Пишува: Алек Василевски:

 

Американски актер и продуцент, кого медиумите повеќе пати го ставаа на листата на најсексипилните и најубави мажи во светот, добитник на повеќе „Златни глобуси“ и еден „Оскар“, тој е ѕвездата од филмовите БЕШЕ ЕДНАШ ВО ХОЛИВУД, ЛЕГЕНДА ЗА ЕСЕНТА, ИНТЕРВЈУ СО ВАМПИРОТ, спектаклот ТРОЈА и многу други…Погодувате нели, станува збор за Бред Пит…

Тој е миленик на поновите генерации од крајот на 20 век и почетокот на 21 век, ѕвезда што расте повеќе децении.

Бред Пит не ја дели судбината на некои од неговите големи претходници, како Марлон Брандо или Џејмс Дин, иако потекнуваат од истиот актерски метод – оној на Станиславски. Медиумската експлозија што ја предизвика талентот на Марлон Брандо, а имаше своја не така кратка предисторија на неговиот макотрпен ангажман во театарот, ја исфрли оваа школа и методот на Станиславски како главен принцип во обуката на филмските актери, а Џејмс Дин, пред да стане легенда, работеше долго на телевизија, трошејќи ја бунтовничката енергија во мали незабележани улоги.

Патот пак на Бред Пит до самиот врв на пирамидата на популарноста во Холивуд, е сосема специфичен и различен од краткотрајниот триумф на некои негови колеги, или пак, од голем број постари ѕвезди што сèуште ги држат челните позиции на популарноста во Америка и во останатиот дел од светот. Тој неодамна го прослави својот 57 роденден, и сè уште е на врвот.

Роден е во градот Шани, Оклахома, САД, на 18. Декември, 1963 година – како прво дете на неговите родители. Татко му бил сопственик на фирма која се занимавала со продажба на камиони, а неговата мајка била училишен педагог. Неговото целосно име е Вилијам Бред Пит, а има брат и сестра. Набрзо по неговото раѓање, семејството се преселило да живее во Спрингфилд, Мисури, каде што тој го поминал своето детство. Таму го завршил основното и средното образование. Во училиштето се занимавал со повеќе активности, како тенис, пливање и голф, но бидејќи многу го сакал филмот се зачленил во актерската секција. Во 1982 година се запишал на универзитет на студии по новинарство, но непосредно пред да дипломира го напуштил факултетот, сфаќајќи дека за него тоа ќе биде монотон живот, па се спакувал и заминал во Лос Анѓелес.

Во џебот немал ни 500 долари, преспивал во автомобил и се хранел во „Мекдоналдс“. Работел сèи сешто; бил физикалец, возач на камион, возач на стриптизети кој ги пренесувал од еден до друг ноќен клуби друго. Но, една од тие девојки стриптизети му го препорачала учителот по актерска игра Рој Лондон,кој во тоа време ги подучувал и Шерон Стоун и Мишел Фајфер. Така почнал да посетува часови по актерство, и во 1987 година ја започнал својата актерска кариера.

Денес, малкумина се оние што се сеќаваат на неговата епизодна улога во серијата ДАЛАС, со која Бред Пит влезе во медиумската орбита која ќе го доведе до позицијата на култно име. Неговата љубов кон уметноста на филмот, постојана и истрајна, го водеше од една во друга ролја, а во нив Бред Пит ја внесуваше нескротливоста на својот темперамент. И тогаш кога од него се бараше да го отелотвори злото што ја заробило и оболело душата на неизлечив криминалец (КАЛИФОРНИЈА), и тогаш кога меѓу саканите луѓе ја ширеше магијата на својата харизматична природа (ЛЕГЕНДА ЗА ЕСЕНТА),Бред Пит и беше верен на својата голема љубов: актерската игра. Длабоко се поистоветува со ликовите што ги толкува, внесувајќи топлина, романтика, нежност или суровост. За некого може да изгледа проблематична согласноста на една ѕвезда од форматот на Бред Пит да прифати занемарливо мала ролја во филмовите како што се ТЕЛМА И ЛУИЗ, или ВИСТИНСКА ЉУБОВ, но не и за него – зашто, нели – во филмот и театарот не постојат „големи“ и „мали“ улоги…Ако неговите партнери во овие филмови го понесоа товарот на носечките драмски ликови, Бред Пит во амбиентот го разлева флуидотна својата артистичка личност. Иако дискретен и повлечен во втор план на драмското дејствие, тој успева да воспостави баланс меѓу патосот на уметничкото страдање и лековерноста на младо момче од улицата.

