Сите права за ова издание се заштитени со закон.

Забрането е копирањеумножување и објавување на делови или на целото издание во печатени и во електронски медиуми или за друг вид јавна употреба без согласност на издавачот или авторот.

Д-р Атанас Чупоски

 

Под влијание на „кадифените“ и не толку „кадифените“ револуции во Полска, Унгарија, Источна Германија, Бугарија и Романија во 1989 година, што доведоа до падот на комунизмот во Источна Европа – и во републиките што беа во составот на тогашната СФР Југославија, во 1990 година дојде до политички промени што предизвикаа пад на комунизмот и воведување парламентарна демократија. Следната, 1991 година, Република Македонија прогласи независност и излезе од составот на југословенската федерација.

Од тој период до денес, разбирливо, како и севкупното општество, и македонската кинематографија претрпе големи промени. Прво: наместо дотогашната единствена државна продуцентска куќа за производство на филмови, „Вардар филм“ од Скопје, се оформија повеќе независни продуцентски филмски претпријатија. Второ: и покрај не особено импресивните економски перформанси на државата, како и објективните историски тешкотии (војните во бившата заедничка држава Југославија, ембаргото на ОН кон соседната Република Србија, спорот за името Македонија со Република Грција, ембаргото кон Македонија од страна на Грција, интервенцијата на НАТО на Косово, шестмесечната војна со албанската герила во 2001 година итн.), македонската кинематографија во периодот од осамостојувањето до денес, за нецели триесет години, вклучувајќи ги и меѓународните копродукции, успеа да продуцира деведесетина долгометражни играни филмови и поголем број документарни, краткометражни и анимирани остварувања, што за една толку мала кинематографија како што е македонската, претставува импресивна бројка, особено кога ќе се спореди со бројот на продуцирани филмови во Македонија во времето на комунизмот – триесет и седум долгометражни играни остварувања за исто толку години, од 1952 година кога беше реализиран првиот македонски долгометражен игран филм „Фросина“, па сè до комедијата „Викенд на мртовци“ од 1988 година.

Во продолжение на овој текст, ќе се осврнеме на спецификите на македонската кинематографија во времето по падот на комунизмот, што во овој случај се поклопува со независноста на државата, ќе ги наведеме најзначајните авторски имиња и накусо ќе ги анализираме најзначајните филмски остварувања. Заради ограниченоста на просторот, во текстот ќе се задржиме само на долгометражните играни остварувања. За полесно да патуваме низ лавиринтите на македонската кинематографија, како одредници ќе ни послужат најзначајните режисерски имиња во македонската кинематографија по падот на комунизмот.

 

СТАРИТЕ МАЈСТОРИ

 

Ако карактеристика на македонската кинематографија во времето на комунизмот беше преокупираноста со историски теми, па така, од споменатите триесет и седум играни филмови дури две третини се занимаваа со историското минато – во периодот по осамостојувањето, иако не недостасуваат историски теми, сепак, акцентот е ставен на совремието и се портретираат поединци заробени во етнички, воени и транзициски лавиринти, а шанса да реализираат свои филмови добија повеќемина помлади режисери. Паѓа во очи тоа што, наспроти останатите кинематографии од Источна Европа, македонските филмски творци до денес многу малку се позанимаваа со критичко преиспитување на периодот на доминација на комунистичката идеологија во општеството. Наспроти тоа, она што е константа во поголем број остварувања е интересот за актуелните социокултуролошки феномени, односно за преиспитување на односот Европа vs Балкан, т.е. Eвропа vs. Македонија.

 

Столе Попов

 

Прв филм снимен во Република Македонија по осамостојувањето беше „Тетовирање“ на режисерот Столе Попов, син на еден од основоположниците на организираната македонска кинематографија по Втората светска војна – документаристот и исто така режисер на играни филмови Трајче Попов. Столе Попов е режисер кој уште во периодот на комунизмот остави импресивна трага во македонската кинематографија. Имено, по успешниот почеток со три извонредни документарни остварувања, наградувани во југословенски рамки: „Оган“ од 1974 година, „Австралија, Австралија“ од 1976 година и особено „Дае“ од 1979 година, кој беше награден и во Оберхаузен и до денес остана единствен македонски документарен филм што во трката за наградата „оскар“ стигнал меѓу петте номинирани документарци, Столе Попов, во 1981 година, според прозата и по сценарио на писателот Ташко Георгиевски, го режираше долгометражниот игран филм на „егејска“ тема „Црвениот коњ“, а во 1986 година, по сценарио на прочуениот српски сценарист Гордан Михиќ, го креираше и еден од најдобрите филмови во досегашната македонска филмска историја – култниот „Среќна Нова ’49“, извонредна драма која на рафиниран начин ја раскажува приказната за животот во Македонија во првите години по Втората светска војна, во турбулентниот период на фамозната Резолуција на Информбирото.

