Во периодот од 19-ти до  27-ми мај во Летното кино „Мирно лето“ и во кинотечната сала при Кинотеката на С. Македонија во рамките на 12. Филозофски филмски фестивал се одржа, веќе традиционалната, ретроспектива на значаен филмски творец од филмската историја. По ретроспективите на Вендерс (2019) и Тарковски (2021), годинава Филозофскиот филмски фестивал, во соработка со Амбасадата на Кралството Шпанија во Скопје и Кинотеката на С. Македонија организираше Ретроспектива на еден од најголемите синеасти на минатиот век, шпанскиот режисер Луис Буњуел.

На 19-ти мај Ретроспективата ја отворија директорката на Филозофскиот филмски фестивал, Ана Дишлиеска Митова, и амбасадорот на Кралството Шпанија во Скопје, Н.Е. Хосе Луис Лосано Гарсија. Како вовед во трите краткометражни и среднометражни филмови на Буњуел, на присутната публика ѝ се обрати заменикот амбасадор на Кралството Шпанија, м-р Ернесто Хередеро дел Кампо на тема „Буњуел и шпанската култура“. Таа вечер публиката ги погледна, култниот „Андалузиски пес“ (1929), како и „Земја без леб“ (1932) и „Симон пустиникот“ (1965). По проекциите публиката продолжи со неформална дискусија на коктелот одржан во дворот на Кинотеката.

Наредните денови публиката можеше да погледне уште шест долгометражни филмски остварувања на Буњуел, од неговите различни творечки фази. На 20-ти мај на програмата беше филмот „Виридијана“ (1961) проследен со излагањето на филмскиот критичар и соработник на Кинотеката, Стојан Синадинов. По неговото излагање на тема „Виридијана: Невиност без заштита“ меѓу публиката се разви и дискусија која беше исполнета со импресии, мини-анализи и коментари кон филмот. Следниот ден на 21-ви мај, публиката го погледна филмот „Ангелот истребувач“ (1962) од мексиканската фаза на Буњуел, проследен со минуциозна анализа на филмот, овој пат во онлајн формат, од Шпанскиот професор од Универзитот во Ваљадолид, Луис Мартин Ариас

По викенд паузата, во понеделникот на 23-ти мај Ретроспективата продолжи со проекција на филмот „Дневникот на една собарка“ (1964), а по филмот, филмскиот критичар Златко Ѓелески, направи едно опсежно излагање со анализа на филмот, но и на истоимената книга од францускиот писател Октав Мирбо по која овој филм е снимен. Како и претходните вечери, беше испровоцирана интересна дискусија од страна на публиката која беше богата со коментари, импресии и лични осврнувања кон филмот. Два дена подоцна, на 25-ти мај, во Кинотеката беше прикажан филмот „Убавицата на денот“ (1967) проследен со видување за филмот на македонскиот режисер Даријан Пејовски и дискусија со публиката.

Претпоследниот ден од Ретроспективата беше посветен на едно од култните филмски остварувања на Буњуел, „Дискретниот шарм на буржоазијата“ (1972) и излагањето на философот и активист Мариглен Демири, кој направи философска и општествено-политичка анализа во интеракција со кинотечната публика. Затворањето на Ретроспективата Буњуел се случи вчеравечер (27-ми мај) во Летното кино „Мирно лето“ со последниот филм на Луис Буњуел, „Тој мрачен предмет на желбата“ (1977), а проследен со воведни инсигнии кон филмот од проф. д-р Јасна Котеска.

Поекциите на филмовите што беа дел од Ретроспективата Буњуел се одржаа во кино салaтa на Кинотеката на С. Македонија и во Летното кино „Мирно лето“, со почеток во 21 часот. Со вчерашната проекција заврши овој сегмент од годинешното, дванаесетто по ред, издание на Филозофскиот филмски фестивал, а започнувајќи од 1-ви до 9-ти јуни во Кинотеката ќе се одржи Главната програма на Фестивалот.

Отворањето на Главната програма е предвидено за 1-ви јуни (среда, 20.30) со музички перформанс на Бранко Фолтин и проекција на „Додека трае војната“ (2019) од познатиот шпански режисер Алехандро Аменабар. Од 2-ри јуни па сè до затворањето на фестивалот публиката ќе може да ужива во мноштво филмови кои се дел од Официјалните селекции на долгометражни и краткометражни филмови од кои најголемиот дел ќе бидат премиерно прикажани во Македонија, како и во филмовите кои се дел од Ревијалната програма: Филм-философија, а кои ќе бидат придружени со излагања на видни професори, философи, филмски критичари, писатели. Покрај филмските проекции публиката ќе може да проследи и Q&A со данскиот режисер Јонас Керуп Хјорт за неговиот филм „Претпоследниот“ на 3-ти јуни, премиерно прикажан на Фестивалот „Црни ноќи“ (Black Nights) во Талин, презентација на естетичко истражување на м-р Васил Михаил, на 2-ри јуни, промоција на Зборник од минатогодишната конференција „Филозофија и филм“, на 8-ми јуни, уште еден музички перформанс во рамките од Придружната програма со Андрија Хаџиќ (Funkier) од Србија, на 8-ми јуни во кафе-бар Мартини, како и првиот ФФФ дијалог, оваа година со познатата турска режисерка Пелин Есмер и проф. д-р Сердар Озтурк, претседател на Здружението за филм и филозофија во Турција, на 9-ти јуни во Кинотеката.

Целоснота програма на 12. Филозофски филмски фестивал е достапна на веб-сајтот: philosophicalfilmfestival.mk