Шпанија – земја богата со убавини, со историја, со разновидна уметност. Како да се почне да се пишува за сето ова, како да се продолжи, како да се заврши. Не е лесно. Многу нешта се, па може  и да се изуми, но работата се поедноставува затоа што фокусот е на уметноста, и тоа најмладата, филмската.

На шпанската почва, која е голема, трета во Европа, изникнале уметнички големини од светски калибар. Тоа го овозможило и разноликоста на народите, на јазиците, на традициите. Во сликарството Гоја, Ел Греко, Пикасо, Дали… Во книжевноста, Сервантес со неговиот Дон Кихот, една од најпреведуваните книги во светот. Не смее да се изостави ниту поезијата на Лорка. Своевидни уметнички дела се и архитектонските градби проектирани од Гауди.

Посебно внимание исто така предизвикува и шпанската кинематографија. Доволно е да се споменат режисерите Буњуел, Саура, и последниве децении веќе неизбежниот режисер-сценарист Алмодовар. Мал дел – но голем по квалитет – од шпанските филмови ќе биде прикажан во рамките на веќе традиционалната манифестација Денови на шпански филм. Селекција која кинотека се решила да им ја понуди на филмските гледачи, во средината на месец ноември. Составена е од кинематографски ракописи создадени од крајот на седмата декада од минатиот век до самиот крај на втората декада од 21 век.

Овие филмски дела критиката ги прифати со голема почит, потврдувајќи го тоа со доделување на наградата Гоја, а филмот потпишан од големиот Карлос Саура е номиниран на Оскар за најдобар странски филм.

Првиот филм во годинешнава селекција e КРАВИ, по сценарио и режија на Хулио Медем. Тој направи своевиден експеримент, раскажувајќи ја филмската сторија од ексцентрична гледна точка на кравите, правејќи своевидна алузија на Герника на Пикасо.  Ден потоа, љубителите на подвижните слики ќе имаат привилегија да го видат делото на Карлос Саура, МАМА ПОЛНИ 100. Во него, главната ролја  ѝ беше доделена на Џералдин Чаплин, наследничка на легендарниот, незаборавниот Чарли Чаплин.  Публиката ќе има можност да го види и филмот ЕЛИЗА, ЉУБОВ МОЈА кој исто така е во режија на Карлос Саура. Актерот Фернандо Реј за улогата на Луис во ЕЛИЗА, ЉУБОВ МОЈА, ја доби наградата за Најдобар актер на Канскиот филмски фестивал во 1977 година, а Карлос Саура беше номиниран во категоријата за Најдобра режија.

Исто така ќе бидe прикажан филмот ЏИНОТ, во режија на Аитор Ареги и Јон Гарањо, Хозе Мари Гоенага, додека пак сценариост е Карлос Саура. Она што е особено интересно за овој филм е тоа што сценариото е базирано на вистински настани и личности, а во филмот се говори на баскиски и шпански јазик. Во 2018 година ЏИНОТ освоил повеќе награди „Гоја“ (за сценарио, камера, монтажа, најдобар актер, итн.) и ја добил посебната награда на жирито на филмскиот фестивал во Сан Себастијан во 2017 година.

Во оваа селекција ќе бидат прикажани филмовите ТЕЗА ЗА ЕДНО УБИСТВО, психолошки трилер кој нема да ве остави рамнодушни, како и дебитантскиот филм ЕЛ БОЛА. Ова е еден од најуспешните кино првенци во поновата шпанска кинематографија. Освоил не една, не две туку четири награди Гоја. Често е споредуван со францускиот филм 400 УДАРИ на легендарниот Франсоа Трифо.Посетителите ќе можат да го погледнат и филмот СЕДУМ МАСИ ЗА БИЛЈАРД.

Нема сомнение дека филмовите кои доаѓаат од Пиринејскиот полуостров, ќе ги заинтересираат и задоволат филмските гледачи од нашава земја, дел од Балканскиот полуостров.

 

 

 

ДЕНОВИ НА ШПАНСКИ ФИЛМ
15 НОЕМВРИ (СРЕДА), 20:00 ч.

КРАВИ
(Vacas / Cows)
Игран филм, Шпанија
1992, 96 мин., колор, ДЦП
Режија: Хулио Медем (Julio Médem)
Сценарио: Хулио Медем, Мичел Гастамбиде (Julio Médem, Michel Gaztambide)
Улоги: Кармело Гомез, Ема Суарез, Ана Торент, Кара Елахаде (Carmelo Gómez, Emma Suárez, Ana Torrent, Karra Elejade)

КРАВИ е филм од 1991 година, по сценарио и режија на Хулио Медем. Тоа е првиот филм на Медем за кој ја има освоено наградата Гоја во 1993 година за најдобар нов режисер.
Филмот е морничава семејна сага сместена во рурална Баскија. Ги следи реплетените животни приказни на две семејства и нивното ривалство низ три генерации и повеќе од шеесет години, во еден нестабилен и крвав период, помеѓу 1875 и 1936 година. Режисерот Хулио Медем користи храбри стилски решенија за да ја илустрира цикличната природа на нерешениот судир меѓу двете ривалски семејства во филмот: користи ист актер низ различни генерации и понекогаш приказната се раскажува од ексцентрична гледна точка на кравите, симболична фигура на баскискиот идентитет и алузија на Герника на Пикасо.
КРАВИ е евокативен филм за значењето на семејството, честа, традицијата и сеќавањето со аура на мистерија. Тоа e еден од најважните шпански филмови во 1990-тите години, со кој започна оживувањето на баскиската кинематографија.

