Државната награда „Св. Климент Охридски“ за 2021 година во областа на воспитанието и образованието ѝ се доделува на универзитетската професорка Ѓулумсер Касапи, добитници во областа на културата и уметноста се писателот Јован Павловски, музичкиот уметник Снежана Анастасова-Чадиковска и Елена Дончева, академски сликар – костимограф.

Наградата им беше врачена на добитниците на 8 декември 2021 година (среда) во 12 часот, во Свечената сала на Собранието на Република.

Меѓу наградените ја истакнуваме „нашата“ Елена Дончева, костимографка во десетина македонски играни и ТВ филмови, како и стотина театарски и балетски претстави. Дончева пред две години беше добитник на наградата „Златен објектив“ што Кинотеката на Македонија ја доделува по повод нејзиниот роденден како признание на поединци кои со своето професионално делување придонеле македонската кинематографија да се создаде, развива, промовира и популаризира.

Елена Дончева е родена во Скопје, 1942. Ликовен уметник, филмски, телевизиски и театарски костимограф. Дипломира на Академијата за применета уметност во Белград во 1967, потоа работи во Радио телевизија Скопје, а од 1977 година работи како костимограф во Македонскиот народен театар во Скопје, сè до 2001 кога заминала во пензија.

Таа е костимограф во сите филмови на Кирил Ценевски – ЦРНО СЕМЕ, ЈАД, ОЛОВНА БРИГАДА и ЈАЗОЛ; во двата филмови што ги реализираше Стево Црвенковски, ЈУЖНА ПАТЕКА и НЕЛИ ТИ РЕКОВ, потоа во дебитантскиот филм на Антонио Митриќески – ПРЕКУ ЕЗЕРОТО, како и во филмот СОБА СО ПИЈАНО на Игор Иванов-Изи.

Дончева како костимограф има реализирано над 400 театарски, оперски и балетски престави, ТВ филмови, серии и емисии, а гостувала и во проекти на сцените во СССР, во Германија и во Франција.

Добитник е на повеќе награди и признанија во земјава и странство: 17 награди за костимографски решенија на „Војдан Чернодрински“, како и една награда за животно дело; наградата Јован Бигорски од ДЛПУМ за својата костимографска работа; наградата за костимографија за претставата „Крвави свадби“ на Рахим Бурхан со театарот Пралипе, во Северна Рајна – Вестфалија; Стериината награда за костимите во претставата Диво месо (1980, Нови Сад); наградата за костимографија на Меѓународниот фестивал на комедијата „Гола месечина“ за претставата „12-та Ноќ“ на Струмичкиот театар…

Списанието „Словенски екран“ ја прогласи Елена Дончева за најдобар костимограф во југословенската продукција во 1975 за филмот ЈАД. Дончева била костимограф и на два големи слета по повод Денот на младоста 25 мај во Белград.