Сепак, Бред Пит не му припаѓа на оној сој актери што можат лесно да се сместат во стеснетиот формат на епизодните ролји. Во неговиот темперамент има некоја голема, разорна сила што бара да се ослободи во некој трагичарски гест. Неговото питомо и убаво лице, од друга страна, не го олицетворуваат насилничкиот нагон на епскиот херој загледан во историската слика на војувањата и судбинските пресврти во животот на народите.

Ми се чини дека најблиска дефиниција за актерската природа на Бред Пит е неговата харизматичност. А во неа како да се сублимирани бунтовната енергија на Џејмс Дин, динамиката и чувствителноста на Марлон Брандо, спремноста на Хемфри Богарт на ударот да одговори со удар, итн. Сетете се на неговата брилијантна улога во култниот филм на Дејвид Финчер – СЕДУМ. Иако ликот што го интерпретира не отстапува многу од стереотипот на класичниот детектив, тој заедно со својот колега, Морган Фриман, ја издигна својата улога и лик на највисокото скалило, кое води директно во легендите.

Бред Пит не стана легенда на Холивуд, како што тоа беше Џејмс Дин. Неговиот бунтовнички темперамент, подеднакво нескротлив и романтичен како и темпераментот на еден Џејмс Дин, Пол Њумен или Марлон Брандо, не можеше да добие вредност на симбол, поради една културно политичка констелација во Америка, блиска до конформизмот. Добро се сеќаваме на неговата ролја на ирски одмаздник во филмот СЕМЕ НА ЗЛОТО, што го премина Атлантикот, за да се одмазди на почвата на Америка за убиството на неговиот татко. Сосема редок е талентот на актерот кој може со таква воздржливост да ја изрази длабочината на одмаздољубието и силата на омразата. Кога Бред Пит би се појавил на сцената во годините на војната во Виетнам, неговите современици бездруго би му подигнале споменик на неговото бунтовништво, како што генерацијата од педесеттите години му подигна споменик на симболот на бунтовништво без причина – Џејмс Дин. Всушност, во сензибилитетот на Бред Пит има една емоционална црта која го прави сроден со неговиот пандан-претходник, носителот на главната ролја во ИСТОЧНО ОД РАЈОТ: тие обајцата, на ист начин го кријат своето длабоко несогласување со светот, бегаат во осаменоста на своето срце и се хранат од сопствената тага. Зарем тоа проклетство не ни го олицетворува Бред Пит во контроверзниот филм – ИНТЕРВЈУ СО ВАМПИРОТ? Неговата ранливост ,неговата голема тага и неизлечивата осаменост кои го турнаа во власта на вампиризмот, од чии мрачни бездни не може да го ослободи ниту љубовта, ниту ужасот пред усмртените тела, ниту камшикот на гревот.

Како што спомнав погоре, Бред Пит кариерата ја започна со епизодни улоги во тв-серии и играни филмови, па затоа се одлучив да набројам уште некои позначајни од неговата филмска кариера, кои полека но сигурно го водат до врвот.

