Македонија после 28 години се враќа на Венецијанскиот Филмски Фестивал, во натпреварувачката програма „Хоризонти“, со филмот „Најсреќниот човек на светот“ на Теона Стругар Митевска.

Теона Стругар Митевска

По успехот на вонсерискиот „Пред Дождот“ (во кој актерската кариера ја започна тогаш средношколката Лабина Митевска, со впечатливата улога на Замира), Манчевски ја имаше честа со својот нареден филм „Прашина“ во 2001 година со гала проекција да го отвори фестивалот во Венеција. „Најсреќниот човек на светот“ ќе се натпреварува за наградите за најдобра режија, најдобар филм, улоги и други важни признанија во програмата „Хоризонти“ на венецијанското Биенале.

За мене е голема чест да се биде дел од најстариот и еден од највлијателните фестивали на светот, возбудата и радоста се големи. Соочувањето со публиката е клучниот елемент во нашето создавање. Овој филм го гледам како симфонија на кореографирани движења кои ги размотуваат слоевите на емоции, полека обвивајќи го гледачот до точка на вртоглавица. Локацијата е клучна: хотел во стилот на осумдесеттите, сведок на архитектонскиот стил од бивша Југославија: бетонски брутализам или модернизам, а потоа тука е ранетиот град Сараево, сведоштво за отворените рани и болките од минатото. Тука се поставуваат прашањата, што нè одредува: нашата етничка, религиска или родова припадност? Што нè раздвојува или спојува? Ова е приказна за непредвидливоста на животот, случајните средби помеѓу напаѓачот и жртвата, оживувањето на болното минато; ова е приказна за невозможни спојки, за љубовта и апсурдноста. Филмот започнува како хумористична екскурзија и се развива во планина од наслоени искуства. Филмот е базиран на вистинска приказна и тоа директно од авторот на сценариото Елма Татарагиќ– изјави Теона Стругар Митевска.

Теона Митевска, Ана Костовска и Лабина Митевска

„Најсреќниот човек на светот“ е филм кој всушност говори за тешкотијата на помирувањето, кое е неопходно за да се може да се продолжи со животот во мир после војна. Сараево четири години беше под опсада и тероризиран со снајперски истрели со огромен број невини жртви. Овој филм говори за Асја, четириесет годишна жена која се пријавува на организиран настан за барање партнер. Таму се среќава со Зоран, нејзин врсник, кој е дојден да се запознае токму со Асја, но тој не е дојден таму во потрага по љубов.

Македонскиот филм ниже успеси, доказ за тоа се бројните учества на реномирани фестивали, како и номинациите и наградите кои ги добиваат. Можам нескромно да кажам дека македонските филмаџии веќе имаат стил кој се препознава во светски рамки. Самата селекција во натпреварувачката програма на Венецијанскиот фестивал за „Најсреќниот човек на светот“ е огромен успех, сам по себе. Очекуваме пред сè одлично претставување, но се надеваме и на награди, бидејќи веруваме во овој филмски проект – истакна директорот на Агенција за филм, Бојан Лазаревски.

Прес конференција, Лабина Митевска и Бојан Лазаревски

Во меѓувреме, Сестри и брат Митевски продукција ја продолжи соработката со еден од најголемите светски продажни агенти, францускиот „Пирамид“ кој застанува зад филмови кои ја одбележуваат врвната европска кинематографија во последните неколку децении.

Лично, имам многу силна сентиментална врска со Венецијанскиот фестивал. Таму, уште како тинејџерка, прв пат стапнав на црвениот килим и бев неповратно маѓепсана и досега се немав вратено со свој филмски проект и се разбира дека чувствувам неверојатна возбуда од самата помисла дека „Најсреќниот човек на светот“ на Теона Стругар Митевска ме носи повторно на Лидо, на еден од трите најзначајни и најпрестижни фестивали. Овој пат сме поканети во престижната, авторски ориентирана програма Хоризонти и некако ни се потврдува дека истрајноста на Теона да говори со свој филмски јазик е интригантна за најголемите светски филмски собири – изјави Лабина Митевска, продуцент на филмот.