Возрасна категорија: 16 години
Влез бесплатен

 

 

ДЕНОВИ НА ШПАНСКИ ФИЛМ
16 НОЕМВРИ (ЧЕТВРТОК), 20:00 ч.

МАМА ПОЛНИ 100 ГОДИНИ
(Mamá cumple cien años / Mama Turns 100)
Игран филм, Шпанија
1979, 100 мин., колор, ДЦП
Режија: Карлос Саура (Carlos Saura)
Сценарио: Рафел Аскона, Карлос Саура (Rafael Azcona, Carlos Saura)
Улоги: Џералдин Чаплин, Фернан Гомез, Рафаела Апарисио, Ампаро Муњоз (Geraldine Chaplin, Fernando Fernán Gómez, Rafaela Aparicio, Amparo Muñoz)

МАМА ПОЛНИ 100 е шпанска комедија од 1979 година, во сценарио и режија на великанот на шпанската кинематографија, Карлос Саура, и беше номиниранa за наградата „Оскар“ за најдобар странски филм во 1979 година. Филмот е продолжение на драмата АНА И ВОЛЦИТЕ (Ana y los lobos), исто во режија на Саура во 1973 година. И двата филма се политичка алегорија на животот во Шпанија за време на диктатурата за Франко. Во МАМА ПОЛНИ 100 продолжува приказната за Ана, (играна од Џералдин Чаплин) која по многу години се враќа на имотот каде работела како дадилка. Таа е дојдена на прославата на 100-тиот роденден на матријархот. Но, наскоро дознава дека роднините на мајката подготвуваат заговор да ја убијат.

Возрасна категорија: 16 години
Влез бесплатен

 

 

ДЕНОВИ НА ШПАНСКИ ФИЛМ
17 НОЕМВРИ (ПЕТОК), 20:00 ч.

ТЕЗА ЗА ЕДНО УБИСТВО
(Tesis sobre un homicidio /Thesis on a Homicide)
Игран филм, Шпанија / Аргентина
2013, 106 мин., колор, ДЦП
Режија: Хернан Голдфрид (Hernán Goldfrid)
Сценарио: Патрицио Вега, по роман на Диего Пашковски, ( Patricio Vega, Diego Paszkowski)
Улоги: Рикардо Дарин, Наталија Сантијаго, Алберто Аман (Ricardo Darín, Natalia Santiago, Alberto Ammann)

Еден од стидентите на семинарот кој го води професорот Роберто Бермудез, експерт за кривично право, е и Гонзало, син на негови пријатели. Очигледно е дека енигматичното момче има некаков проблем со авторитети, бидјеќи постојано му пркоси на професорот. Нивниот однос станува поконфликтен кога на паркингот од кампусот ќе биде пронајдена убиена келнерката од кафетеријата во која свратуваат сите студенти. Според професорот, убиството е дело на психопат, но Гонзало се спротивставува на оваа теза. Истрагата поврзана со убиството се претвора во опсесија и за професорот и за студентот.

Возрасна категорија: 16 години
Влез бесплатен

 

 

 

 

ДЕНОВИ НА ШПАНСКИ ФИЛМ
18 НОЕМВРИ (САБОТА), 20:00 ч.

ЕЛ БОЛА
(El Bola / Pellet)
Игран филм, Шпанија
2000, 88 мин., колор, ДЦП
Режија: Ачеро Мањас ( Achero Mañas)
Сценарио: Ачеро Мањас, Вероника Фернандез (Achero Mañas, Verónica Fernández)
Улоги: Хуан Хозе Балеста, Пабло Галан, Алберто Хименез, Ана Вагенер (Juan José Ballesta, Pablo Galán, Alberto Jiménez, Ana Wagener)

ЕЛ БОЛА на Ачеро Мањас од 2000-та година е еден од најуспешните дебитански филмови во поновата шпанска кинематографија. Филмот е добитник на четири награди „Гоја“: за најдобро оригинално сценарио, најдобар нов актер, најдобар нов режисер и најдобар филм. Споредуван со 400 УДАРИ на Франсоа Трифо, филмот ни раскажува за Пабло, познат како „Ел Бола“, дванаесетгодишно момче од сиромашна населба во Мадрид со премногу строг татко кој често го тепа. Тој има малку пријатели сè додека не се запознае со Алфредо, новото дете во класот. Пабло се чувствува пријатно во топлата и грижлива атмосфера во семејството на Алфредо, што е во спротивност со неговото семејство и неговиот диктаторски татко. Искуството на Пабло со семејството на неговиот пријател го учи да се соочи со своите најлоши стравови.

