Со проекцијата на филмот ЛУЃЕ ОД АКЦИЈА (Oameni de treaba / Men of Deeds) на 22 МАЈ (ПОНЕДЕЛНИК), со почеток од 20:00 ч., во Кинотеката започнуваат ДЕНОВИТЕ НА РОМАНСКИОТ ФИЛМ. Манифестацијата ДЕНОВИ НА РОМАНСКИ ФИЛМ е во организација на Романскиот културен институт, Амбасадата на Романија и Кинотеката.

ЛУЃЕ ОД АКЦИЈА е романско-бугарска копродукција од 2022, во времетраење од 105 мин., колор, ДЦП, во режија Паул Негоеску (Paul Negoescu).

Автори на сценариото се Раду Романјук и Оана Тудор (Radu Romaniuc, Oana Tudor), кои ќе бидат присутни и публиката по проекцијата ќе има можност да разговара со нив.

Сторијата на ЛУЃЕ ОД АКЦИЈА говори за Илие, маж во доцни 30-ти години, кој ужива во лесниот живот на селски полицаец. Неговата пасивност за време на една серија насилни настани, наскоро го претвора во соучесник во убиство. Илие и неговиот нов колега Вали, кој штотуку дипломирал на полициската академија, имаат многу различни мислења за тоа како треба да продолжи истрагата.

Во селото се акумулира тензија, што го принудува Илие да донесе конечна одлука, која испаѓа дека е погрешна. Или можеби е во право?

По трите филма сместени во урбана средина и снимени според негови сценарија, Негоеску во ЛУЃЕ ОД АКЦИЈА плете филмска приказна во која актерот Јулијан Постелнику (Iulian Postelnicu) остварува блескава улога, наградена на Филмскиот фестивал во Котбус, Германија, минатата година. Во другите улоги Ангел Дамиан, Василе Мурару (Anghel Damian, Vasile Muraru).

Романјук e филмски и театарски актер. Роден е на 5 јуни 1978 година во Фламанци, Романија. Дипломирал на Националниот универзитет за театарски уметности и кинематографија во 2001 година. Во 2003 година ја игра првата улога во филмот ТАНКУЛ, а. познат е по филмовите ДРУГАРОТ ДЕТЕКТИВ (Comrade Detective, 2017), ПРИКАЗНА ЗА ЛЕТНИОТ ГУБИТНИК (Povestea unui pierde-vara, 2018) и ВРАЌАЊЕ НА ЖИВИТЕ МРТОВЦИ: БЛАДАЊЕ ДО ГРОБ (Return of the Living Dead: Rave to the Grave, 2005). Тудор е исто така филмска актерка, која настапува во ЛУЃЕ ОД АКЦИЈА, а претходно и во филмот КРАЈ ШИНИТЕ (Dincolo de calea ferata / By the Rails, 2016)

Филмот ќе биде прикажан на романски јазик, со превод на македонски и англиски јазик, а неговата репризна проекција е закажана за 29 МАЈ (ПОНЕДЕЛНИК) во 20:00 ч.

На ДЕНОВИТЕ НА РОМАНСКИ ФИЛМ ќе бидат прикажани и филмовите ТИ СИ ЧАУШЕСКУ (Pentru mine tu esti Ceausescu / You Are Ceausescu) на Себастијан Михалеску (Sebastian Mihailescu) на 23 Мај (вторник), 20:00 ч.; ИНТРЕГАЛДЕ (Întregalde) на Раду Мунтеан (Radu Muntean) на 25 Мај (четврток), 20:00 ч.; НЕ ДОПИРАЈ МЕ (Touch me not) на Адина Пинтилие (Adina Pintilie) на 26 Мај (петок), 20:00 ч., и МАГНЕТНА РЕЗОНАНЦА (R.M.N.) на Кристијан Мунџиу (Cristian Mungiu) на 27 Мај (сабота), 20:00 ч., и на 30 Мај (вторник), 20:00 ч.

22 МАЈ (ПОНЕДЕЛНИК), 20:00 ч.

29 МАЈ (ПОНЕДЕЛНИК), 20:00 ч.