Во главните улоги настапуваат Јелена Кордиќ Курет и Аднан Омеровиќ, во споредна улога Лабина Митевска, потоа Ана Костовска и Николина Кујача, како и Фирдауз Неби, Џевдет Јашари и Зорица Нушева од Македонија во низа епизодни улоги заедно со Ксенија Маринковиќ од Хрватска, Изудин Бајровиќ, Ирма Алимановиќ, Ведрана Божиновиќ, Мона Муратовиќ, Синиша Видовиќ, Кемал Ризвановиќ од БиХ.

И овој пат на филмот работеше доминантна женска екипа. Косценарист на Теона е Елма Татарагиќ, директор на фотографија е Белгијанката Вирџини Сент Мартен, повторно десната рака на Теона е сценографот Вук Митевски, костимите  на долгогодишниот соработник на Теона од Словенија Моника Лорбер и шминката на Мојца Горогранц Петрушевска. Монтажер на филмот е Пер Киркегард, од Данска, а дизајнер на звукот Ингрид Симон од Белгија. Кастингот е на Киријана Николовска, прв асистент на режија Раша Петровиќ, директор на филм Елена Станишева.

Податоци за продукција на филмот 

Филмот е копродукција помеѓу Македонија, Словенија, Хрватска, Белгија, БиХ и Данска. Развојот и продукцијата е поддржана од Агенцијата за филм, Creative Europe – MEDIA, Еуримаж, Данскиот филмски институт, Belgium Tax Shelter, Хрватскиот аудиовизуелен центар и Филмскиот фонд од Сараево. Заради задржување на автентичноста, филмот е снимен на босански јазик (сараевски говор), а главните улоги ги токуваат актери од БиХ и од Македонија. Буџетот на филмот е 1,450.000 евра, а беше склопен со учество на Агенцијата за филм на Република Северна Македонија 487,000 евра,  Данскиот филмски институт, Словенечкиот филмски центар, Хрватскиот аудиовизуелен центар, Фондацијата за кинематографија Сараево, и Министерството за култура и спорт на Кантонот Сараево, Белга Продукција и Даночното засолниште од Белгија, Виба филм од Словенија, Пирамид од Франција и секако, со несебична поддршка на Еуримаж.

Носечки продуцент на филмот е Лабина Митевска, а како копродуценти се Себастијан Делое од Антре Шиен е Лу од Брисел, (Sébastien Delloye – ENTRE CHIEN ET LOUP, Belgium), Амра Бакшиќ Чамо и Адис Џапо од СЦЦА/про.ба од Сараево  (Amra Bakšić Čamo and Adis Đapo – SCCA/pro.ba, Bosnia and Herzegovina), Марија Мулер Кристоферсен од Фрау Филмс, од Копенхаген (Maria Møller Christoffersen  – FRAU FILM, Denmark), Вања Сремац од Терминал 3 од Загреб (Vanja Sremac – TERMINAL 3, Croatia), и постојаниот соработник Даниел Хочевар од Вертиго од Љубљана (Danijel Hočevar – VERTIGO, Slovenia).

За екипата и снимањето

Филмот се снимаше на локации претежно во Скопје во рок од 5 недели, а недела дена во Сараево. Дел од подготовките се одвиваа во Словенија, додека постпродукцијата се работеше во Данска, монтажа и обработка на звук и слика, и дизајнот на звукот во Белгија. Во Скопје највеќе се работеше на една локација во Национална и Универзитетска Библиотека „Св. Климент Охридски“ која со имагинацијата и вредните раце на тимот на Вук Митевски беше претворена во хотел во кој се случуваат состаноците за запознавање. И навистина се запознавме меѓусебно и на човечко и професионално ниво, а снимањето беше едно незаборавно искуство обележано со највисока работна етика и неверојатна сплотеност и пожртвуваност од целата екипа. Филмот со тоа доби една живост и автентичност која ретко може да се сретнат на филмско платно.