Денес, на 17 јуни, навршуваат точно пет години од смртта на Кирил Ценевски, еден од најголемите синеасти на македонската кинематографија.

Неговиот првенец и  дебитантски игран филм ЦРНО СЕМЕ од 1971 година постави нови параметри во филмското творештво и своевремено беше најнаградуван македонски филм („Златна арена“ за режија и „Златен венец“ за дебитанско остварување на Пулскиот фестивал; „Жар-птица“ за најдобар режисер на Московскиот фестивал, итн.), а во 1972 година беше и југословенски кандидат за американската филмска награда „Оскар“.

Роден во Крива Паланка во 1943 година, Ценевски уште како студент на Архитектонско-градежниот факултет во Скопје покажал интерес за филмот преку киноаматерски активности. Првпат професионално на филм е ангажиран како помошник на режисерот Љубиша Георгиевски во филмот ЦЕНАТА НА ГРАДОТ (1970). По извонредниот успех на ЦРНО СЕМЕ, Ценевски во 1975 година го снима историскиот спектакл ЈАД, повторно со Дарко Дамески во главната улога и Љубе Петковски зад камерата, досега единствен македонски филм со средновековна тематика.

Сè до 1980-та кога ја реализира социјално-психолошката драма ОЛОВНА БРИГАДА за рударите во внатрешноста на Македонија, Ценевски за „Вардар филм“ изработува серија документарни филмски портрети на добитниците на „Златниот венц“ на Струшките вечери на поезијата. Тоа се филмовите за Леополд Седар Сенгор, Фазил Хисни Дагларџа, Еугенио Монтале, Рафел Алберти и Ежен Гилвик, сите по сценарио на поетот и тогашен директор на „Варадр филм“, Анте Поповски, снимени се на повеќе локации во светот – Дакар, Струга, Милано, Париз, Охрид, Џенова, Буенос Аирес, Рим, итн.

ЈАЗОЛ, послениот игран филм кој Ценевски го сними во 1985 година е повторно историска драма, овој пат од времето на Втората светска војна, со мартовската  депортација на македонските Евреи во 1943 година како кулминација на драмскиот заплет.

„Она што на Ценевски секогаш му поаѓаше од рака – најмногу поради неговиот неприкосновен и особен сензибилитет – беа умешноста и силата на внатрешното, иманентното кадрирање на филмската слика, како и умешноста на рафинираниот однос со другите филмски елементи – без разлика дали тие отсликуваат и прикажуваат сурово насилство или идеолошки судири. Впрочем – грубоста, очајот, немирот, бесот итн. – во филмовите на Ценевски секогаш успеваат да се стекнат со длабока внатрешна рамнотежа, така што при гледање на филмот, тие не секогаш нужно асоцираат на ужас – туку повеќе асоцираат на самиот живот – во сета своја целосност и полнотија. Нему му успевше, и тоа не пластично, туку ументички слоевито и длабоко, да отвори простор за триумф на човековата слобода и на вистинските хумани вредности“ – ќе истакне Маријана Терзин-Стојчиќ од Југословенска кинотека, Белград, во својот освртот за ликот и делото на Ценевски по повод смртта на режисерот во 2019 година во списанието „Кинопис“.

Кирил Ценевски  беше добитник и на награди со кои домашната културна јавност го валоризира неговото творештво – Државната награда „11 Октомври“ во 1972, „Златниот објектив“ на Кинотеката на СР Македонија во  2013 година за посебен придонес во развојот на македонската кинематографија, како и „Златната ѕвезда на македонскиот филм“, истата година, доделена од Друштвото на филмски работници во рамки на ИФФК „Браќа Манаки“ во Битола.

Во 2019 година Кинотеката објави ДВД издание со четирите дигитално реставрирани играни филмови на Ценевски.