пишува: Александар Василевски

 

Вториот филм кој го привлече моето внимание на фестивалот „Скопје синема сити“ беше за кралицата на џезот Ела Фицџералд кој патот до славата го трасирала соочувајќи се со многубројни предизвици.

Уште во раната фаза на детството се соочила со загубата на мајка си (чемер од кој тешко се закрепнува), за потоа да следат неправди (присилниот претстој во поправниот дом за девојки): репресии и расна сегрегација.

Но борбената Ела нема да потклекне пред неправдата, не само што не прифаќа пораз, туку ќе пронајде сила да се втурне во фамозниот харлемски клуб „Аполо“, со цел да го освои светскиот врв, а како што знаеме среќата ги следи само храбрите.

Смелата Ела е сaмоуверена и вели: „Кога еднаш се искачив на сцената и бев прифатена од пубиката знаев дека тоа е она што го барам и немам намера да отстапам од замислената идеја.“

Еден од најзначајните луѓе што ѝ подаваат рака кон патот на успехот е тогашната ѕвезда Тони Бенет кој несебично ја воведува во светот на музиката со своите музички лекции.

Во следните шест месеци нејзината слава вртоглаво расте и се придружува на бендот на Бени Гудман, кој ја започнува својата патувачка одисеја низ Америка. Една од значајните карактеристики својствена за Ела е нејзиното радикално противење за дрогата и алкохолот, бидејќи тврдела дека само така нејзиниот ум може да остане чист, а грлото свежо. Од сведоштвата на нејзината колешка Пети Остин ососзнаваме за нејзината упорност, но и стоичност, по секоја цена да се освои светскиот врв.

Неоспорниот талент наскоро излегува на виделина па така на само 19 годишна возраст произлегува еден од хитовите „Паганини“ и наредните декади нејзиното име ќе остане изгравирано на најреномираните музички хит листи.

Набргу влегува во високо етаблираните кругови, a близок пријател ѝ станува синот на тогашниот претседател Френклин Рузвелт.

„Дамата на свингот“ не застанува и приграби многу повеќе од колачот со нејзиниот нареден хит „А-тикет-а-таскет“ и на армијата обожаватели се придружуваат и децата.

Среќата, очигледно, ширум ѝ ја подотворa врататa на Ела, па така од холивудските студија пристигнуваат првите ангажмани, поточно во вестернот „Јавај каубоју“.

Секако човечката природа не била онаква како што ја познаваме, доколку не се појават првите сигнали на љубомора, завист и понижувања упатени на нејзина адреса за прекумерната тежина. Самата изјавува дека „не е гламурозна“ („Знам дека не сум гламурозна девојка и не ми е лесно да застанам пред толпа луѓе. Порано многу ми пречеше, но сега сфатив дека Бог ми го дал овој талент за да го користам, па едноставно застанувам и пеам.“ – Ела Фицџералд) и самокритично пее за своите недостатоци со истиот ентузијастичен порив и со креативно издржана музичка моќ ја интерпретира секоја песна, но напоменува и дека сепак е благодарна за дадениот талент, а тоа е особина со која не секој може да се пофали знаејќи го нејзиниот дијапазон на гласните жици што музичките критичари го споредуваат со јачината на еден саксафон или труба.

Во годините на бип бапот што следат, полека, но сигурно, Ела станува кралица на музичките концертни хали, а еден од доказите за тоа е и соработката со кралот на пијаното Дјук Елингтон, но и со трубачот Дизи Гилеспи.

Вистински екплозивен зенит од овациски аплаузи добива на берлинската сцена кога при изведбата „Колку високо е Месечината“ тамошната публика едвај се созема по брилијатно изведениот перформанс на Ела.

Една од работите кои од сè срце ги посакува Ела е да има свои деца, но за жал среќата ѝ врти грб и со својот сопруг Реј посвојуваат дете, Реј џуниор. На почеток малиот Реј пројавувал интерес за кошарка и бејзбол, но сепак, трубата станува негов главен инструмент и како и мајка му ќе почне да ги освојува концертните бини на метрополите.

По нецели пет години брак се разведуваат со Реј, но нивната соработка на професионално ниво останува до крај на животот. Љубовните искри меѓу неа и менаџерот Норман Грац на почетокот иако се чинат како добра увертира, за жал се покажуваат како лажна надеж која резултира со крах на нивната врска, а главна причичина се деспотските изживувања и садистички тортури кон неа.

Една од најсветлите точки во филмот (според мене заб.а.) е сцената во која холивудската ѕвезда Мерилин Монро несебично се изборува Ела да настапува во клубот каде што настапуваат само белци. Нејзиниот ултиматум до споствениците на локалот бил дека доколку не настапува Ела, таа ќе прекине да доаѓа во локалот.

Кога пак Луис Амстронг ѝ предложил да ја запознае со големиот кубистички маестро Пабло Пикасо, таа ноншалантно одбила со образложение дека таа ноќ ѝ е резервирана за шиеење на чорапи. Но, да не должиме, следат дуетите со реномираниот господин „глас“ Френк Синатра од кои ќе произлезат неколку антологиски ремек дела, а Ела ќе стане недопирлива кралица не само на џезот и свингот, туку и на целокупната музика во годините што следат, а можеби и тешко дофатлива за следните генерации што доаѓаат.