Во 1987 година, во филмот БЕЗ ИЗЛЕЗ бил еден од статистите покрај веќе познатите Кевин Костнер и Џин Хекман. Првиот сериозен ангажман го имал во филмот ТЕМНАТА СТРАНА НА СОНЦЕТО (1988год.),во американско-југословенска копродукција во режија на Божидар Николиќ. Бред Пит го глумел младиот американец Рик кого родителите го носат на Јадранското приморје за да се излечи од непозната кожна болест. За таа улога добивал по1520 долари неделно, а филмот се снимал пет недели. Но, за жал тогаш во Југославија започнала војната и голем дел од снимениот материјал се сметал за загубен. Подоцна, дел од снимениот материјал бил пронајден и она што преостанало било монтирано во филм, кој бил премиерно прикажан во 1997 година. Носе чини како Бред Пит да го има заборавено снимањето на овој филм, затоа што никогаш и никаде до сега го нема спомнато филмот и тој период од својот живот.

Потоа следеле други филмови и други улоги меѓу кои и улогата во филмот ПРЕМНОГУ МЛАД ДА СЕ УМРЕ (1990) во режија на Роберт Маркович, каде го глуми наркоманот Били Кантон кој ја искористува злостоставуваната тинејџерка(Џулиет Луис) осудена за убиство. Значајна во неговата кариера е и споредната улога на криминалец-скитник во култниот филм ТЕЛМА И ЛУИЗ (1991), во режија на Ридли Скот. Во овој филм, Бред Пит го покажува својот актерскo-еротски потенцијал, токму во легендарната љубовна сцена со Џина Дејвис.

Приказната за силата на семејството и односот меѓу синовите и строгиот татко кој ги воспитува своите синови по строги морални правила и без многу нежности, посебно кон помладиот син Пол, ја видовме во филмот РЕКА НА СПОМЕНИ (1992), во режија на Роберт Редфорд. Во овој филм Бред Пит ја толкува улогата на Пол Меклин, каде не само што ја докажува својата убавина, тој докажува и дека е навистина добар актер

Во споредната улога на Флојд, во култниот филм ВИСТИНСКА РОМАНСА (1993), во режија на Тони Скот, работен по сценарио на Квентин Тарантино, Бред Пит се истакнува со неговата актерска умешност и покрај одличниот актерски тим како што се Кристијан Слејтер, Патриша Аркет, Денис Купер, Вал Килмер и Гери Олдман. Потоа следи филмот ЛЕГЕНДА ЗА ЕСЕНТА (1994), во режија на Едвард Цвик. Филмот е приказна за тројцата браќа (Бред го глуми Тристан еден од браќата) и нивниот татко чии животи засекогаш ќе се променат од моментот кога сите тие тројца се вљубуваат во иста девојка, вереницата на најмладиот брат. Оваа главна улога на Тристан ја истакнува актерската игра на Бред Пит, но истовремено го вивнува кон врвот на славата. Филмот беше номиниран за „Оскар“ и „Златен глобус“.

ИНТЕРВЈУ СО ВАМПИРОТ (1994), во режија на Нил Џордан, е хорор филм кој се смета за еден од најуспешните во неговата кариера, а Бред Пит ја толкувал улогата на Луис де Понте, вампир од осумнаесетиот век. Култниот филм СЕДУМ (1995), во режија на Дејвид Финчер, кој го вбројуваат меѓу најдобрите трилери на сите времиња, е значајна точка во кариерата на Бред Пит токму поради неговата улога на детективот Дејвид Милс. Истата година, Бред Пит се појавува и во филмот 12 МАЈМУНИ (1995) во режија на Тери Гилијам, улога која за прв пат ќе му ја донесе наградата „Златен глобус“ за споредна машка улога, како и номинација за престижниот „Оскар“. Тема на филмот е фатализмот, односот меѓу илузијата и стварноста, но и критиката упатена кон психијатријата и психијатрите кои неправедно и нехумано се однесуваат кон поединци и ги прогласуваат за луди. Бред Пит одлично ја одигра улогата на параноидниот Џефри Гоинс, когo Брус Вилис го сретнува во лудница и му помага за да избега. Импресивната листа на филмски остварувања ја продолжува со филмот ВРЕМЕ НА ОДМАЗДА (1996), каде заедно глуми заедно со Роберт де Ниро и Дастин Хофман: по повеќе од десет години, четворица пријатели од детството, сосема случајно се сретнуваат со чуварот од затворот (воспитниот дом) кој ги злоставувал и им ја уништил младоста, а неочекуваната средба им дава можност за одмазда.


