Една кинематографија е онолку добра колку што може да „свари“ различни жанрови, родови и стилови. А еден генерациски или стилски бран во некоја кинематографија е успешен онолку колку што е преплетен со другите уметности – театарот, музиката, сликарството… – бидејќи филмот не е „пуст остров“ во океанот на естетиката.

Токму филмовите во овој избор на дигитално реставрирани класици на српската кинематографија од втората поливина на 20-тиот век го покажуваат тоа. Да одиме по хронолошки ред.

ЉУБОВ И МОДА е генерациски „исписник“ со веќе етаблираниот модернизам во литературата, театарот, џез и поп музиката. КОГА ЌЕ БИДАМ МРТОВ И БЕЛ, ЉУБОВЕН СЛУЧАЈ ИЛИ ТРАГЕДИЈАТА НА СЛУЖБЕНИЧКАТА ВО ПТТ и ПЛАСТИЧЕН ИСУС како фиданки на „црното семе“ на реализмот кореспондираат со мрачните тонови во литературата на Мирко Ковач (Mirko Kovač), подоцна и успешен филмски сценарист, или Данило Киш (Danilo Kiš). Но, можеби многу повеќе, со програмските принципи насликани на платната на членовите на прочуената група „Медиала“ – Оља Ивањицки, Леонид Шејка, Миро Главуртиќ, Владимир Величковиќ, Љуба Поповиќ, Урош Тошковиќ, Миодраг Дадо Ѓуриќ (Olja Ivanjicki, Leonid Šejka, Miro Glavurtić, Vladimir Veličković, Ljuba Popović, Uroš Tošković, Miodrag Dado Đurić), меѓу другите – кои трагале по интергалната уметност, вистината во уметноста, посебниот израз, отпорот кон зачмаеноста во општеството…

 

Од денешен аспект звучи како куриозитет, но Павловиќ во една календарска година – се работи за  1967 година – го сними и БУДЕЊЕ НА СТАОРЦИТЕ (Buđenje pacova), добитник на „Златна арена“ за филм и режија на филмскиот фестивал во Пула, и „Сребрена мечка“ за режија на фестивалот Берлинале. Заедно со филмовите на Александар Петровиќ, Желимир Жилник и Душан Макавеев, меѓу останатите, тие се најзначајните наслови во т.н. „црн бран“ или „нов бран“ во ексјугословенската кинематографија.

Таа 1967 година се смета за едно од авторски најзначајните годишна на ексјугословенската кинематографија, кога е снимен и модернистичкиот изданок на хрватската кинематографија БРЕЗА (Breza) на Анте Бабаја. Има некоја оксиморонска димензија во тој период на ексјугословенската кинематографија во втората половина на19 60-тите и почетокот на 1970-тите години: „реки“ пари се слевале во мастодонтските партизански спектакли (БИТКА НА НЕРЕТВА/ Bitka na Neretvi; СУТЈЕСКА/Sutjeska), а истовремено тоа е период на процут на „новиот“ („црн“) бран.

Во тој период „новиот/црниот бран“ ги бележи најголемите интернационални дострели за српската кинематографија: Александар Петровиќ со СОБИРАЧИ НА ПЕРДУВИ (Skupljači perja / I Even Met Happy Gypsies) во 1967 ја доби Големата награда на жирито и наградата ФИПРЕСЦИ во Кан, а беше номиниран и за „Оскар“ за најдобар странски филм; Желимир Жилник со РАНИ ТРУДОВИ (Rani radovi / Early Works) во 1969 ја освои „Златната мечка“ и наградата на младата публика на Берлиналето. Сепак, по судскиот случај поведен против Душан Макавеев за В.Р. МИСТЕРИИ НА ОРГА(НИ)ЗМОТ (W.R. – Misterije orga(ni)zma / WR: Mysteries of the Organism) од 1971, авторот емигрира од Југославија и снима во Франција, Австралија и Германија, а Стојановиќ по затворската казна веќе никогаш не снимаше филмови, туку беше новинар и политички активист.

