Еден од најценетите филмски монтажери на просторите на екс-Југославија, Андрија Зафрановиќ, почина на 72 годишна возраст, во Прага, Чешка.

Андрија Зафрановиќ е припадник на гренерациите кои кон крајот на 60-тите и почетокот на 70-тите студираа на прочуената прашка филмска академија ФАМУ, заедно со брат му Лордан, Рајко Грлиќ, Горан Марковиќ, Срѓан Карановиќ, Емир Кустурица, Горан Паскаљевиќ (режија), Предраг Поповиќ, Живко Залар (камера)…

Зафрановиќ е потписник на монтажата на над 150 филмски наслови од кинематографиите во регионот. Некои од нив одамна се на листата на класични филсмки „евергрини“, како ТАТКО НА СЛУЖБЕН ПАТ, ДОМ ЗА БЕСЕЊЕ, БАЛКАНСКИ ШПИОН, АРИЗОНА ДРИМ…

Зафрановиќ е монтажер и на неколку македонски (ко)продукции: КАРАУЛА (2006) и УСТАВ НА РЕПУБЛИКА ХРВАТСКА (2016) во режија на Рајко Грлиќ, ДЕЦА НА СОНЦЕТО (2014) на Антонио Митриќески, МЕДЕНА НОЌ (2015) на Иво Трајков (исто прашки студент, денес професор на ФАМУ), ЗЛАТНАТА ПЕТОРКА (2016) на Горан Тренчовски (специјализант на истата академија), ЕФЕКТОТ НА СРЕЌАТА (2019) на Борјан Зафировски…

Добитник е на три „Златни арени“ за монтажа на Филмскиот фестивал во Пула, за филмовите КРАЉЕВСКИ ВОЗ (1981), БАЛКАНСКИ ШПИОН (1984) и ВЕЧЕРНИ ЅВОНА (1986), како и на други награди и признанија, меѓу кои ФИПРЕСЦИ, како и наградата за животно дело на Фестивалот на филмската монтажа „Синематик“, на неговото второ издание (во организација на Асоцијацијата на филмски професионалци на Македонија), што се одржа во киното „Фросина“ и Кинотеката на Македонија во 2017 година. Истата година, германското филмско списание „Кино-филм шнит“ го прогласи за најдобар европски монтажер.

Зафрановиќ беше редовен професор и шеф на катедрата за монтажа на Факултетот за драмски уметности во Белград, а од 2009 година беше и редовен професор на ФАМУ во Прага.

Leave a comment