Филмовите  СЕДУМ ГОДИНИ ВО ТИБЕТ (1997) на Жан Жак Ано, СЕМЕ НА ЗЛОТО (1997) на Алан Пакула и ЗАПОЗНАЈ ГО ЏО БЛЕК (1998) во режија на Мартин Брест – не поминаа добро ниту кај критичарите ниту кај публиката. Но затоа пак, повторната соработка со Дејвид Финчер и добиената главна улога во филмот БОРЕЧКИ КЛУБ (1999), резултираше со негово феноменално актерско остварување. Филмот е приказна за „издувните вентили“ на современото општество, агресијата, анархијата и лудилото, критика за општеството и за отуѓеноста на поединци во таквиот свет. Потоа, во авантуристичката комедија МЕКСИКАНЕЦ (2001) на Гор Вербински, Бред Пит го толкува ликот на Џери Велбач, кој заедно со Џулија Робертс е во потрага по необичниот револвер со име „мексиканец“. Истата година ја остварува и улогата на американскиот шпион Том Бишоп, кој будно ги следи прецизните инструкции од својот претпоставен офицер, кого го игра Роберт Редфорд – во трилерот ШПИОНСКА ИГРА(2001), во режија на Тони Скот. Потоа следи крими трилерот ИГРАЈ ЈА СВОЈАТА ИГРА(2001) на Стивен Содерберг, каде Пит ја толкува улогата на Растин Рајан, еден од главните умови на грабежот. Во сите овие филмови, Бред Пит ги игра филмските ролји кои му го обезбедија статусот на еден од најдобрите и најбараните холивудски актерски имиња. Неговата целокупна кариера е импресивна и изобилува со врвни остварувања, а неговиот актерски квалитет се потврдува од година во година, за што сведочат повеќе освоени „Златни глобуси“, номинации за “Оскар“, како и многу други признанија од филмските критичари и публиката. Подготовките за одредена улога секогаш ги извршувал со голем ангажман и повеќемесечни подготовки, па така – за улогата на Мики О’Нил, ирскиот боксер и скитник во филмот ГРАБНИ И БЕГАЈ (2000) на Гај Ричи, освен што тренирал бокс тој го усовршил и ирскиот акцент.

Во спектаклот ТРОЈА(2004) на Волфганг Петерсен, работен според епот „Илијада“ на Хомер (Омир), каде ја толкува улогата на легендарниот антички херој Ахил; за оваа уога, тој морал да совлада импресивни техники на мечување, како и повеќемесечен интензивен физички тренинг. Замислете каква иронија, за време на снимањето ја повредил ахиловата тетива, па снимањето било прекинато неколку недели. Во ТРОЈА, Бред Пит започнува да работи и како продуцент, и ја лансира неговата продуцентска компанија „План Б”. Неговиот продуцентски ангажман на ТРОЈА придонесува тој филм да стане негов комерцијално најуспешен филм –кој остварил заработка од 497 милиони долари.

Со фамозната Анџелина Џоли, за прв пат се појавува во акционата комедија ГОСПОДИН И ГОСПОЃА СМИТ (2005), во режија на Даг Лиман како брачен пар платени убијци. Овој филм му го променува животот. Таблоидите пишуваа дека тој лудо се вљубил во Анџелина Џоли, како и тоа дека дивата девојка од Холивуд имала големо влијание врз него, не само во неговиот моден стил, туку и во начинот на живот. Покрај неа, Бред Пит станува семеен човек, кој својата актерска кариера ја става во втор план. Исто така, тој започнува да се занимава со бизнис и активизам, а се активира и во решавање на социјални проблеми – не само во САД, туку и насекаде во светот. Започнува со хуманитарни активности и станува дел од социјално најангажираните и највлијателни луѓе во светот.

