Во дигитален формат е понудата на неколку филмови од португалската кинематографија. Се работи за ремастирани копии на општествено ангажираните, неколку децении стари филмски творби. Ова е несекојдневна прилика да се видат вакви филмови, што бездруго и е повеќе од потребно на нашата кино публика. Потребно е да се проследат и продискутираат делата на кинематографиите кои не ни се многу познати.

Овие филмови се речиси непроценлив историски документ, создадени во центарот на  турбулентните настани во тогашната Португалија. Тоа се и своевидни манифести за односот меѓу киното и политиката, за самиот медиум на филмот, не само како обичен набљудувач на настаните туку пред сè како активен учесник во револуционерниот чин.

 

26 ЈУНИ (СРЕДА) 20:15ч

ОРУЖЈЕ И ЛУЃЕ
(As Armas e o Povo)
Документарен филм, Португалија
1975, 78 мин., колор, ДЦП
Режија: Колектив на работниците за кинематографската дејност (Colectivo dos Trabalhadores da Actividade Cinematográfica)

ОРУЖЈЕ И ЛУЃЕ (As Armas e o Povo) е најпознатиот филм за португалската „Револуција на каранфилите“. Група на филмски режисери со рачни камери излегуваат на улиците на Лисабон за време на револуционерната недела од 25 април до 1 мај 1974 година и ги снимаат бурните политички случувања. Филмот ги комбинира големите движења на масите со говорите на Марио Соареш и Алваро Кунал и ослободувањето на политичките затвореници со улични интервјуа направени од бразилскиот режисер Глаубер Роча. Овој филм е непроценлив историски документ, создаден во центарот на настаните од група од дваесетина португалски режисери и филмаџии кои се потпишуваат како „Колективот на работниците во кинематографската дејност“. ОРУЖЈЕ И ЛУЃЕ е манифест за односот меѓу киното и политиката, не само како обичен набљудувач на настаните, туку пред сè како активен учесник во револуционерниот чин.

Возрасна категорија: 16 години
Влезница: 150 денари

 

 

27 ЈУНИ (ЧЕТВРТОК) 20:15 ч.

ТРАС ОС МОНТЕС
(Trás-os-Montes)
Игран филм, Португалија
1976, 111 мин., колор, ДЦП
Режија: Антонио Реис, Маргарида Мартинс Кордеиро (António Reis, Margarida Martins Cordeiro)
Сценарио: Антонио Реис, Маргарида Мартинс Кордеиро (António Reis, Margarida Martins Cordeiro)
Улоги: Албино С. Педро, Карлос Маргаридо Маргарида Мартинс Кордеиро (Albino S. Pedro, Carlos Margarido, Margarida Martins Cordeiro)

ТРАС ОС МОНТЕС (Trás-os-Montes) е португалска независна етнографска докуфикција од 1976 година, напишана, режирана и монтирана од Антонио Реис и Маргарида Кордеиро. Trás-os-Montes еден од репрезентативните филмови на португалското Ново кино (Novo Cinema).
Филмот е сниман за 70 работни дена, во три различни фази. Антонио Реис и Маргарида Кордеиро патуваат десет илјади километри и поминуваат десет месеци во монтажа. Актерската екипа е составена од натуршчици, жители на Bragança и Miranda do Douro.
Филмот е една од првите португалски докудрами, со лиричност во изразот и нелинеарна нарација. Поточно, станува збор за „етнофикција“ која портретира типични карактери од североисточниот дел на Португалија, прикажувајќи ги народните обичаи во величествен рурален амбиент.

Возрасна категорија: 16 години
Влезница: 150 денари

 

29 ЈУНИ (САБОТА) 18:00 ч.

МАСКАРАС
(Máscaras)
Документарен филм, Португал
1976, 110 мин., колор, ДЦП
Режија: Ноемиа Делгадо (Noémia Delgado)
Сценарио: Бенјамин Переира, Ернесто Веига де Оливеира (Benjamim Pereira, Ernesto Veiga de Oliveira)

МАСКАРАС ги документира подготовките и самите ритуалите што се одржуваат во регионот Трас-ос-Монтес во северна Португалија како дел од прославата на „Зимскиот циклус“, серија празници што траат од Божиќ до Чиста Среда. Зимскиот циклус сè уште се слави во многу региони во Европа, посебно во алпските, словенските и балканските земји, во форма на ритуали кои ги изведуваат маскирани протагонисти. Во повеќето случаи, овие маскирани протагонисти ја играат улогата на ликови земени од традицијата и фолклорот. Многу такви ликови – демони и духови – имаат јасна поврзаност со мртвите. Разумно е да се претпостави дека во далечните времиња овие ликови биле дел од ритуалите што се одржувале во врска со култот на мртвите. Во Португалија, вакви ритуали на маски, може да се најдат во руралните и неразвиените делови на Трас-ос-Монтес, каде што се одржуваат за да одбележат различни празници од зимскиот циклус – Божиќ, Денот на Свети Стефан, Феста дос Рапазес или „Празник на Младинците“, Нова Година, Водици и Чиста Среда.

Возрасна категорија: 16 години
Влезница: 150 денари

 

 

29 ЈУНИ (САБОТА) 20:15 ч.

БЕГАЛЕЦ
(A Fuga)
Игран филм, Португалија
1978, 110 мин., колор, ДЦП
Режија: Луис Филипе Рока (Luís Filipe Rocha)
Сценарио: Луис Филипе Рока, Арналдо Абоим (Luís Filipe Rocha, Arnaldo Aboim)
Улоги: Луис Алберто, Мариа до Сеу Гуера, Жозе Виана (Luís Alberto, Maria do Céu Guerra, José Viana)

Филмот е базиран на познатото бегство на Диас Лоренсо, политички затвореник во Форт Пенише, озлогласен затвор на северниот брег на Португалија за политичките неистомисленици на тогашниот диктаторски режим. БЕГАЛЕЦ го прикажува патешествието на еден политички затвореник, од наместениот судски процес, тепањето од агентите на тајната служба и неговото затворање во затворот. Таму се прикажува секојдневниот живот на затворениците и се прикажуваат типични ситуации од нивниот живот. На крај главниот лик успева да побегне и да биде слободен.

Возрасна категорија: 16 години
Влезница: 150 денари