 

Возрасна категорија: 16 години
Влез бесплатен

 

 

ДЕНОВИ НА ШПАНСКИ ФИЛМ
19 НОЕМВРИ (НЕДЕЛА), 20:00 ч.

СЕДУМ МАСИ ЗА БИЛЈАРД
(Siete mesas de billar francés)
Игран филм, Шпанија
2007, 116 мин., колор, ДЦП
режија: Грaсиjа Керехета (Gracia Querejeta);
сценарио: Давид Планел, Грасиja Керехета (David Planell, Gracia Querejeta);
улоги: Марибел Верду, Бланко Портиљо, Хесус Кастехон (Maribel Verdú, Blanco Portillo, Jesús Castejón)

Ангела и нејзиниот син Гиље патуваат во големиот град за да го посетат Лео, таткото на Ангела, за кој разбрале дека е болен. Меѓутоа, кога пристигнуваат во градот Лео е веќе починат, а Чаро, неговата љубовница, им раскажува за маките што стариот ги имал со својот бизнис во последно време. Имено, починатиот зад себе оставил сала со седум маси за билијард и неговото семејство треба да реши дали да ги продаде и со добиените пари да ги плати долговите, или да го заживее бизнисот и да си обезбеди егзистенција.

Возрасна категорија: 16 години
Влез бесплатен

 

 

ДЕНОВИ НА ШПАНСКИ ФИЛМ

20 НОЕМВРИ (ПОНЕДЕЛНИК), 18:00 ч.

ЏИНОТ
(Handia / The Giant)
Игран филм, Шпанија
2017, 114 мин., колор, ДЦП
Режија: Аитор Ареги, Јон Гарањо, Хозе Мари Гоенага (Aitor Arregi, Jon Garaño)
Сценарио: Карлос Саура (Aitor Arregi, Jon Garaño, Jose Mari Goenaga)
Улоги: Хосеба Усабијага, Енеко Сагардој, Ињиго Аранбуру, Рамон Агире, Аја Крузе (Joseba Usabiaga, Eneko Sagardoy, Iñigo Aranburu, Ramón Agirre, Aia Kruse)

Откако ќе биде ранет за време на отслужување на воениот рок, Мартин се враќа во своето родно село Алцо во Баскискиот регион на Шпанија. Таму открива дека неговиот помлад брат Хоакин израснал во вистински џин и во таа негова аномалија тој гледа извор на заработувачка. Двајцата браќа ќе тргнат на турнеја низ Европа и секаде онаму кадешто можат да заработат од необичноста на „џинот“. Мартин се надева дека ќе собере доволно пари за да замине во Америка, а Хоакин сака со парите да ја откупи семејната фарма и да се врати во родното село. Расте несогласувањето помеѓу нив, како што се влошува и здравјето на Хоакин, дијагностициран со „гигантизам“ од страна на европските доктори.

Сценариото е базирано на вистински настани и личности, а во филмот се говори на баскиски и шпански јазик. Во 2018 година ЏИНОТ освоил повеќе награди „Гоја“ (за сценарио, камера, монтажа, најдобар актер, итн.) и ја добил посебната награда на жирито на филмскиот фестивал во Сан Себастијан во 2017 година.

Возрасна категорија: 16 години
Влез бесплатен

 

ДЕНОВИ НА ШПАНСКИ ФИЛМ
20 НОЕМВРИ (ПОНЕДЕЛНИК), 20:00 ч.

ЕЛИЗА, ЉУБОВ МОЈА
(Elisa, vida mía / Elisa, My Love)
Игран филм, Шпанија / Куба / Велика Британија / Германија
1977, 125 мин., колор, ДЦП
Режија: Карлос Саура (Carlos Saura)
Сценарио: Карлос Саура (Carlos Saura)
Улоги: Фернандо Реј, Џералдин Чаплин, Норман Бриски, Изабел Местрес, Хоакин Инохоса (Fernando Rey, Geraldine Chaplin, Norman Briski, Isabel Mestres, Joaquín Hinojosa)

 

Елиза минува низ брачна криза и веќе девет години го нема видено својот татко Луис. По телеграмата што ја добива од сестра си Исабел, во која пишува дека нивниот татко е тешко болен, таа ќе појде надвор од Мадрид за да го посети. Ќе остане подолго време со него, ќе ги дознае причините зошто тој ја оставил мајка им пред многу години, но и самата ќе му раскажува за својот неверен сопруг кој ја измамил со најдобрата другарка. Кога Антонио, сопругот на Елиза, ненадејно ќе пристигне во куќата, таа веќе има решено што ќе прави понатаму во животот.

Фернандо Реј за улогата на Луис во ЕЛИЗА, ЉУБОВ МОЈА, ја доби наградата за Најдобар актер на Канскиот филмски фестивал во 1977 година, а Карлос Саура беше номиниран во категоријата за Најдобра режија.

 

Возрасна категорија: 16 години
Влез бесплатен