Кога некој избор од македонски играни и документарни филмови гостува во странство, тогаш е повеќе од правило да се „ослушнат“ или прочитаат реакциите на професионалците од средината во која се прикажани. Впрочем, Кинотеката на нејзината филмска програма речиси секој месец, или на секои два месеци, има претставување на разни национални кинематографии.

Формата на „Денови на македонскиот филм“ или „Недела на македонскиот филм“, за жал, не е многу присутна во светот. Затоа можеби е убаво да се потсетиме на едно такво претставување пред десетина години.

Во 2010 година во Хрватска беа одржани „Деновите на Кинотека на Македонија“ во киното „Тушканац“,  Загреб, 23-27 февруари 2010 г., и во арт-киното „Кроација“, Ријека, 25-29 февруари, 2010 г. Филсмкиот критичар Драган Рубеша (Dragan Rubeša) по повод таа манифестација објави два текста во ХРВАТСКИ ФИЛМСКИ ЛЕТОПИС (Hrvatski filmski ljetopis), бр. 64/2010.

Во првиот текст ЖИВОТ НА СПОРЕДЕН КОЛОСЕК – По повод Деновите на Кинотека на Македонија во киното „Тушканац“, Загреб, 23-27 февруари 2010 г. и во арт-киното „Кроација“, Ријека, 25-29 февруари, 2010 г. (Životi na sporednom kolosijeku – Povodom Dana Kinoteke Makedonije u kinu Tuškanac, Zagreb, 23-27. ožujka 2010. i u Art-kinu Croatia, Rijeka, 25-29. ožujka 2010.) авторот прави анализа на изборот на филмови со кои Кинотеката ја претставила македонската кинематографија во Загреб и Риека.

Вториот текст во истиот број на ХРВАТСКИ ФИЛМСКИ ЛЕТОПИС е интервју со режисерот Антонио Митрикески, насловено „Љубовта  и смртта не се објаснуваат“ – Интервју по повод  „Денoви на Кинотека на Македонија“ одржана во арт-кино „ Кроација“, Ријека, март 2010 година (Antonio Mitrikeski: “Ljubav i smrt se ne objašnjavaju” Razgovor povodom Dana Kinoteke Makedonije vođen u Art-kinu Croatia, Rijeka, ožujka 2010. Hrvatski filmski ljetopis).

Издавачкиот проект филмолошко списание ХРВАТСКИ ФИЛМСКИ ЛЕТОПИС бил заеднички потфат на Хрватската кинотека при Хрватскиот државен архив, Хрватското друштво на филмски критичари и Филмотека 16 од Загреб. ХРВАТСКИ ФИЛМСКИ ЛЕТОПИС денес е издание на Хрватскиот филмски сојуз. Со подршка на Министерството за култура на Република Хрватска и канцеларијата за култура на град Загреб, списанието започнало да излегува во 1995 година како тримесечник, а во изминатите 20 години се печатени 80 броеви. ХРВАТСКИ ФИЛМСКИ ЛЕТОПИС е евидентиран во FIAF International Index to Film Periodicals, Arts and Humanities Citation Index и SCOPUS, како и во престижната интернационална база на научни трудови Web of Science (WoS).

Кинотеката на Македонија ви ги пренесува овие интересни видувања на македонската кинематографија во две посебни објави на нејзиниот сајт kinoteka.mk („Антонио Митрикески; Љубовта  и смртта не се објаснуваат“ и  ЖИВОТ НА СПОРЕДЕН КОЛОСЕК  ) со дозвола на издавачот Хрватски филмски сојуз и авторот Драган Рубеша.