На 26 мај (среда) на пладне, во дворот на кинотечното летно кино „Мирно лето“, со целосно почитување на препораките за заштита од КОВИД-19, на режисерот Коле Манев и на монтажерот Спасе Тасевски им беа врачени годинешните „Златни објективи“. Манев и Тасевски добија пригодни плакети и стилизирани значки.

Признанието „Златен објектив“ на филмски работници кои преку својот професионален ангажман придонеле за создавањето, развојот, промовирањето и популаризацијата на македонската кинематографија. Управниот одбор на Кинотека, во состав Томислав Османли – претседател,  Љупчо Коскаров, Влатко Галевски, Атанас Чупоски и Арсим Лесковица, ги избраа Коле Манев и Спасе Тасевски за годинешни добитници на признанието „Златен објектив“. Овие признанија Кинотеката на РС Македонија ги доделува секоја година по повод својот роденден, датумот на донесување на Законот за основање на Кинотеката на Македонија – 29 април, 1974 година.

На присутните гости и филмофили со поздравен говор им се обрати д-р Атанас Чупоски, филмолог-советник во Кинотеката. Чупоски презентираше исцрпна био-филмографија на годинешните лауреати Манев и Тасевски, од нивните први чекори во филмска професија и уметност, па сè до најзначајните остварувања. Како низ сценарио за документарен филмски портрет, Чупоски ги водеше присутните низ творечките фази на монтажерот Спасевски и режисерот Манев, понекогаш и испреплетени. Секако, и нивните достигнувања, награди и признанија кои ги добивале за нивните опуси, а не беа изоставени ниту анегдотите врзани за нив.

„Манев и Спасевски со голема љубов беа посветени на својата професија. Манев го докажува тоа со неговиот краток игран филм ЕКОСКОП, реализиран минатата 2020 година. А ниту Спасевски не мирува: сè уште ја подгрева идејата да ја измонтира интегралната верзија на филмот ЈАД (1975) на Кирил Ценевски (каде што бил прв асистент на монтажерот Вангел Лаки Ченчев) во траење од 3,5 часа“, потенцираше Чупоски.

Директорот на Кинотеката Владимир Ангелов потсети на клучните датуми за формирањето и институционалното форматирање на Кинотеката – 30 март 1974, кога Претседателот на Собранието на Социјалистичка Република Македонија Никола Минчев го потпишува буџетот на Кинотеката, и на 24 април, кога Собранието на СРМ го носи законот за основање на Кинотека на СРМ, со кој Кинотеката прибира, обработува, чува, заштитува и презентира филмови и филмски материјал од посебно уметничко, културно, научно, историско и друго општествено значење; објавувањето на овој закон во Службен весник на 29 април, 1974 година се слави како роденден на Кинотеката. Потоа им ги врачи плакетите и значките на годинешните лауреати, Коле Манев и Спасе Тасевски.

Коле Манев, заблагодарувајќи се на признанието, посочи дека колку што наградите говорат за нивните добитници, колку тие се споделена вредност и во нивните соработници од филмските и телевизиски проекти. Спасе Тасевски се придружи и ја потенцираше забелешката на Манев за колективната заслуга и вредност на филмот и телевизијата.

Во чест на лауреатите во кино-салата беше прикажан ТВ филмот МОСТ на Коле Манев.

 

Спасе Тасевски (1945) работел паралелно и на телевизиски и на филмски проекти. Од 1965 работи во РТВ Скопје (МРТВ), прво како асистент-монтажер, потоа како главен монтажер на телевизиската програма и три децении бил раководител на секторот монтажа. Истовремено работи и на филмски проекти, играни, документарни и анимирани филмови во продукција на „Вардар филм“. Неговата филмографија ги содржи долгометражните играни филмови ИСТРЕЛ (1972), ТАТКО (КОЛНАТИ СМЕ, ИРИНА, 1973), ЈАД (1975), ПРЕСУДА (1977), ОЛОВНА БРИГАДА (1980), СВЕТЛО СИВО (сегментот ПТИЦАТА УРУБУ И ДЕВИЦА, 1993), кратките, документарни и анимирани филмови ВИРОВО (1968), ШЕСТИОТ ИГРАЧ (1976), ПЕЦКО – ЕДЕН ДЕН ЖИВОТ (1983), ПЕЦКО – НАФТЕН ДЕРИВАТ (1983), како и бројни телевизиски проекти.

Коле Манев (1941)поголемиот свој работен век го има поминато како слободен уметник и спаѓа меѓу најеминентните македонски сликари, но е и долгогодишен телевизиски и филмски автор на проекти во Радиотелевизија Скопје и „Вардар филм“, како режисер, сценарист и автор на документарните БАСКАРСКИТЕ ИЗВОРИ (1972), ТУЛГЕШ (1977) и ЦРНО ВО ЦРНО (1986), на телевизискиот долгометражен филм МОСТ (2006), и други. Студирал на ликовната академија во Белград, усовршувал сликарски техники во Париз и анимиран филм во Прага. Во 2006 година беше претседател на ДЛУМ и е автор на голем број текстови и колумни поврзани со културните политики и општествени случувања.

 

„Златниот објектив“ се доделува од 2006 година, а досегашни добитници на ова признание беа режисерите Бранко Гапо, Трајче Попов, Кирил Ценевски, Мето Петровски, актерот и режисер Коле Ангеловски, тонскиот снимател Глигор Паковски, аниматорот и карикатурист Дарко Марковиќ, директорите на фотографија Драган Салковски, Љубе Петковски и Благоја Дрнков, филмскиот работник Коста Крпач, продуцентот Панта Мижимаков, филмскиот критичар Илинденка Петрушева, монтажерот Димитар Грбевски и костимографите Елена Дончева и Зорка Тодорова-Младеновиќ.

 

Leave a comment