Во фоајето пред киносалата ве пречека изложбата на костимографските решенија на Елена Дончева од неколку филмови на кои работела. Имавте прилика да го видите документарниот филм ИЛАРИЈА, во кој Димитар Грбевски е режисер и монтажер.
Тие двајца се годинешни добитници на наградата „Златен објектив” за 2019 година, која Кинотеката на Северна Македонија ја доделува за исклучителен придонес во македонската кинематографија – филмските работници Димитар Грбевски, монтажер и Елена Дончева, костимограф.
„Златен објектив“ се доделува по повод роденденот на Кинотеката како признание на поединци кои со своето професионално делување придонеле македонската кинематографија да се создаде, развива, промовира и популаризира. Досегашни добитници на оваа награда беа режисерите Бранко Гапо, Трајче Попов и Кирил Ценевски, тонскиот снимател Глигор Паковски, аниматорот и карикатурист Дарко Марковиќ, директорите на фотографија Драган Салковски, Љубе Петковски и Благоја Дрнков, филмскиот работник Коста Крпач, продуцентот Панта Мижимаков и историчарката и критичарката на филмот Илинденка Петрушева

Димитар Грбевски и Љупчо Коскаров, професор по музика на ЕФТА
Во процесот на создавање на филм учествуваат стотици луѓе, креативци и технички лица. Во истиот тој процес професионалците на разни креативни позиции можат и да не се сретнат, нивната работа да нема допир во физичка смисла на зборот. А најчесто и не се среќавале, зошто немало потреба…
Таков е случајот со костимографката Елена Дончева и монтажерот Димитар Грбевски. Дончева како костимограф креира дел од визуелниот изглед главно пред снимањето и интервенира во текот на снимањето. Грбевски како монтажер го склопува филмот за време на снимањето, низ тн. дејли монтажа, но главната креација е во постпродукцијата.
Костимографот не може да интервенира во постпродукцијата, мора сè да предвиди во претпродукцијата. Монтажерот може да му даде сугестии на режисерот во претпродукцијата, ако е потребно за време на снимањето, но мора да даде сè од себе во постпродукцијата.
И без да се познаваат или работат раме до раме, костимографот и монтажерот сепак ги врзува еден битен термин во фимскиот свет. Тоа е шнит, од германскиот термин што означува дел, парче, што се добива со сечење на нешто. Оттаму и англискиот термин cut – а нашите филмаџии најчесто го користат терминот „рез“ – па затоа го имаме и филмскиот термин final cut, како израз за последниот рез, последната „рака“ што му дала облик (или shape на англиски) на едно филмско дело.