Понатаму следат уште успешни филмски остварувања, а исто така се редат и повеќе номинации и награди од многу престижни академии и здруженија. Номинацијата за „Златен глобус“ за најдобар филм во 2006 година ја добива за филмот БАБЕЛ во режија на Алехандро Инариту. Еден трагичен настан ги преплетува судбините на четири семејства, во четири приказни. Четирите семејства никогаш нема да се сретнат, но нив ги поврзуваат нивните проблеми. Секој проблем е од различна причина, а дејствието се одвива во Мароко, Јапонија, Мексико и САД. Пит ја играше улогата на Ричард Џонс, за која беше номиниран за „Златен глобус“ за споредна машка улога.

КУКАВИЧКОТО УБИСТВО НА ЏЕСИ ЏЕЈМС ОД СТРАНА НА РОБЕРТ ФОРД (2007), во режија на Ендрју Доминик е биографска криминалистичка драма – вестерн. Дејствието се одвива во 1880 година во Америка. Џеси Џејмс е најозлогласен злосторник и криминалец по кого има потерница, а воедно е и најголем јунак на нацијата, а луѓето го споредуваат и слават како современ Робин Худ. Роберт Форд е деветнаесетгодишно непознато момче кое се спријателува со Џеси Џејмс и неговата банда, но со време пријателството станува ривалство. За улогата на Џеси Џејмс, Бред Пит беше награден со „Златен лав“ во Венеција за најдобра машка улога, а НЕОБИЧНА ПРИКАЗНА ЗА БЕНЏАМИН БАТОН (2008) во режија на Дејвид Финчер, е научно фантастична драма, каде што Бред Пит го игра Бенџамин – човекот кој е роден како старец и како времето тече, тој се подмладува. Во улогата на Бенџамин, Пит го покажа својот неверојатен актерски талент и е номиниран за „Оскар“ за главна машка улога. Во НЕМИЛОСРДНИ ГАДОВИ (2009), на Квентин Тарантино, Бред Пит се појавува во улогата на поручникот Алдо Реин, кој за време на Втората светска војна во окупирана Франција собира група на американски војници со еврејско потекло со задача да пронајдат и убијат што поголем број на нацисти. Многу критичари сметаат дека оваа улога му е една од подобрите, а Пит беше номиниран за „Оскар“ во категоријата за најдобра машка улога. ДРВО НА ЖИВОТОТ (2011) е контроверзна научно фантастична драма во режија на мистичниот Теренс Малик. Филмот претставува химна на животот и се обидува да даде одговори на многуте прашања што го прогонуваат човекот. Главните теми на овој филм се турбулентното детство, зрелоста и односот меѓу таткото и синот. Бред Пит се појавува во улогата на таткото О’Брајан, а филмот стана лауреат на Канскиот филмски фестивал. БЕШЕ ЕДНАШ ВО ХОЛИВУД (2019) на Квентин Тарантино е еден од неговите последни филмови, а за улогата на Клиф Бут во овој филм – тој за првпат ја освои наградата „Оскар“ – за споредна машка улога. Во филмот глуми и Леонардо ди Каприо во улогата на Рик Далтон, пропаднат глумец од холивудските вестерни и алкохоличар, додека пак Бред Пит ја толкува улогата на неговиот најдобар пријател и негов долгогодишен каскадери дублер: КлифБут. Двајцата пријатели заедно се обидуваат да го пронајдат своето место во новиот Холивуд, во времето на хипи-револуцијата во шеесеттите години од дваесеттиот век.

Треба да се истакнат и следните филмови во кои Бред Пит даде забележителни улоги: ФОРМУЛА НА УСПЕХОТ(2011) на Били Бил; СВЕТСКА ВОЈНА З (2013) на Гери Лејн; ДВАНАЕСЕТ ГОДИНИ РОПСТВО (2013) на Стив Меквин; ГНЕВ(2014) на Дон Кулер; ОПКЛАДА НА ВЕКОТ(2015) на Бен Рикен; СОЈУЗНИЦИ (2016) на Макс Вејтен и ДО SВЕЗДИТЕ(2019) на Рој Мекбриџ.

