Крајот на месецот октомври и почетокот на ноември во Кинотеката е резервиран за веќе традиционалните Денови на современиот јапонски филм.

Посетителите ќе имаат можност да видат четири интересни наслови наменети за сите возрасти. Од семејната драма ГЛАСОТ НА УЧИТЕЛОТ со специфичната ракуго филозофија на раскажување приказни, преку епската мелодрама ОШИН, која е филмска адаптација на мегапопуларната ТВ серија, и актарктивната анимација во РУДОЛФ ЦРНИОТ МАЧОР, до акционата комедија САМУРАЈ МАЧКА.

 

29 ОКТОМВРИ (ВТОРНИК), 20:00 ч.

ГЛАСОТ НА УЧИТЕЛОТ

(Mô ichido /His master’s voice)

Игран филм, Јапонија

2014, 95 мин., колор, ДЦП

Режија: Хиројуки Итаја (Hiroyuki Itaya)

Сценарио: Хиројуки Итаја (Hiroyuki Itaya)

Улоги: Најута Фукузаки, Гори, Тајхеи Хајашија (Nayuta Fukuzaki, Gori, Taihei Hayashiya)

 

Топла драма осмислена од ракуго-изведувачот на Тајхеи Хајашија. „Ракуго“ е раскажувач на приказни – своевидна јапонска монодрама –и тој глуми неколку ликови менувајќи го гласот. Ракуго-изведувачот секогаш седи и го ткае наративот за највисоките и најниските вредности на обичните луѓе. Ветеранот во продукцијата на музички видеоспотови Хиројуки со овој филм го реализира своето играно режисерско деби, за кое, исто така, го напишал и сценариото и го монтирал филмот. Дизајнерката на продукција со интернационална успешна кариера – Танеда Јохеи – е потпишана под сценографијата на филмот.

Приказната се случува во доцниот 19 век. Ученикот по ракуго-перформанс Тајхеи (Хајашија) се откажува од надежта дека ќе го положи испитот, а очајот го наведува да замине во округот Фукагава во Токио, каде што изнајмува куќичка. Таму се среќава со емотивно повлечено момче по име Садакичи (Најута Фукузаки) и, како што одредува судбината, започнува да го поучува ракуго…

Возрасна категорија: За сите возрасти

Влезница: Бесплатен влез

 

30 ОКТОМВРИ (СРЕДА), 20:00 ч.

ОШИН

(Oshin)

Игран филм, Јапонија

2013, 109 мин., колор, ДЦП

Режија: Шин Тогаши (Shin Togashi)

Сценарио: Шин Тогаши, Кота Јамада (Shin Togashi, Kota Yamada)

Улоги: Коконе Хамада, Аја Уето, Инагаки Горо, Кајоко Кишимито (Kokone Hamada, Aya Ueto,Inagaki Goro,Kayoko Kishimoto)

 

ОШИН е филмска адаптација на популарниот телевизиски серијал во Јапонија кој се здоби со светска популарност во осумдесеттите години од минатиот век.

Дејствието се случува во периодот Меиџи, на почетокот на дваесеттиот век. Седумгодишното девојче Ошин (Хамада Коконе) е испратено да работи во туѓо семејство поради лошата финансиска состојба на нејзините родители, сиромашни селани. Нејзиниот татко Сакузо (Инагаки Горо) и мајката Фуџи (Уето Аја) ја испраќаат со солзи, а таа тргнува со сплав по снежната река Могами…

Телевизискиот серијал е сниман според дневниците напишани од вистинската (веќе возрасна) Ошин, а дејствието на филмот се однесува и се задржува на нејзиното детство. Дел од актерите од серијалот играат и во филмот…

ОШИН во 2013 година беше победник во неколку категории на Детскиот интернационален филмски фестивал во Исфахан, Иран, и во Кина, а беше прогласуван и за најдобар детски филм во Азија истата година…

Возрасна категорија: За сите возрасти

Влезница: Бесплатен влез

 

 

31 ОКТОМВРИ (ЧЕТВРТОК), 20:00 ч.

РУДОЛФ ЦРНИОТ МАЧОР

(Rudolf to Ippai-attenaRudolf the Black Cat)

Анимиран филм, Јапонија

2016, 89 мин., колор, ДЦП

Режија: Мотонори Сакакибара, Кунихико Јујама(Motonori Sakakibara, Kunihiko Yuyama)

Сценарио: Хироши Саито, Ханмо Сугиура(Hiroshi Saitô, Hanmo Sugiura)

Гласови на улогите: Мао Иноуе, Рјохеи Сузуки, Акио Оцука (Mao Inoue, Ryôhei Suzuki, Akio Ôtsuka)

 

Рудолф е мал црн мачор од градот Гифу (центар на Јапонија), кој за прв пат го напушта домот, придружувајќи ја својата сопственичка, девојчето Рие, кое патува во посета кај нејзината баба. Низата несреќни настани предизвикуваат Рудолф да добие удар и да биде во несвест во приколката на товарниот камион. Кога Рудолф подоцна ќе се разбуди на чудно место, случајно се среќава со Готалот, големата мачка од која се плашат сите во градот. Дознавајќи дека е во Токио, на другата страна на Јапонија, Рудолф е принуден да се адаптира на својата нова ситуација со Готалот и другите нови пријатели, како што се нервозната мачка Бучи и шармантниот мачор Миша. Но Готалот, кога на ТВ открива од каде е Рудолф, тајно му помага да се врати кај Рие, а во меѓувреме, Рудолф го открива минатото на Готалот и неговиот однос со лошото куче наречено Ѓавол…

 Возрасна категорија: За сите возрасти

Влезница: Бесплатен влез

 

1 НОЕМВРИ (ПЕТОК), 20:00 ч.

САМУРАЈ МАЧКА

(Nekozamurai / Samurai Cat)

Игран филм, Јапонија

2014, 100 мин., колор, ДЦП

Режија: Такеши Ватанабе, Јошитака Јамагучи (Takeshi Watanabe, Yoshitaka Yamaguchi)

Сценарио: Јуџи Нагамори, Хисакацу Куроки (Yûji Nagamori, Hisakatsu Kuroki)

Улоги: Казуки Китамура, Јосуке Асари, Јорико Догучи (Kazuki Kitamura, Yôsuke Asari, Yoriko Dôguchi)

 

Самурајот Kјутаро Мадарам некогаш бил суров убиец, но сега живее во сиромаштија. По подолго време, тој прима нарачка за убиство. Сепак, излегува дека целта на атентатот е малку необична и го омекнува суровиот самурај: Мадарам е ангажиран од банда – љубители на кучиња – да ја убие симпатичната бела мачка, саканото милениче на ривалската банда. Меѓутоа, откако ќе го крене мечот на мачката, самурајот не може да ја оправда постапката пред себеси, и мачката ќе го стопи неговото срце…

Возрасна категорија: За сите возрасти

Влезница: Бесплатен влез

Leave a comment