Алек Василевски / Владимир Љ. Ангелов

ДИНАМИЧНИОТ СЕНЗИБИЛИТЕТ НА БАНОВ НИЗ ВИЗУРАТА ОД ПРАШКАТА ШКОЛА

Уште од почетните кадри од филмот БАСКЕТ, Димитар Банов успева да ни долови длабока, игрива, онирично-фантазмагорична замисла за детскиот идеал – да се порасне и да се стане некој.

Пепо е фан на националната селекција на Македонија во кошарка  и секојдневно под будно око ги следи натпреварите во баскет на повозрасните фраери од неговото маало, а потајно присакува побрзо да порасне за да се приклучи во маалскиот тим „на големите“. Секако, за оваа цел потребни се големи жртвувања и откажувања и баеги фурни леб јадење.

Посебен респект, што блика од филмот, предизвикува страсната пасија што режисерот Димитар Банов ја покажува кон маалскиот баскет, бидејќи очигледно и тој е голем вљубеник, и претпоставуваме дека овој проект тлеел со години, од самото детство, и е инспириран од вистински настани. Со ритмичен динамизам улогата на Пепо ја толкува помладиот адолесцент Хусеин Бајрам. За него не претставува проблем да одговори на дадените предизвици бидејќи и самиот во приватниот живот игра баскет. Свесно, или несвесно изборот за втора улога е на натуршчикот Марко Петковски кој по физичкиот хабитус наликува на еден од ликовите на Спајк Ли (што всушност и е самото алтер его на Спајки Ли) од филмот КЛОКЕРС/ Clockers (1995), е една од дилемите кои може да одговори само режисерот. Може да нагаѓаме и да одиме на скалилото на асоцијативни наслови кои пробудуваат слични спецификации како на пр. БЕЛИОТ ЧОВЕК НЕ МОЖЕ ДА СКОКНЕ/ White Men Can’t Jump (1992), НЕГОВАТА ИГРА/ He Got Game (1999) и др. но сепак, ние ќе останеме доследни на примарната констатација дека Банов е навлезен во баскетот и филмот подеднакво, и со знаење и со љубов.

Една од повозбудливите сцени кои би ја издвоиле е кога храбриот Пепо се соочува лице в лице со повозрасните момци кои се приближуваат кон него во маниристички стил со класичeн цитат (од вестернот БЕШЕ ЕДНАШ НА ДИВИОТ ЗАПАД/ Once Upon a Time in the West (1968)  во режија на Серџо Леоне) воден од минуциозниот пристап на снимателското око на Александар Крстевски кој користи крупните планови од лицата на актерите.

Но, и покрај тоа што еден од (по)опасните маалски момци не го штеди во дуелот и покрај старосната и физичката диспропорција, Пепо покажува механизам на завиден одбранбен импулс. Секако би ја издвоил овде и споредната улога на Милан Тоциновски како локален сеирџиски провокатор, кој има докажано актерско искуство имајќи ја предвид неговата примарна професија како монтажер. Интересна мозаична игра се создава и со учеството, како специјален гостин, на Митко Гaштарoвски, урбаната хип хоп легенда на музичката сцена од Скопје, харизматичниот лидерски вокал на бендот САФ, кој како ретко кој останува достоен на својот музички правец, а притоа не е во дослух со други екпериментални варијации. Од друга страна кога помислувам, познавајќи го Мите со години (А. В.), сигурно го облеале екстатични бранови на восхит при неговиот повик за учество во филмот, а не смееме да заборавиме да напоменеме, а и не би биле правични пред себе, кога не би кажале дека неговата извонредна хип хоп музика нè води низ филмската фабулатвна нарација. И секако, треба да се истакне епизодата на поранешниот кошаркарски репрезентативец Тодор Гечевски кој изненадувачки успешно игра улога на „комеди рилиф“.

Со тематската застапеноста на баскетските милјеа, што своевремено беше една од главните спортски игри во Скопје, покрај фудбалот, Банов како да ни најавува ново освестување од летаргичните пранги на зачмаена втренченост од електронската технологија околу нас и нејзината застапеност на секој чекор која вртоглаво нè алиенира не само нас, туку и сите луѓе без разлика на возраст или каква и да е поделба, на глобално ниво. Дозволете да го кажам својот став за убавите навики на хуманост и емпатичност (А. В.), а тоа е дека моите радари како да ми укажуваат дека тие исчезнуваат, а Банов како да изнурнува и се обидува да нè убеди и да воскликне дека надеж сепак има, а во тоа нè уверува во една од сцените кога по нивната претходната расправија предизвикана од Пепо, тој (Пепо) и неговиот верен другар сепак по многу перипетии си простуваат еден на друг за претходно сторените грешки, намерни или ненанемерни, а тоа е главниот столб за цврсто другарство.

Во финишот на филмот, Пепо успева да ја оствари својата животната цел од детството, а тоа е параф за професионален клуб.

На крај, кога би сумирале, резултатите од филмската реализација на кусометражниот филм БАСКЕТ на Банов, со префинета естетичка визура и знаеење здобиено од реномираната прашка школа, се и повеќе од позитивни. Имајќи предвид дека Банов се нафатил да сними хуман и топол, оптимистички филм за растењето, нешто што е многу малку присутно во нашата кинематографија, успехот на овој филм е дотолку поголем. По премиерата, луѓето од филмот излегоа задоволни, насмеани и ведри. Дали тоа е целта?

Не ни останува ништо друго туку да се надеваме и да му посакаме на Банов неговиот филм да се најде во избор на некоја меѓународна филмска смотра, а во меѓувреме нека биде достоен урок за сите нас.