Познато ни е дека интересот за секое негово филмско остварување е огромен, но подеднакво внимание добива и неговиот приватен и љубовен живот. Според пишувањето на таблоидите, љубовниот и романтичен живот на Бред Пит отсекогаш бил интересен и бурен. Кои од сите тие бројни гласини и озборувања се точни а кои не – веројатно нема никогаш со сигурност да дознаеме, но еве еден мал дел и од нив (можеби некој ќе сака да прочита и за тоа): Меѓу неговите први партнерки се споменуваат манекенката Робин Гивенс, поранешната сопруга на боксерот Мајк Тајсон, а бил во врска и сo пејачката Синита, Кристина Еплгејт, но и со Џил Шоелон. Со младата Џулиет Луис се запознал за време на снимањето на филмот ПРЕМНОГУ МЛАД ДА СЕ УМРЕ, и нивната врска била една од неговите посериозни врски. Во 1991 година, кога сè уште бил во врска со Џулиет Луис за време на снимањето на филмот ТЕЛМА И ЛУИЗ, се зближил и со Џина Дејвис.

А се сеќавате ли на филмот ЛЕГЕНДА ЗА ЕСЕНТА…? За време на снимањето на овој филм,се зборува и дека во неговите прегратки се нашла и тогашната негова партнерка во филмот – актерката Џулија Ормонд, но тие двајцата никогаш јавно не проговориле за нивната евентуална врска. Исто, при снимањето на филмот ИНТЕРВЈУ СО ВАМПИРОТ (1994), тој се вљубил во својата партнерка Тенди Њутн и биле во врска скоро една година. Следна на која Бред Пит и` го освоил срцето била убавата Гвинет Полтроу, со која се запознал на снимањето на филмот СЕДУМ. Нивната врска траеше две години, а честопати од страна на медиумите беа опишувани како два русокоси ангела, секогаш „модно соодветни“… Со Џенифер Анистон, ѕвездата на тв-серијата ПРИЈАТЕЛИ, бил во врска уште од 1998 год. Во тоа време беа сметани за златен пар на Холивуд, а во 2000 година Џенифер Анистон стана и негова прва сопруга. Нивниот брак трае сѐ до 2005, кога тој се вљубува во Анџелина Џоли за време на снимањето на филмот ГОСПОДИН И ГОСПОЃА СМИТ. Нивната врска блескавично се засилува, но по десетгодишна брачна идила, во 2016 година, Анџелина Џоли поднесува барање за развод, кој се претвора во матен медиумски вртлог со приказни за семејно насилство, алкохолизам итн. Само неколку месеци откако во јавноста се појавува веста дека тие повеќе не се заедно, Пит за медиумите „Го“, „Тајмс“ и „Варајети“,дал интервју во кое ја отвора душата и срцето и проговорува за својот интимен живот. Зборувал за неговиот проблем со алкохолот, како со години се опивал, консумирал марихуана заради чувството на изгубеност, но и за тоа колку тешко го погодил разводот.  Изјавил дека сака да биде добар татко и затоа почнал да оди на рехабилитација во „АА“(друштво на Анонимни Алкохоличари).

И така, откако се потсетивме на филмската кариера, хуманитарната работа и животот на овој талентиран актер, продуцент и активист – би можело да се каже дека сѐ уште е отворена иднината на Бред Пит, како и прашањето на неговиот престижен култен филмски статус… Дали Бред Пит ќе стане „Марлон Брандо на новиот милениум“? Останува да видиме и посведочиме… Но…

Но, едно е сигурно: дека Бред Пит, и како човек, и како актер, продуцент и активист –останува како симбол на еден современо осамен човек, осуден да ги менува своите ликови адекватно на животните кoнтексти и потреби, а во исто време – во себе и низ себе да ги обединува сите тие појавни форми – преку естетика, талент, успех и престиж…

Leave a comment