Уште едно теоретско дело за филмската уметност е достапно преку веб-страницата на Кинотека на Северна Македонија. Станува збор за истражувачкиот труд „Книжевноста во дијалог со филмот“ на м-р Мими Ѓоргоска-Илиевска во која авторката се осврнува на интермедијалниот однос помеѓу пишуваниот збор и филмот, при тоа ставајќи акцент на корелацијата помеѓу македонската книжевност и македонската кинематографија. [ПРЕЗЕМИ]

Преку филмовите „Црно семе“ и „Јазол“  на К. Ценевски, „Денови на искушение“, „Истрел“ и  „Време, води“ на Б. Гапо, „Црвениот коњ“ на  С. Попов, „Татко (Колнати сме, Ирина)“ на К. Ангеловски, „Волча ноќ“ на Ф. Штиглиц   и „Македонска крвава свадба“ на Т. Попов, како и романите, расказите и драмите кои послужиле како основа за сценаријата, Ѓоргоска-Илиевска ги анализира „… начините на адаптација и трансформација на книжевните ликови и нивната визуелизација во филмскиот медиум, а следствено на тоа создавањето филмски карактери/ликови“. Во својот предговор кон ова издание таа уште додава: „Тука се опфатени и типовите на односи меѓу линеарниот опис и облиците на визуализација, потоа односот лик-карактер и нивните интер-релации и поместувањата што се извршени во новата текстуализација“.

„Книжевноста во дијалог со филмот“ излезе од печат во 2005 година во издание на Кинотеката на Македонија.

Мими Ѓоргоска-Илиевска (1972) повеќе од две децении работи на полето на филмската архивистика и промовирањето на националната кинематографија. Најпривин како филмолог, виш филмолог и директор на Кинотеката на Македонија, пота како директор на Агенцијата за филм на СРМ, но и како Советник за библиотечни, аудиовизуелни и фонотечни добра во Управата за заштита на културното наследство при Министерството за култура. Таа е автор да на повеќе текстови објавени во домашни и странски списанија, професор и предавач, а во повеќе мандати беше и македонски претставник во неколку меѓународни организации и тела ((FIAF, ACE, Euroimage, Eureka Audiovusual,, итн.) фокусирани на креирањето стратегии и политики за зачувување на европското и светското аудиовизуелно наследство.

Leave a comment