Професорите на ФДУ Лазар Секуловски (монтажа) и Антонио Митриќески (режија)
Костимографот се занимава со кроењето на костимите, а монтажерот со тн. фајншнит, или фина, завршна монтажа. Не мора да звучи претерано ако кажеме дека костимографската и монтажерската креација се своевиден „златен шнит“ во еден филм, како негови „златни акции“.
Ова слово во чест на лауреатите е насловено ЗЛАТНИТЕ ШНИТОВИ НА ЕЛЕНА ДОНЧЕВА И ДИМИТАР ГРБЕВСКИ, но кога ќе се прочита, сè некако оди накај некој нов наслов – ЗЛАТНИТЕ ШТИТОВИ НА ЕЛЕНА ДОНЧЕВА И ДИМИТАР ГРБЕВСКИ. Добра костомографија и добра монтажа се вистински „златен штит“ за филмот…
Како и да е, без шнит (cut) нема филм, тој е костурот според кој секое филмско дело го добива неговиот дефинитивен облик (shape). Затоа и не случајно денес им оддаваме почит на креативните дела на госпоѓата Дончева и господинот Грбевски…
Дончева и Грбевски во сличен период, во средината на 60те години од минатиот век, ја започнале професионалната кариера во пионерските денови на Телевизија Скопје. Кон средината на наредната деценија и двајцата ја менуваат професионалната средина: Дончева оди во Македонскиот народен театар, а Грбевски во „Вардар филм“.
Дончева и Грбевски се блиски колеги од два играни филмови: ЈАЗОЛ на Кирил Ценевски и СОБА СО ПИЈАНО на Игор Иванов-Изи (во вториот Грбевски бил советник во монтажата)…
Елена Дончева е родена во Скопје, 1942. Ликовен уметник, филмски, телевизиски и театарски костимограф. Дипломира на Академијата за применета уметност во Белград во 1967, потоа работи во Радио телевизија Скопје, а од 1977 година работи како костимограф во Македонскиот народен театар во Скопје, сè до 2001 кога заминала во пензија.
Таа е костимограф во сите филмови на Кирил Ценевски – ЦРНО СЕМЕ, ЈАД, ОЛОВНА БРИГАДА и ЈАЗОЛ; во двата филмови што ги реализираше Стево Црвенковски, ЈУЖНА ПАТЕКА и НЕЛИ ТИ РЕКОВ, потоа во дебитантскиот филм на Антонио Митриќески – ПРЕКУ ЕЗЕРОТО, како и во филмот СОБА СО ПИЈАНО на Игор Иванов-Изи.
Дончева како костимограф има реализирано над 400 театарски, оперски и балетски престави, ТВ филмови, серии и емисии, а гостувала и во проекти на сцените во СССР, во Германија и во Франција.
Добитник е на повеќе награди и признанија во земјава и странство: 17 награди за костимографски решенија на „Војдан Чернодрински“, како и една награда за животно дело; наградата Јован Бигорски од ДЛПУМ за својата костимографска работа; наградата за костимографија за претставата „Крвави свадби“ на Рахим Бурхан со театарот Пралипе, во Северна Рајна – Вестфалија; Стериината награда за костимите во претставата Диво месо (1980, Нови Сад); наградата за костимографија на Меѓународниот фестивал на комедијата „Гола месечина“ за претставата „12-та Ноќ“ на Струмичкиот театар…
Списанието „Словенски екран“ ја прогласи Елена Дончева за најдобар костимограф во југословенската продукција во 1975 за филмот ЈАД. Дончева била костимограф и на два големи слета по повод Денот на младоста 25 мај во Белград.

Димитар Грбевски со неговите некогашни студенти по монтажа од неколку генерации
Димитар Грбевски е роден во Велес, 1946. Филмска академија завршува во Загреб (1972). По завршувањето на Академијата, во 1975 се вработува во „Вардар филм“. Од 1992 работи како професор на Факултетот за драмски уметности во Скопје на катедрата за филмска и ТВ монтажа, а во 2011 заминал во пензија.
Грбевски како асистент на монтажа и монтажер учествувал во повеќе од 30 филмови и ТВ филмови и серии.
Награди: 1981, Повелба за долгогодишен придонес, Фестивал на југословенски документарен и краток филм, Белград.
Меѓу позначајните наслови треба да се истакнат соработките со режисерите Трајче Попов во играниот ПРЕСУДА и документарниот ЛИКВИДАТОР; со Бранко Гапо во НАЈДОЛГИОТ ПАТ и МАКЕДОНСКА САГА; со Кирил Ценевски во ЈАЗОЛ, со Александар Ѓурчинов во ИСПРАВИ СЕ, ДЕЛФИНА; со Столе Попов во документарните АВСТРАЛИЈА, АВСТРАЛИЈА и ДАЕ, и играните ЦРВЕНИОТ КОЊ и ЏИПСИ МЕЏИК…
Потоа, соработката во документарните филмови на Мето Петровски, Аљоша Симјановски, Митко Панов, Светозар Ристовски… како и краткометражните и долгометражни играни филмови од почетоците на кариерите на Милчо Манчески (ОПАСНА БАБА), Митко Панов (ЛИВАДА и ВОЈНАТА ЗАВРШИ), Срѓан Јаниќиевиќ (сегментот ПРЕКРАСЕН СВЕТ од омнибусот СВЕТЛО СИВО)…
Интересен е податокот дека првиот проект на Грбевски во „Вардар филм“ е монтажата во првиот македонски анимиран филм ЕМБРИО NО. М (1971) на Петар Глигоровски. „М“ во насловот се толкуваше како „Македонија“, но за денешната пригода слободно можеме под таа буква „М“ да протолкуваме – монтажа.
Им честитаме на наградите…
Стојан Синадинов
(Фото: Лидија Христова)
Leave a comment
Мора да се пријавите за да испратите коментар.