Поновите историски истражувања на српската кинематографија го апострофираат режисерот и сценарист Воислав Нановиќ (Vojislav Nanović, 1922–1983) – родениот скопјанец е автор на првиот македонски долгометражен игран филм ФРОСИНА – како предвесник на тој фамозен „црн бран“ во ексјугословенската кинематографија. Нановиќ со неговите наслови од крајот на 1950-тите години на одреден начин го трасира патот на филмовите во кои, наспроти официјалната политика, има многу социјални „црнила“, па затоа е критикуван и практично му е оневозможено да снима. Затоа на почетокот на 1960-тите заминува во САД, каде што работел како режисер и монтажер – и имал неуспешни обиди како продуцент – но заради тешката болест се вратил во татковината кон крајот на 1970-тите. Едно негово сценарио, токму од тој период на политичка непожелност, половина век собирало прашина. Откако е откриено неговото видување на романот „Нечиста крв“ на Борисав Бора Станковиќ (Borisav Bora Stanković) во 2021 година во режија на Милутин Петровиќ (Milutin Petrović) е снимен филмот и ТВ серијата НЕЧИСТА КРВ: ГРЕВОТ НА ПРЕТЦИТЕ (Nečista krv – greh predaka / Bad Blood), а сценариото го адаптирала Милена Марковиќ (Milena Marković).  Резултатот е необичен „вестерн“ во српски и турски народни носии.

 

Насловите ВЕНЕЦОТ НА ПЕТРИЈА, НАЦИОНАЛНА КЛАСА, ЛАЖЛИВО ЛЕТО ’ 68 , МАРАТОНЦИТЕ ГО ТРЧААТ ПОЧЕСНИОТ КРУГ, БАЛКАНСКИ ШПИОН и ДАВИТЕЛ ПРОТИВ ДАВИТЕЛОТ се продуцирани во почетокот на 1980-тите години. Не може, а да не се повлече паралела со вистинската експлозија на новите трендови во рокенролот („новиот бран“ на бендовите од Белград, Загреб и Љубљана) и театарот (врвот на БИТЕФ-Белградски интернационален театарски фестивал, ЕУРОКАЗ-Загреб) меѓу останатите уметности, но и мултимедијалноста како израз.

Толкувањето на КОЈ ТОА ТАМУ ПЕЕ како вовед во распадот на поранешна СФРЈ, и МАРАТОНЦИТЕ ГО ТРЧААТ ПОЧЕСНИОТ КРУГ како алегорија за смртта и погребот на Јосип Броз-Тито и жилавоста на геронтократијата  – владеењето на старците – во екс-Југославија е веќе апсолвирано. Во КОЈ ТОА ТАМУ ПЕЕ, пак, има еден загадочен лик, старица која во една од почетните сцени седи на крајот на легендарниот изветвен автобус, а потоа ја нема во продолжетокот на сторијата. Наспроти тврдењата дека тоа е, можеби, режисерски превид, поверодостојно е тврдењето дека Шијан преку тој мистериозен лик ја навестува смртта за повеќето од патниците. Секако, и за некогашната заедничка држава СФРЈ.

Повеќе од анегдота на снимањето на филмот е податокот дека среде реализацијата на терен дошле припадници на државните безбедносни служби и на екипата им ја одзеле филмската камера на неколку дена: токму во тој период е погребот на Јосип Броз-Тито и сите камери во земјата биле потребни за документирање на неговиот грандиозен погреб.

МАРАТОНЦИТЕ ГО ТРЧААТ ПОЧЕСНИОТ КРУГ е снимен според истоимената драма на Душан Ковачевиќ која, како и филмот, имаше култен статус на белградската театарска сцена „Атеље 212“. Ја напишал како 23-годишен студент по драматургија, со работен наслов „Човечко месо“ („Ljudsko meso“), огорчен затоа што му била укината стипендијата, па не знаел дали ќе може да продолжи со студиите. Поднасловот на драмата гласи „Десен профил на Белград“ и, за разлика од филмот (кој е снимен 10 години по театарската премиера), се случува во 70-тите години од минатиот век. Во драмата се критикува комунизмот низ сатирична призма, а филмот ја навестува идеологијата на фашизмот. Филмот на Шијан, како и првенецот КОЈ ТОА ТАМУ ПЕЕ, има одлична актерска екипа со антологиски креации и реплики. Шијан и во двата филма многу умешно користи и натуршчици. Еден од нив е Станојло Милинковиќ (Stanojlo Milinković) од село близу Свилајнац, лимар по професија, кој се појавува во 4 филма на Шијан (и во КОЈ ТОА ТАМУ ПЕЕ), познат по кратките, а епски реплики – „Децоо, оооо децооо!“ и „Бушиии, бушии!“.

МАРАТОНЦИТЕ ГО ТРЧААТ ПОЧЕСНИОТ КРУГ се вистинска „енциклопедија“ на култни реплики, како и другите филмови на Шијан и авторите од тој период. Една од нив е и „Ама го поправил, секоја чест“ („Ala je opravio, svaka mu čast“), која се однесува на крематориумот како нова аквизиција на семесјтвото Топаловиќ. На промоцијата на дигитално реставрираната верзија на филмот Богдан Диклиќ токму со оваа реплика – „Југославе, ама си го поправил“ („Jugoslave, ala si ga opravio“) – го пофалил директорот Југослав Пантелиќ за потфатот на Југословенската кинотека.