ЛУЃЕ ОД АКЦИЈА

(Oameni de treaba / Men of Deeds)

Игран филм, Романија / Бугарија

2022, 105 мин., колор, ДЦП

Режија: Паул Негоеску (Paul Negoescu)

Сценарио: Раду Романиук, Оана Тудор (Radu Romaniuc, Oana Tudor)

Улоги: Јулијан Постелнику, Ангел Дамиан, Василе Мурару (Iulian Postelnicu, Anghel Damian, Vasile Muraru)

 

Илие е маж во доцни 30-ти години и ужива во лесниот живот на селски полицаец. Неговата пасивност за време на серија насилни настани наскоро го претвора во соучесник во убиството. Илие и неговиот нов колега Вали, кој штотуку дипломирал на полициската академија, имаат многу различни мислења за тоа како треба да продолжи истрагата.

Во селото се акумулира тензија, што го принудува Илие да донесе конечна одлука, која испаѓа дека е погрешна. Или можеби е во право?

По трите филма сместени во урбана средина и снимени според негови сценарија, Негоеску во ЛУЃЕ ОД АКЦИЈА плете филмска приказна според сценариото на Романиук и Тудор, во која актерот Постелнику остварува блескава улога, наградена на Филмскиот фестивал во Котбус, Германија, минатата година.

 

Возрасна категорија: 14 години

Влезница: 150 денари

 

23 МАЈ (ВТОРНИК), 20:00 ч.

ТИ СИ ЧАУШЕСКУ

(Pentru mine tu esti Ceausescu / You Are Ceausescu)

Документарен филм, Романија

2021, 101 мин., колор/црно-бел, ДЦП

Режија: Себастијан Михалеску (Sebastian Mihailescu)

Сценарио: Себастијан Михалеску (Sebastian Mihailescu)

Улоги: Михаи Чирила, Денис Дума, Флорин Жанг  (Mihai Chirila, Denis Duma, Florin Zhang)

 

Во овој хибриден документарно-игран филм Михалеску ангажира млади луѓе од различно потекло,на возраст од 15 до 22 години, кои учествуваат на аудицијата за улогата на романскиот диктатор Николае Чаушеску во неговата младост, во периодот пред Втората светска војна.

Тинејџерите заземаат пози на ликовите од архивските фотографии, ги фикционализираат историските настани и влијаат еден на друг. Тие се поврзуваат со фиктивниот лик на Чаушеску без никаква предумисла, присвојувајќи го неговиот карактер и мотивација низ призмата на сопствените интереси и клишеата на комерцијалниот филм. Резултат на тој процес е портрет на предвоената генерација и поглед на оставштината на романскиот комунистички лидер од денешен аспект.

Михалеску ја започнал кариерата на асистент на режисерите Раду Јуде во филмот АФЕРИМ!, кој во 2015 ја освои „Сребрената мечка“ на Берлинале и на Раду Мунтеан, ЕДЕН КАТ ПОДОЛУ (Un etaj mai jos / One Floor Below, 2015), учесник на Канскиот фестивал.

 

Возрасна категорија: 14 години

Влезница: 150 денари

 

25 МАЈ (ЧЕТВРТОК), 20:00 ч.

ИНТРЕГАЛДЕ

(Întregalde)

Игран филм, Романија

2021, 104 мин., колор, ДЦП

Режија: Раду Мунтеан  (Radu Muntean)

Сценарио: Раду Мунтеан, Александру Бачиу, Разван Радулеску (Radu Muntean, Alexandru Baciu, Razvan Radulescu)

Улоги: Марија Попистасу, Илона Брезојану, Алекс Богдан (Maria Popistasu, Ilona Brezoianu, Alex Bogdan)

 

Сторијата на филмот се фокусира на група хуманитарци во Романија кои носат залихи во областите погодени од сиромаштија во регионот на Трансилванија. Нивното патување до селото Интрегалде ќе се искомплицира откако ќе земат дезориентиран старец на кој му треба превоз…

Мунтеан го опишува филмот како инспирација од вистински волонтерски експедиции за испорака на намирници во оддалечените романски градови. Колку ваквите мисии, всушност, им помагаат на селаните, наспроти чувството дека богатите урбани граѓани сами си честитаат за нивната дарежливост?

