Стојан Синадинов

Неодамна во Париз (Франција), почина Жан-Клод Кариер (Jean-Claude Carrière, 17 септември 1931 – 8 февруари 2021), сценарист, романописец и актер кој одбележа цела една ера на француската и светската кинематографија. Би додале дека и македонската кинематографија ја имаше честа да го има неговиот директен белег: во „Тајната книга“ (2006) на Владо Цветановски (по сценарио на Јордан Плевнеш и Љубе Цветановски), Кариер ја игра главната улога, ликот на Пјер Рејмон (Pierre Reymond).

Кога ќе ги погледнете податоците за Кариер како сценарист и ќе видите 153 кредити (наслови), со запрепастување сфаќате дека се работи за вистинска „планина од перо“. Но, Кариер доста често бил и актер, во 37 филмови. Во 2015 го доби „Оскарот“ за животно дело, во 1963 веќе имал освоено „Оскар“ за краткиот филм, „Среќна годишнина“ (Heureux anniversaire / Happy Anniversary, 1962; сценаристичко-режисерски тандем со Пјер Ете / Pierre Étaix) а во низата од триесеттина награди се и британската БАФТА и канската „Златна палма“, повторно како автор на краток филм, „Ножички за нокти“ (La pince à ongles / The Nail Clippers, 1969)…

Иако краткиот филм изгледа „мал“, токму овој краток филм на Кариер е интересен и заради фактот што негов косценарист е Милош Форман (Milos Forman). Хронолошки гледано, токму ова „филмче“ било „стилска вежба“ на Форман и Кариер додека заеднички работеле на сценариото на првиот американски наслов на чешкиот мајстор, „Свлекување“ („Taking Off“, 1971).

Од така богатата био-филмографија првите асоцијации за Кариер сигурно се сценаристичките потписи под култните филмови на Луис Буњуел (Luis Buñuel), „Дискретниот шарм на буржоазијата“ (Le charme discret de la bourgeoisie / The Discreet Charm of the Bourgeoisie, 1972) и „Тој мрачен предмет на желбата“ (Cet obscur objet du désir / That Obscure Object of Desire, 1977). Тие оригинални наслови, би се осмелиле да кажеме низ некој полуафоризам, се „петок и сабота“ на светската кинематографија во 70-тите години од минатиот век.

Што сè напишал, режирал и одглумил Жан-Клод Кариер?

На 23 години ја започнува својата кариера како романописец, а потоа се запознава со Жак Тати, кој го убедува да пишува кратки романи засновани на неговите филмови. Преку Тати го запознава Пјер Ете, со кого пишува сценарија за неколку филмови, вклучувајќи го и „Среќна годишнина“, кој освојува „оскар“ за најдобар краток филм. Неговата деветнаесетгодишна соработка со Буњуел започна со филмот „Дневникот на собарката“ (1964), за кого го пишува сценариото (заедно со Буњуел) и ја толкува улогата на селскиот свештеник. Кариер и Буњуел соработуваат на сценаријата на скоро сите негови подоцнежни филмови, вклучувајќи ги „Убавицата на денот“ (1967), „Дискретниот шарм на буржоазијата“ (1972), „Фантомот на слободата“ (1974), „Тој мрачен предмет на желбата“ (1977) и „Млечниот пат“ (1969). Ги напиша и сценарија за „Лимениот добош“ (1979), „Дантон“ (1983), „Враќањето на Мартин Гере“ (1982), „Последната слика“ (1986), „Неиздржливата леснотија на постоењето“ (1988), „Валмон“ (1989) (заедно со Милош Форман), „Сирано де Бержерак“ (1990), „Раѓање“ (2004) и „Духовите на Гоја“ (2006), а заедно со режисерот Нагиса Ошима го пишува сценариото за „Макс, Мон Амур“ (1986). Соработува и со Питер Брук на деветчасовната сценска постановка на индискиот еп „Махабхарата“, како и на неговата петчасовна филмска верзија. Неговата работа во телевизијата ја одбележува серијата „Авантурите на Робинзон Крусо“ (1964), француско-германска копродукција, која дожувува голема популарност во многу земји…

По повод смртта на познатиот француски сценарист и актер, Советот на Интернационалниот универзитет „Еуропа Прима“ во Скопје одржа комеморативна седница. Кариер е добитник на почесната титула „Doctor Honoris Causa“ на Универзитетот во 2011 година. Кариер беше и претседател на „Ла Фемис“ (La Femis), француската државна филмска школа.

 

 

Leave a comment