Денес (25 март, петок) на пладне во кино-салата на Кинотеката беше промовиран блуреј (bluray) дискот со дигитално реставрираната верзија на МИРНО ЛЕТО на Димитрие Рули Османли. Ова е прво блуреј издание на македонски филм.

Настанот го отвори Петар Волнаровски, филмолог-советник и раководител на одделот за истражување, издавачка, библиотечна и меѓународна дејност, кој изрази посебно задоволство што денес се промовира активност што е фундаментална во работата на Кинотеката – издавање на зачуваното и дигитализирано наследство од македонската кинематографија.

Присутните на настанот го проследија и освртот на д-р Атанас Чупоски, филмолог-советник, за настанувањето на филмот МИРНО ЛЕТО во 1961 година. Потоа вишиот филмолот Александар Трајковски и филмскиот техничар Тихомир Кашмицовски презентираа дел од нивното искуство во реализирањето на дигитализацијата на МИРНО ЛЕТО со лабораторијата „Клик филм“ во Загреб, Хрватска, во услови на пандемија и виртуелна комуникација.

Љупка Џундева и Слободан Перовиќ во „Мирно лето“

Филмот МИРНО ЛЕТО нема целосни оригинални негативи, туку само позитив 35-мм копии кои останале од кино-дистрибуцијата во минатото, и е користена најмалку оштетената копија. Трајковски и Кашмицовски го надгледуваа процесот на скенирање на интернегативи во 2К-резолуција, кои беа обработени од лабораторијата „Клик филм“. Звукот исто така беше дигитално обновен и реализиран е новиот 2K мастер, од кој сега се достапни DCP и други дигитални верзии за прикажување и архивирање.

Трајковски и Кашмицовски изразија задоволство што денешната промоција на блуреј изданието на МИРНО ЛЕТО се совпадна со пристигнувањето на софистицираниот дигитален скенер во Кинотеката, споделувајќи ја надежта дека следната промоција ќе биде дигилизирано издание на македонските играни филмови комплетно реализирано во Кинотеката.

Своите спомени врзани за МИРНО ЛЕТО ги сподели и филмскиот сценарист и публицист Томислав Османли, син на Димитрие Османли, а во публиката беа присутни и членови на семејствата на дел од протагонистите во филмот.

МИРНО ЛЕТО е прва комедија во македонската кинематографија, главните улоги ги толкуваат Љупка Џундева и Слободан Перовиќ, а актерскиот ансамбл го сочинуваат Петре Прличко, Мери Бошкова, Илија Милчин, Дарко Дамески, Ацо Јовановски, Анче Џамбазова, Димитар Ќостаров, Панче Камшик, Стојка Цекова, Вукосава Донева и други.