Сценографот Игор Тошевски е авторот на концепт-дизајнот на минатогодишното и годинешното издание на ИФФК „Браќа Манаки“ во Битола. Следејќи ја неговата професионална и уметничка пасија за естетско уредување на ентериери и екстериери, Тошевски и годинава му дава посебен визуелен печат на фестивалот на кинематограферите во Битола.

„Годинава поставивме фестивалски банери на канделабрите низ градот, а ја продолживме минатогодишната пракса да имаме изложба-инсталација во фоајето на Домот на културата во Битола каде што се одвива главната програма. Минатата година во соработка со Архивот на градот Битола направивме фина изложба“, потсетува Тошевски.

Неговиот прв предизвик кога работи на концептуален дизајн се медиум инсталации.

„Уметничките интервенциите во просторот ми се допаѓаат, бидејќи во суштина говориме за јавниот простор, кој секогаш е предизвик. Годинава интересен концептуален зафат беа 3Д проекциите на фасадата на хотелот „Епинал“, во кој и јас учествував со изборот на материјалите. И тоа убаво се надополни на отворањето на фестивалот и џез-атмосферата во шаторот пред Домот на културата. Со театарскиот режисер Дејан Пројковски конципиравме проекција на филмови од самиот проектор на скулптурата на Милтон Манаки пред Домот на културата. Од друга страна, пак, фоајето е многу незгодно за концептуална интервенција, но затоа, пак, е предизвик: тоа е транзитниот дел од екстериерот до кино-салата и служи како интерен јавен простор. Годинава се решив тој простор да биде исполнет со транспарентни банери на кој се филмовите, направени како некоја иреална состојба, и гледачите можат да се фотографираат меѓу нив и да бидат дел од инсталацијата, објаснува Тошевски.

Колку Тошевски е задоволен со одгласите за годинешниот визуелен дизајн на ИФФК „Браќа Манаки“ во Битола? Нашиот соговорник вели дека тој има строги критериуми (и) за неговата работа, или посебно за неа.

„Со оглед на околностите, иако тоа не треба да биде изговор, веројатно може и треба подобро. Моуте лични критики се однесуваат и на долгорочните решенија околу фестивалот, кои треба да се изведат. За тоа треба поцврста соработка и со општината Битола и со Центарот за култура: имам намера да предложам малку поинаков пристап за следните фестивалски изданија, ако постои слух за тоа. Би било добро за сите да се воспостават стандарди, а потоа тие да се надградуваат“, коментира Тошевски.

Годинава фестивалските активности на отворено „трпат“ заради променливото време како „виша сила“, кое често ги оневозможува планираните активности.

„Затоа велам дека треба да се унапредат одредени технички услови. Ќе звучи можеби банално, но битно е и како е прицврстен оној џамбо-банер на фасадата на Центарот за култура, за да не го однесе ветерот“, смета Тошевски.

На крајот од разговорот тој ја истакнува посветеноста на малобројниот тим од Центарот за културата и колегите од фестивалскиот тим. Секоја чест на нивниот труд и заложба“, истакнува Тошевски.