„Немој да ми филозофираш“– вака своевремено гласеше реченицата со која постарите се обидуваа да го запрат напливот на мислите кај помладите.

„Каде што се младите, таму е и шегата“, вака, пак, гласи сентенцата како згодна „алатка“ да се извадите кога ќе треснете некоја неопислива глупост која би требало да е смешна, но на која никој не се смее. Поточно, му се потсмеваат на оној што ја изговорил. Па, сега, да пресечеме, дали кај младите е шегата или, пак, тие само филозофираат?

Со проекција на култниот филм РАНИ ТРУДОВИ (Rani radovi) на Желимир Жилник на 31 мај (среда) Кинотеката ја започна сезоната на летното кино. А на 1 јуни (четврток), во 21 часот ќе биде прикажан и документарецот ЖУРНАЛ ЗА ЖЕЛИМИР ЖИЛНИК (Ž Ž Ž / Journal about Želimir Žilnik) на Јанко Баљак, посветен на овој „анфан терибл“ и еден од најангажираните творци на ексјугословенската кинематографија. Жилник, како еден од главните претставници на југословенскиот филмски „црн бран“, постојано бил мета на цензури, осудувања, отфрлања, забрани и омаловажувања, а филмот на Баљак е приказна токму за таа неговата непрекината борба на обесправените општествени малцински групи да им даде глас.

Еве убав „влез“ во јунската програма на Кинотеката, бидејќи јуни за постарите генерации секогаш бил некаква политичка асоцијација на бунт, и – зошто да не – шеги кои им сметаат на оние што не сакаат да филозофираат. Славниот чешки писател Милан Кундера сјајно ја опиша таа филозофија во неговиот култен роман „Шега“. Европа и САД пред 55 години беа зафатени со вистински „вирус“ на бунтови на младите – во прв ред студентите, а токму Жилник го „спакува“ студентскиот бунт од јуни во Белград во извонреден десетминутен документарец ЈУНСКИ ДВИЖЕЊА (Lipanjska gibanja).

Првиот дел од јунската програма на Кинотеката е резервиран за 13. издание на Филозофскиот филмски фестивал, кој ја негува и промовира мисловната, филозофско-eстетичка димензија на седмата уметност. Во рамките на ова фестивалско издание е предвидено да бидат прикажани околу 40 филмови, 50 настани, со 18 видни гости. Мотото на годинешното издание на ФФФ гласи „Сè е филм, во множина“, и е инспирирано од големиот филмски великан од Францускиот „нов бран“ – Жан-Лик Годар (1930-2022) за кого Фестивалот подготви специјален интерпрограмски фокус.

ФФФ ќе биде отворен со најновиот филм на нашинецот од Прага, режисерот Иво Трајков. Неговиот наслов НЕКРСТЕНИ ДЕНОВИ (Ballad of Piargy), со Јудит Бардос, Луција Сипосова, Јана Квантикова (Judit Bárdos, Lucia Siposová, Jana Kvantiková), ја раскажува приказната за љубовта, страста, надежта, гревот и казната. Во пролетта 1939 г. се пренесува веста дека во малото планинско село Пиарџи (Piargy), затрупано од лавина снег пред само неколку дена, се родил Антихристот. Бискупот бара точно да се истражат изјавите на Јоанка, единствената преживеана од катастрофата, за да дознае што навистина се случило…

По завршувањето на ФФФ следува МАЈКА И СИН (Un petit frère / Mother and Son) на Леонор Серај (Léonor Serraille), со приказната за мајката и нејзините два сина кои го напуштиле Брегот на Слоновата Коска во 1986 година и дошле во Париз. Филмот го прикажува животот на хероината Роуз и нејзините синови Ернест и Жан во следните две децении низ суптилна хроника на создавањето и распадот на семејството.

ЗАСЕКОГАШ МЛАДИ (Les Amandiers / Forever Young) – хехе, светот секогаш се врти околу младите! – на Валерија Бруни Тедески (Valeria Bruni Tedeschi) ја раскажува сторијата што се случува кон крајот на 1980-тите години во Париз. Студентите по актерска игра, штотуку примени на академијата Les Amandiers – престижно театарско училиште основано од Патрис Шеро, еден од најмаркантните француски режисери на преминот на двата века – на новиот животен пат тие ќе учат, ќе дејствуваат, ќе сакаат, ќе се плашат, ќе го живеат животот во потполност и ќе ги доживеат своите први трагедии. Сторијата на филмот има автобиографски елементи од животот на Тедески, која студирала на истата академија под менторство на Шеро во 1980-те, а еден од нејзините колеги е актерот Винсент Перез.

АВАНТУРИТЕ НА КАРИКАТУРАТА (Avanture karikature / Adventures of cartoons) на карикатуристката и аниматорка Вера Влаиќ (Vera Vlajić) ги толкува историските настани од средината на 19 до почетокот на 21 век, и користејќи го јазикот на анимираниот филм и неговата уметничка поврзаност со карикатурата, овој филм им дава посебно значење на личностите кои постигнале авторски печати и придонеле за развојот на карикатурата како уметност за српската култура. Вклучува и автори кои повеќе од 70 години го делеле заедничкиот државен, економски и културен простор на луѓето во земјата наречена Југославија. Интересно е што копродуценти на филмот се Андреј Јаневски и Иван Унковски од Cinema Futura Скопје.

По двете вечери резервирани за летното издание на СКОПЈЕ СИНЕМА СИТИ и музичките документарци, следува Неделата на бугарски документарни филмови. Во осумте вечери посветени на авторите на новиот документаристички бран на бугарската кинематографија, ќе имате можност да проследите 10 наслови. Станислав Дончев (Stanislav Donchev), Јордан Тодоров (Jordan Todorov), Борислав Колев (Borislav Kolev), Андреј Паунов (Andrey Paounov), Светослав Стојанов (Svetoslav Stoyanov), Коста Биков (Kosta Bikov), Тонислав Христов (Tonislav Hristov), Елдора Трајкова (Eldora Traykova), Панчо Цанков (Pancho Cankov) и Анри Кулев (Anri Kulev) се авторите на филмовите од оваа селекција. Продуцентката Мартичка Божилова, сценаристката Петја Александрова и филмскиот критичар и историчар на филмот Росен Спасов, пак – ќе бидат гости на оваа кинотечна програма – и публиката ќе има можност да разговара со нив по проекциите на филмовите.