Кинотеката деновиве на нејзиниот сајт www.kinoteka.mk ги објави дигиталните верзии на изданијата „Кинотечен месечник“, кои излегуваа од 1977 до 1987 година. Ако порано ги читавме прелистувајќи ги ваквите и другите изданија на Кинотеката, сега велиме дека имате можност да „сурфате“ низ своевидната хроника на кинотечната дејност во Македонија од тој период.

„Кинотечните месечници“ се еден вид претходници на кинотечните изданија од кои понатаму се издвојуваат месечните кинотечни филмски програми и „Kинопис“ – списанието за историја, теорија и култура на филмот и другите уметности. Потребата за издавање на „Кинотечните месечници“ се појавила како потреба за вреднување и анализирање на филмското творештво.

Во објавата на уредништвото од првиот број на „Кинотечен месечник“, забележана е естетската идеја-водилка на неговите творци: „Кинотечен месечник“ се појавува во моментот кога решавањето на потребата за вреднување и анализирањето на филмското творештво кај нас стана неизбежно, и кога недостигот од континуирано стручно следење на кинематографската проблематика се заканува да забави некои од највиталните процеси во создавањето на филмското дело и филмската мисла. Затоа очекуваме неговото појавување да биде прифатено и оценето – не само како институционално регистрирање на активностите на Кинотеката на Македонија, туку и како можност да се поттикне една – колку нова, толку неизбежна публицистичка дејност во нашето кинематографско искуство. На соработниците на „Кинотечниот месечник“ им падна должноста и честа – максимално да се мобилизираат врз одгледувањето на филмската култура и на нејзините општествени функции. Отворајќи им ги страниците за соработка на сите оние што ги интересираат идејно естетските, социолошките, историските, организаторските и воопшто сите аспекти што имаат извесна стручна важност за филмот, редакцијата верува дека, со поддршката која секако ќе ја заслужи, ќе се воведе една нова вредносна традиција, а македонскиот филм ќе добие свој изворен толкувач и поттикнувач, свој строг и природен придружник.“

На првата редакција на месечниците – Илинденка Петрушева, Ѓорѓи Василевски, Благоја Куновски, Мартин Панчевски и Дубравка Рубен – кои воедно беа и автори на поголемиот дел од написите, во подоцнежните броеви ѝ се приклучуваат и звучни имиња од домашната културна и филмска сцена како Илија Пенушлиски, Љубиша Георгиевски, Томислав Османли, Милан Ѓурчинов, Владимир Георгиевски, Вјекослав Мајцен, Кирил Темков, Костадин Танчев –Динка (воедно и автор на логото и дизајнер на првите насловни страници), Коста Крпач, Љупчо Тозија, Богомил Ѓузел, Стево Црвенковски и многу други, и, секако, кинотечните филмолози Мирослав Чепинчиќ, Игор Старделов, Павлина Гргуревиќ, Павле Константинов, Мартин Панчевски…

Содржината на месечниците ја сочинуваа неколку рубрики поврзани со историјата на филмот и киноприкажувањето, теоријата и естетиката на филмот, но и преводи на текстови, рецензии за кинотечни филмски циклуси, интервјуа, излагања од симпозиуми, фестивали и одбележани јубилеи, а подолго време преку рубриката Кинотечен информатор, со јавноста беа споделувани актуелни информации од работата на Кинотеката (набавка на нови публикации, филмски материјали, фондови, архивска граѓа, филмски проекции, изложби, итн.)

Филмолозите од Кинотеката и останатите филмски критичари и теоретичари на филмската уметност оставаат сведоштво за филмската мисла во тој период од десет години и 35 броеви на „Кинотечен месечник“. Иако реализирани во скромни издавачки услови и печатени на шапирограф, овие историски четива некогаш „втиснати в хартија“, сега се преформатирани во дигитализирани изданија: кога ги читате четири децении подоцна, не може а да не се отргнете од впечатокот дека и ваквите бледи копии се патината на македонската филмска публицистика.

Познавајќи ги авторите и квалитетот на текстовите во „Кинотечните месечници“ од тој период, можеме да кажеме дека се работи за своевидна македонска верзија на списанието за филм на француски јазик „Cahiers du Cinéma“ („Филмски тетратки“), кое започнало да излегува од печат во 1951 година во Париз, а еден од основачите е Андре Базен (André Bazin), филмски критичар и теоретичар со светско реноме. Историјата на францускиот, европскиот, но и светскиот филм вели дека „Cahiers du Cinéma“ имал превратничко влијание и е директен ментор на „новиот бран“ во кинематографијата.

Вреди – сето тоа – да проверите во „Кинотечните месечници“ на www.kinoteka.mk…

Leave a comment