Така, Столе Попов всушност е еден од ретките македонски филмски творци што твореа пред и по падот на комунизмот. Во 1991 година следуваше „Тетовирање“, „затворска“ приказна за невино осуден човек, филм работен по сценарио на црногорскиот писател Мирко Ковач и веројатно еден од најпопуларните македонски филмови снимени досега чии реплики се влезени во колоквијалниот говор. За овој филм, во 1997 година, во неговата книга „Македонскиот филм“, рускиот филмолог и одличен познавач на македонската кинематографија, Мирон Черњенко, ќе напише дека „филмот на Попов веднаш подвлече црта не само под филмската уметност на Република Македонија, туку и под самата проблематика на неодамнешната историја како предмет на уметничко претставување и истражување. Во секој случај, тој нè доведува до првите мугри на самосвеста на македонскиот филм во новите услови“ (Черњенко: 186).

До денес, Столе Попов реализира уште две долгометражни остварувања, во 1997, по сценарио на Владимир Блажевски, филмот „Џипси Меџик“, на тогаш, заради филмовите на Кустурица, актуелната „циганска“ тема; и во 2014 година, по седумнаесетгодишна пауза, еден од најскапите проекти во досегашната македонска филмска историја, продуцентски едно од врвните остварување на македонската кинематографија, тричасовната постмодернистичка вестерн пародија на минатото од времето на комитите и Илинденската епоха, филмот „До балчак“, работен по дваесет и кусур години старото сценарио на драмскиот писател Горан Стефановски.

 

Бранко Гапо

 

Бранко Ивановски – Гапо, покрај Столе Попов, Димитрие Османли, Коле Ангеловски и Владимир Блажевски, е режисерско име што во Македонија реализира филмови и пред и по падот на комунизмот. Бранко Гапо е најплодниот македонски филмски автор кога се во прашање долгометражните играни филмови. Имено, тој во епохата на комунизмот беше еден од најпривилегираните автори кој успеа да реализира дури пет долгометражни остварувања, претежно на теми од историското минато: „Денови на искушение“ од 1965 година, според драмскиот текст „Црнила“ на Коле Чашуле, филм за убиството на Ѓорче Петров во Софија; бунтовниот, „црнобрански“, „Време без војна“ од 1969 година, по сценарио на Симон Дракул; „Истрел“, од 1972 година, според прозата и по сценарио на Димитар Солев, филм за убиството на бугарскиот полициски инспектор Емануел – Мане Мачков во Скопје, за време на Втората светска војна; потоа, веројатно неговото најдобро остварување, филмот „Најдолгиот пат“, работен според документарната проза „Од Дебарца до Дијар-Бекир и назад“, по сценарио на писателот Петре М. Андреевски, историска фреска за осудениците од Илинденската епоха; и филмот „Време, води“, според прозата и по сценарио на Јован Стрезовски, имагинарна епска повест што хронолошки ја раскажува приказната за жителите на две фиктивни западномакедонски села, во времето на српската окупациска власт во Кралството Југославија, потоа фашистичката италијанска власт, за време на Втората светска војна, па сè до југословенско/македонската комунистичка власт по војната.

Во периодот по падот на комунизмот, Бранко Гапо реализираше само еден игран филм, својот шести и последен дологометражен игран филм, мелодрамата „Македонска сага“ од 1993 година, по сценарио на писателот Симон Дракул, филм за кој во 1997 година, споменатиот руски филмолог Мирон Черњенко, ќе запише дека се работи за своевидна „трагично невозможна љубовна врска“ според образецот на Ромео и Јулија, „и тоа една од најтажните во светот, зашто познато е дека нема ништо пожално од ‘Повеста за Ромео и Јулија’, особено ако се тие разделени не само со општествено-класни предрасуди, кои мошне лесно се надминуваат дури и во такви патријархални средини, каква е планинската Македонија, во чии предели се развива дејството на филмот, туку со јазот, со работ на етно-конфесионалниот конфликт, што тлее…“. (Черњенко: 187).

 

Димитрие Османли

 

Димитрие Османли, како и Бранко Гапо, режисерската кариера, како театарски и филмски режисер, ја градеше првенствено во претходниот политички систем, а по падот на комунизмот и осамостојувањето на земјата реализираше само еден игран филм.

Имено, тој беше првиот дипломиран театарски режисер од Македонија и првиот режисер од Македонија што доби шанса да реализира долгометражен игран филм: „Мирно лето“, во 1961 година, филм кој воедно е и првата македонска комедија чии дејство се одвива крај бреговите на Охридското Езеро. Дотогаш, од 1952 до 1961 година, македонските филмови ги реализираа гости од останатите југословенски републики со поразвиена кинематографија: Воислав Нановиќ, Франце Штиглиц, Жика Чукулиќ, Жика Митровиќ, Бранко Бауер.