Шијан, освен како филмски режисер и професор на белградската академија за филм и поранешната визитинг-професура на филмската школа во Лос Анџелес (САД), е познат и како расен филмски есеист, а во почетокот на 1990-тите беше и директор на Југословенската Кинотека.

Протагонистите на српската кинематографија на почетокот на 1980-тите години се исклучително љубопитни за мултимедијално експериментирање.

Срѓан Шапер играше во ДАВИТЕЛ ПРОТИВ ДАВИТЕЛОТ, беше вокал во реинтерпретацијата на песната „Девојко мала“ од ЉУБОВ И МОДА. Во 1990-тите израсна во еден од највлијателните луѓе во српскиот економски и политички маркетинг, а последниве години се јавува како креатор-сценарист на исклучително успешната ТВ серија БЕСА (Besa), која доживеа две сезони, а третата е во најава…

Косценарист на ДАВИТЕЛ ПРОТИВ ДАВИТЕЛОТ е Небојша Пајкиќ (Nebojša Pajkić), интересна интелектуална фигура од белградскиот филмски круг во 80-тите – влијателен филмски критичар, сценарист и професор по монтажа на филмската академија во Белград – а подоцна мошне контроверзен лик заради екстремните политички ставови. Во 1984 година Пајкиќ е сценарист на УНА (според истоимениот роман на Момо Капор), во режија на Милош Радивоевиќ (Miloš ‘Miša’ Radivojević), хит-филм со Раде Шербеџија (Rade Šerbedžija) и Соња Савиќ во главните улоги. Следната 1985 година тој е сценарист на ШЕСТ ДЕНА ОД ЈУНИ (Šest dana juna), во режија на Динко Туцаковиќ (Dinko Tucaković), критичар и историчар на филмот, своевремено управник на Музејот на Југословенската кинотека и еден од најголемите познавачи на филмот во екс Југославија. Главната улога во овој филм ја толкува Небојша Крстиќ (Nebojša Krstić), член на споменатите „Идоли“, инаку лекар по образование, а последниве две децении се занимава со политички маркетинг. Музиката, пак, е на Владимир Влада Дивљан (Vladimir Divljan), „spiritus movens“ (духовен двигател), или едноставно душата на „Идоли“.

Интересно е што во ШЕСТ ДЕНА ОД ЈУНИ Туцаковиќ и Пајкиќ на некој начин ја користат сличната наративна структура што во НАЦИОНАЛНА КЛАСА ја користи Марковиќ: дејствието во првиот случај се случува во шест последователни денови, а драматуршкото единство на времето и просторот во вториот е сместено во седум дена.

Инаку, Пајкиќ важеше за влијателен лик и во музичките кругови, при создавањето на албумот „Одбрана и последните денови“ (Odbrana i poslednji dani) на ВИС „Идоли“ – публикуван во 1982 и прогласен за најдобар музички албум во ексјугословенскиот рокенрол – и белградскиот „нов бран“ во рокенролот, започнат со проектот „Белград пакет-аранжман“ (Beograd Paket Aranžman), во кој освен „Идоли“ учествуваа и „Шарло акробата“ („Šarlo Akrobata“) и „Електрични оргазам“ („Električni Orgazam“).

Овој златен пресек секако не може да мине и без филмовите на некогашните студенти на прочуената филмска академија ФАМУ од „златната“ Прага, Чешка. Филмовите на Срѓан Карановиќ, Горан Марковиќ и Горан Паскаљевиќ се дел од таа неформална „чешка школа“ во ексјугословенската кинематографија – во која спаѓаат и Рајко Грлиќ, Лордан Зафрановиќ, Емир Кустурица… – иако се понекогаш сосем различни според авторските интереси. Токму Марковиќ е автор на интересната документарна проза „Чешката школа не постои“, во која го објаснува тој феномен.

Филмовите во овој избор се дел од стоте антологиски наслови снимени од српски режисери во периодот од 1911 до 1999, а кои во 2016-та беа прогласени за национално добро од големо значење. Тие се дел од проектот „VIP Кинотека“ чија цел е да се сочуваат и заштитат филмовите кои ја одбележале српската кинематографија; процесот на дигитална реставрација на српското филмско наследство реализирано во Одделението за дигитализација и дигитална реставрација при архивот на Југословенската Кинотека во Белград.

Југословенската Кинотека, основана во 1949 година, денес спаѓа во петте најзначајни филмски архиви во светот. Покрај богатата збирка филмови од југословенската и српската национална кинематографија, оваа Кинотека располага и со огромен фонд странски филмови, добиени како размена со другите странски архиви, депонирани од физички и правни лица, како и преземени од широката киноприкажувачка мрежа.