На 2 октовмври во Центарот за култура во Тиват со проекцијата на долгометражниот игран филм ВТОРА ШАНСА (2019) во режија на Марија Џиџева свечено беше отворена манифестацијата „Денови на македонскиот филм во Црна Гора“.
Оваа манифестација вклучува филмската програма селектир од Кинотеката на Р. С. Македонија, a ќе трае од 2 до 6 октомври. Црногорската публика ќе има можност да погледне уште еден филм на Џиџева – документарниот ПОТРАГА ПО СРЕЌА (2010), потоа избор од филмовите на Браќа Манаки под наслов МАНАКИ, ПРИКАЗНА ВО СЛИКИ, како и играните филмови ПАНКОТ НЕ Е МРТОВ (2011) на режисерот Владимир Блажевски , ПРАШИНА (2001) на Милчо Манчевски, ХОМО (2020) на Игор Иванов-Изи, ИСЦЕЛИТЕЛ (2017) на Ѓорче Ставрески и СЕСТРИ (2021) на Дина Дума.
Манифестацијата ја отвори директорот на културниот центар во Тиват, Горан Божовиќ, кој им посака добредојде на колегите од Северна Македонија и колегите од Црногорската Кинотека.
„Многу сум задоволен што Центарот за култура во Тиват е домаќин на манифестацијата „Денови на македонскиот филм“ во Црна Гора. Имајќи предвид дека ова е прва манифестација од ваков тип од основањето на Кинотеката на Црна Гора, но и од формирањето на Кинотеката на Република Северна Македонија “, изјави тој.
Пред проекцијата на филмот ВТОРА ШАНСА, режисерката Марија Џиџева се заблагодари на Центарот за култура Тиват: „Драго ми е што сум дел од оваа програма која е составена од различни играни и документарни македонски филмови. Особено што филмовите на браќата Манаки се дел од оваа програма, тие се првите кинематографери на Балканот. Ќе имате можност да ги погледнете првите филмови кои се снимени на овие простори.“ – изјави Џиџева.
Деновите на македонски филм во Тиват се затвораат на 6 октомври со СЕСТРИ, дологметражниот првенец на Дума.