Филмот беше премиерно прикажан во програмата на авторите на Канскиот филмски фестивал во 2021 година. Меѓу десетината учества на филмските фестивали ИНТРЕГАЛДЕ победи во Трст (Италија), Хихон (Шпанија) и Хаифа (Израел).

 

Возрасна категорија: 14 години

Влезница: 150 денари

 

26 МАЈ (ПЕТОК), 20:00 ч.

НЕ ДОПИРАЈ МЕ

(Touch me not)

Игран филм, Романија / Германија / Чешка / Франција / Бугарија

2018, 123 мин., колор, ДЦП

Режија: Адина Пинтилие (Adina Pintilie)

Сценарио: Адина Пинтилие (Adina Pintilie)

Улоги: Лаура Бенсон, Томас Лемарквис, Кристијан Баерлајн, Грит Улеман, Адина Пинтилие, Хана Хофман (Laura Benson, Tómas Lemarquis, Christian Bayerlein, Grit Uhlemann, Adina Pintilie, Hanna Hofmann)

 

Необичниот филм на Пинтилие претставува смеса на реалност и фикција во која режисерката и нејзините глумци ги испитуваат границите на интимноста.

Филмот започнува така што Лаура (Бенсон) изнајмува млад маж за да го гледа додека тој мастурбира. Потоа, во една болница, пациентите учествуваат во психо-терапија во која меѓусебно си ги допираат лицата. Главните ликови во болницата се Кристијан (Баерлајн), момче со деформирано тело, и Томас (Лемарквис), момче без коса и без влакна на телото. Тие двајца зборуваат за својата интимност и за своите погледи на животот.

Една ноќ, Томас оди во ноќен клуб во кој посетителите имаат садо-мазохистички и други сексуални односи. Исто така, Лаура води разговори со Грит (го игра Улеман), транс-сексуална проститутка (поранешен маж кој сега е жена)…

Филмот на Пинтилие ја подели критиката и публиката, но овој необичен естетски експеримент на Пинтилие ја осови „Златната мечка“ на Берлинале и доминираше на доделувањето на националните филмски награди во Романија. НЕ ДОПИРАЈ МЕ забележа уште десетина номинации за награди на филмските фестивали во светот.

 

Возрасна категорија: 14 години

Влезница: 150 денари

 

27 МАЈ (САБОТА), 20:00 ч.

30 МАЈ (ВТОРНИК), 20:00 ч.

МАГНЕТНА РЕЗОНАНЦА

(R.M.N.)

Игран филм, Романија / Белгија / Франција / Шведска

2022, 125 мин., колор, ДЦП

Режија: Кристијан Мунџиу (Cristian Mungiu)

Сценарио: Кристијан Мунџиу (Cristian Mungiu)

Улоги: Марин Григоре, Јудит Стате, Макрина Барладеану (Marin Grigore, Judith State, Macrina Barladeanu)

 

Неколку дана пред Божиќ, Матијас ја напушта работата во Германија и се враќа во мултиетничкото трансилванско село. Сака да биде повеќе вклучен во растењето на својот син и да му помогне на детето да се ослободи од неговите нејасни стравови.

Матијас е преокупиран и со својот стар татко, како и желбата да ја види својата поранешна љубовница, Сила. Кога во малата фабрика, која ја води Сила, ќе се вработат неколку нови работници, мирот во заедницата полека се нарушува. Уплашеноста ги обзема жителите, а фрустрацијата и страстите ја нарушуваат дотогашната состојба на привидното разбирање и смиреноста.

Мунџиу со неговиот најнов филм победи на фестивалот во Палиќ, Србија, и беше во конкуренција на уште неколку фестивали, меѓу кои и Кан и Чикаго. Тој со неговиот прв успех во 2007 година, ЧЕТИРИ МЕСЕЦИ, ТРИ НЕДЕЛИ И 2 ДЕНА (4 luni, 3 saptamâni si 2 zile) освои педесетина награди и беше предводник на романскиот нов филмски бран што направи фасцинантен пробив во светската кинематографија.

 

Возрасна категорија: 12 години

Влезница: 150 денари