуираното редефинирање на женственоста низ историјата и ги открива своите сознанија во видео-проектната инсталација „Госпоѓа и г-ѓа Икс“…“, ќе објасни кураторот на Европскиот Културен Центар Брит Елвира Рујтенберг
„…Циклусот од дигитални дела и видео – инсталација наречен „Г-ѓа и г-ца Х“ на Марија Павловска е ехо на исклучително силната женска енергија на Павловска, која ја претставува повеќеслојната комплексна природа на женскиот елемент – од жената како Мајката Земја до жената г-ѓа и г-ца Х – како рамноправен субјект на современото општество со комплетно задржани атрибути на женственост.

Три елементи доминираат во оваа серија – жицата, кругот и ѕидот.
Жицата – како симбол на нескршливост, која добива форма на безброј кругови, правилни и неправилни (симбол на безброј одлуки во животот на жената), но секогаш совршени (како кругот), како и нивните рефлексии (сенки) врз белата површина од ѕидот – континуираните препреки и предизвици во животот на секоја жена.
Видеото (кое е дел од изложбата) со звукот и подвижните слики – само визуелно го надополнува моментот на повеќедимензионалнот и комплексност на жената и нејзината трансформација. Моментот на трансформација во овој проект има универзално значење зашто еднакво важи за трансформацијата на жената во текот на нејзиниот живот во оваа, земна димензија, како и за трансформацијата на жената во текот на целата историја на човештвото…“, ќе објасни Корнелија Конеска, Куратор на ОСТЕН Биенале на Цртеж.