На 17 мај (понеделник), со проекција на филмот ЛЕБ И ЧОКОЛАДО (Pane e cioccolata / Bread and Chocolate) на Франко Брусати (Franco Brusati) – на сцената на летното кино „Мирно лето“ започна НЕДЕЛАТА НА ИТАЛИЈАНСКИ ФИЛМ во Кинотеката на Македонија.

НЕДЕЛАТА НА ИТАЛИЈАНСКИ ФИЛМ, чија овогодишна тематика е емиграцијата, се одржува по 21-ви пат – а во Македонија се случува со проекција на тематски избрани филмови во Скопје и Битола.

Во полниот аудиториум на летното кино на Кинотеката, на присутните им се обрати професорот Марко Пешетели (Marco Pescetelli) – селекторот на програмата на годинешната НЕДЕЛА НА ИТАЛИЈАНСКИОТ ФИЛМ. Заблагодарувајќи им се на домаќините на манифестацијата, имено на директорот Владимир Ангелов и на вработените во Кинотеката за нивната соработка и поддршка – Пешетели го претстави тематскиот избор на филмовите со разни гледишта на емиграцијата: „Повеќето од нив се комедии како вечерашниот филм со Нино Манфреди, многу познат актер, чија стогодишнина од раѓањето го одбележавме годинава“, посочи меѓу другото професорот Пешетели.

Потоа, Амбасадорот на Италијанската Република во С.Македонија, Н.Е. Андреа Силвестри (Andrea Silvestri), поздравувајќи ги присутните на македонски јазик, говореше за
идејата која ја одржува манифестацијата НЕДЕЛА НА ИТАЛИЈАНСКИ ФИЛМ во светот и кај нас. Говорејќи за феноменот на миграцијата, кој им е добро познат на Италијаните, но и на Македонците, амбасадорот Силвестри посочи дека денес надвор од Италија живејат околу 60 милиони луѓе со италијански корени. Амбасадорот ја соопшти и специјалната објава на отворањето на НЕДЕЛАТА НА ИТАЛИЈАНСКИ ФИЛМ: Одликувањето на директорот на Кинотеката, Владимир Ангелов, со значка и плакета на Витешкиот ред Ѕвезда на Италија (Cavaliere Dell’Ordine della Stella di Italia / Knight of the Order of the Star of Italy). Одликувањето го доделува италијанскиот Претседател Серџо Матарела (Sergio Mattarella), по препорака на Министерот за надворешни работи на Италија, за особени заслуги во промовирањето на италијанската култура и кинематографија во Македонија.

Директорот Ангелов (р. 1968), уредник и селектор на филмски програми и во Кинотеката и на низа филмски фестивали во земјава, автор на многубројни стручни написи на полето на филмската критика, историја и теорија, посочи дека со големо задоволство и чест го прима орденот Витез на витешкиот ред „Ѕвезда на Италија“: „Микеланџело Антониони рекол дека `филм што може да се објасни со зборови не е вистински филм`. Јас овој филм што ми се случува навистина не можам да го објаснам, и затоа ќе се заблагодарам на сите што ме поддржувале, а некои од нив и се жртвувале во мојата 26-годишна кариера во Кинотеката. Ќе се заблагодарам на моето семејство, сопругата и децата, родителите, кои секако се жртвуваа… моето пошироко семејство, пријателите, колегите… Секако, благодарност до Италијанската амбасада, особено Одделението за култура, со кои одамна соработуваме на врвно стручно и професионално ниво. Секако, на Италија, која како држава постојано ми ги држи отворени очите, а љубопитноста за филмската уметност непроменлива, и тоа преку двата фестивали што често ги посетувам – оној во Болоња на новореставрирани филмови, и фестивалот на неми филмови во Порденоне“ – рече, меѓу другото, Ангелов.

Набројувајќи дел од пребогатата листа на автори и актери кои биле инспирација за него – и која изговорена на македонски јазик звучи како поема – Ангелов на присутните им посака следниве седум дена да уживаат во магијата на италијанските филмови: „Да нè послужи времето… И, како за крај, ќе го цитирам Фелини, зашто во кинематографијата ништо не може без него: `La vita è una combinazione di magia e pasta` (`Животот е комбинација на магија и тестенини`)“ – финишира Ангелов.

До крајот на програмата овој месец – ќе имаме можност да го видиме и филмот ДА ВИ СЕ ПРЕТСТАВАМ? РОКО ПАПАЛЕО (Permette? Rocco Papaleo / My name is Rocco Papaleo, 1971) на Еторе Скола (Ettore Scola), со Марчело Мастројани (Marcello Mastroianni) во насловната улога; реалистичната дрaма САКО И ВАНЦЕТИ (Sacco e Vanzetti) на Џулијано Монталдо (Giuliano Montaldo); наградуваниот филм НОВИОТ СВЕТ (Nuovomondo / Golden Door, 2006) на Емануеле Криалезе (Emanuele Crialese; потоа, социјалната комедија УБАВ, ЧЕСЕН ЕМИГРАНТ ВО АВСТРАЛИЈА БИ СЕ ОЖЕНИЛ СО ЧЕСНА СОГРАЃАНКА (Bello, onesto, emigrato in Australia sposerebbe compaesana illibata / A Girl in Australia, 1971) на Луиџи Ѕампа (Luigi Zampa), со Алберто Сорди, Клаудија Кардинале и Рикардо Гароне (Alberto Sordi, Claudia Cardinale, Riccardo Garrone) во главните улоги; современата комедија ТРОБОЈКАТА ОДИ НА ГЛАСАЊЕ (Bianco, rosso e Verdone) на Карло Вердоне (Carlo Verdone); како и еден од најгледаните филмови во Италија последнава деценија, ДОБРЕДОЈДОВТЕ НА ЈУГ (Benvenuti al sud / Welcome to the South) на Лука Минеиро (Luca Miniero), кој се занимава со т.н. „внатрешна емиграција“, односно вечниот судир меѓу италијанскиот „Север и Југ“.

Филмовите кои ќе се прикажуваат во вечерните термини на програмата (во 20:00 часот), ќе бидат репризирани следниот ден во попладневните термини (во 18:00 часот).

Ги известуваме љубителите на филмот и пријатели на Кинотеката дека во овој период на променлива временска состојба, го задржуваме правото да ја промениме локацијата на било која од филмските проекции, со цел истите да бидат одржани, а не одложени до некоја метеоролошки поповолна прилика. Затоа – во случај на дожд, некои од проекциите, наместо на отворено, во летното кино „МИРНО ЛЕТО“ (во дворот) на Кинотеката, ќе се одржат на затворено, во кино-салата на Кинотеката.

Билетарата ќе биде отворена секој ден од 19:00 часот.

Проекциите се бесплатни и започнуваат во 20:00 часот (и адекватно репризите во 18 часот). Проекциите се одвиваат со целосно почитување на препораките за заштита од „ковид-19“.

 

Leave a comment