„Златната палма“ за ТИТАН (“Titane”) на француската режисерка Жулија Дукурно (Julia Ducournau) на 74. Кански филмски фестивал е само втора награда за женски автор во историјата на овој фестивал, по 1993 година – кога победи Џејн Кемпион со филмот ПИЈАНО.

ТИТАН на Дукурно (нејзин втор филм) е приказна за млада жена-убиец, која по детската траума на преживеана сообраќајна несреќа – води љубов со автомобили, и од критиката беше прогласен за еден од најшокантните филмови на фестивалската програма.

На годинешното физичко издание на Канскиот фестивал (кој паузираше минатата година заради „пандемијата со корона вирусот“) – свој посебен, женски печат, оставија и режисерките кои победија во другите селекции на Кан: во програмата „Извесен поглед“ победи Кира Коваленко со ОПУШТЕНИ ТУПАНИЦИ, а Антоанета Аламат Кусијановиќ со МУРИНА од Хрватска освои „Златна камера“ за најдобар деби-филм.

Режисерите на 10-те кратки филмови во конкуренцијата за „Златна палма“, Апчевска е четврта од лево. (Фото: Агенција за филм)

Македонската режисерка Марија Апчевска со филмот СЕВЕРЕН ПОЛ беше во конкуренција за „Златна палма“ за краток филм: наградата ја доби нејзината колешка, кинеската режисерка Танг Ји (Tang Yi) за филмот СИТЕ ГАВРАНИ НА СВЕТОТ („Tian Xia Wu Ya“).

Гран-при на жирито предводено од режисерот Спајк Ли (Spike Lee) – во кое беа и Мајлин Фармер, Клебер Мендоха Фило, Меги Џиленхал, Џесика Хауснер, Мати Диоп, Мелани Лоран, Тахар Рахим и Ханг-Хо Сонг – ја поделија иранскиот режисер Асгар Фархади со филмот ХЕРОЈ и финскиот режисер Јухо Кусманен за ОДДЕЛ БР.6. Најдобар режисер е Французинот Леос Каракс за филмот АНЕТ.

Режисерите Надав Лапид од Израел за КОЛЕНОТО НА АМЕД и Апичатпонг Верасетакул од Тајланд за МЕМОРИЈА – ја добија рамноправно наградата од жирито на Фестивалот.

Кејлеб Лендри Џонс е најдобар актер за улогата во австралискиот НИТРАМ на Џастин Курцел, а Норвежанката Ренате Реинсве е најдобра актерка во НАЈЛОШИОТ ЧОВЕК ВО СВЕТОТ.

КРАТКИОТ ФИЛМ „СЕВЕРЕН ПОЛ“ НА МАРИЈА АПЧЕВСКА ВО ОФИЦИЈАЛНА КОНКУРЕНЦИЈА

Режисерката Апчевска (во средина), продуцентот Роберт Насков, актерката Антонија Белазелкоска, со директорот на Агенцијата за филм Бојан Лазаревски и дел од многубројниот тим од Агенцијата кој што присуствува на Канскиот фестивал. (Фото: Агенција за филм)

Апчевска го снимаше 15-минутниот филм во јануари во Скопје и Македонска Каменица, по нејзино сценарио, а во продукција на „Кино Око“. Главните улоги ги играат Антонија Белазелкоска и Лука Митев. Директор на фотографија е Владимир Самоиловски, сценограф Кирил Спасески, а костимите се на Билјана Гргур.

Филмот е копродукција помеѓу Македонија и Србија. Продуцент е Роберт Насков, а копродуценти Милош Љубомировиќ и Горан Тодориќ. По наградуваниот „Бардо“ (2012) и „Амби“ (2017), ова е трет краток филм на Апчевска.