На 6 јуни во свечена атмосфера, во Југословенската кинотека во Белград беше одбележен Денот на Југословенската кинотека и 73-годишнината од нејзиното постоење и воедно беше започнато 24-тото издание на Нитратниот филмски фестивал. На свеченоста беа доделени наградите Златен печат на истакнатите српски уметници Вера Чукиќ, актерка и Предраг Пега Поповиќ, директор на фотографија.

Македонската јавност Вера Чукиќнајмногу ја знае од улогата на Цвета во македонскиот филм МАКЕДОНСКА КРВАВА СВАДБА (1967) на Трајче Попов и од филмовите на нејзиниот сопруг, сценаристот Гордан Михиќ. Предраг Пега Поповиќ пак е дел од т.н. прашка школа, стил што се појави во 1970-тите години и повторно го стави југословенскиот филм на светската мапа. Познат е како снимател на НЕДЕЛА (1969) и ХРОНИКА НА ЕДЕН ЗЛОЧИН (1973) на Зафрановиќ, ВР Мистерија на организмот (1971) на Макавејев, ВЖЕШТЕНОСТ (1979) на Боро Драшковиќ, КРАЈ НА ВОЈНАТА (1984) на Бранко Балетиќ, КОРДОН (2002) на Горан Марковиќ…

Пред да ги врачи наградите директорот на Југословенската кинотека Југослав Пантелиќ истакна дека „Кинотеката работи со полна пареа на заштита на српскиот, југословенскиот и светскиот филм.“ Пантелиќ истакна дека набргу доаѓа уште една реставрација, а тоа е филмот на (неодамна починатиот) Горан Паскаљевиќ „Чувар на плажата во зимски период“. Исто така, го најави и новиот проект, а тоа е летно кино и пред да ги додели наградите, Пантелиќ истакна дека за него е привилегија да ги врачи тие признанија на уметници што го вградиле својот талент во српскиот, југословенскиот и светскиот филм. „Ви благодарам што после 10 години неиграње ме потсетивте на среќните денови“ истакна Вера Чукиќ и додаде дека своите најдобри креации ги направила во текстовите на нејзиниот Гордан Михиќ, секако еден од најдобрите и најплодни југословенски и српски сценаристи кој остави белег и во македонската кинематографија. Предраг Пега Поповиќ пак истакна дека иако студирал на ФАМУ во Прага, вистинската школа без која не би можел да биде она што е, биле проекциите во салата на Кинотеката на „Косовска улица“, каде особено во понеделниците гледал филмови кои биле забранети или не доаѓале во дистрибуција и ги следел уште од времето кога бил аматер.

Фестивалот на нитратен филм го отвори Александар Саша Ердељановиќ, управник на филмскиот архив на Кинотеката и уметнички директор на фестивалот кој,откако ги поздрави гостите од странство, истакна дека покрај фестивалите во Болоња и Порденоне, фестивалот во Белград се наметнува како трет по вредност фестивал посветен и специјализиран за стари филмови. Фестивалот беше отворен со тричасовниот италијански филмски спектакл од 1926 година ПОСЛЕДНИТЕ ДЕНОВИ НА ПОМПЕЈА на КарминеГалоне и АмлетоПалерми.

Следниот ден фестивалот продолжи со проекција на реставрираниот македонскиигран филм МИРНО ЛЕТО (1961) на Димитрие Османли. Пред проекцијата, присутните ги поздрави Томислав Османли син на режисерот Димитрие и претседател на УО на Кинотеката на Република Северна Македонија, кој истакна дека му е особено мило што е присутен на овој фестивал, го истакна југословенскиот карактер на филмот и тоа дека сценариото е напишано од Фрида Филиповиќ (Еврејка родена во Сараево), која беше сопруга на српскиот режисер Жика Митровиќ, а главната улога ја глуми српскиот актер Слободан Цица Перовиќ. Публиката го прифати филмот топло и со огромно задоволство, при што повеќе историчари и теоретичари на филмот што го проследија истакнаа дека е неопходна негова ревалоризација затоа што филмовите без идеолошка содржина од тој период биле во немилост на критиката, а МИРНО ЛЕТО со текот на времето стана филмска класика.

На 14 јуни ќе биде прикажан и краткиот документарен филм ИЛАРИЈА (1980) на режисерот Димитар Грбевски.