По комедијата „Мирно лето“, работена по сценарио на белградската писателка Фрида Филиповиќ, Димитрие Османли, како режисер што третира исклучиво современи теми, во 1967 година, по сценарио на писателите Јован Бошковски и Ташко Георгиевски, ја реализираше импресивната психолошка драма „Мементо“, инспирирана од катастрофалниот земјотрес што го погоди Скопје во 1963 година; и социјалната драма, „Жед“, во 1971 година, по сценарио на писателот Живко Чинго.

По падот на комунизмот, Димитрие Османли во 1995 година ја реализираше мелодрамата „Ангели на отпад“, по сценарио на неговиот син, писателот Томислав Османли, филм што претставува рефлексија на транзициската состојба во која се најде македонското општество во тој период. Толкувајќи го филмот, филмологот Мирослав Чепинчиќ ќе запише: „Потрагата по минатото, барањето на загубената смисла на животот, во оваа филмска драма има носечка функција околу која и врз која Т. Османли и Д. Османли минуциозно го составуваат овој паноптикум на маргиналци со затечени и загубени судбини. Просторот на нивните егзистенции се дивоградбите покрај градската депонија, во обезличен и наместа тотално дехуманизиран пејзаж“ (Чепинчиќ: 318).

 

Коле Ангеловски

 

Популарниот актер, во југословенски рамки, и првенствено театарски режисер, Коле Ангеловски, уште во далечната 1973 година, во екот на својата актерска популарност, доби шанса, по сопствено сценарио, според прозата на Живко Чинго, да го реализира својот дебитантски долгометражен игран филм, извонредната црно-бела семејна драма „Татко (Колнати сме Ирина)“, без сомнение еден од најдобрите филмови во досегашната историја на македонската кинематографија.

По петнаесет години, во 1988 година, според популарниот драмски текст на Миле Поповски, кој е и сценарист на филмот, ја режираше духовитата комедија „Викенд на мртовци“ со импресивен актерски ансамбл од просторите на тогашна Југославија, последното македонско филмско остварување реализирано во ерата на комунизмот.

Дваесетина години по овој филм, во 2017 година, Коле Ангеловски го реализира својот прв игран филм по падот на комунизмот, комедијата „Ах, љубов моја“, според сопствениот драмски текст што беше успешно изведен на сцена, со амбиција да ја врати комедијата на филмското платно, но, и покрај евидентно добрата намера, квалитетот на неговиот првенец „Татко“ до денес останува ненадминат.

 

НОВИОТ БРАН

 

Милчо Манчевски

 

Милчо Манчевски е несомнено најпознатото режисерско име што произлегло од Македонија и најафирмираниот автор во меѓународни рамки. Причина за тоа, без сомнение, е успехот на неговиот превенец, играниот филм „Пред дождот“, од 1994 година, работен по сопствено сценарио, приказна што пророчки го навести етничкиот конфликт меѓу Македонците и Албанците, и која, заради актуелноста на темата, но, несомнено и заради режисерското мајсторство и квалитетот на филмот, беше наградена со „златен лав“ на Филмскиот фестивал во Венеција, во 1995 година, а истата година за малку го загуби и „оскарот“ за најдобар филм од неанглиско говорно подрачје од „Изгорени од сонцето“ на Никита Михалков и до денес останува единствениот македонски игран филм што стигнал меѓу петте најдобри во ова престижно филмско натпреварување.

Со следниот филм, „Прашина“, работен по сопствено сценарио, од 2001 година, Милчо Манчевски само ја потврди репутацијата на најинтригантно име на македонската кинематографија. Оттаму, не зачудува што токму на филмот „Прашина“, прв македонски „истерн“ со Џозеф Фајнс во главната улога, т.е. историографска метафикција, извонредна вестерн пародија од времето на комитството, чија приказна по малку заличува на сценариото на подоцна реализираниот филм „До балчак“, му беше укажана честа да го отвори фестивалот во Венеција. Во овој филм се преиспитува односот меѓу историјата и стварноста, но истовремено, во постмодернистички манир, со испреплетување на времињата на нарацијата, се деконструира и начинот на кој приказните се раскажуваат.

По „Прашина“, што секако претставува врв во неговото творештво, а веројатно, од продукциски аспект, врв и во досегашната македонска филмска историја, Манчевски, кој живее и работи во САД, по сопствени сценарија ги реализираше и помалку успешните психосоцијални драми „Сенки“ во 2006 година, во кој директор на фотографија е прочуениот италијански кинематографер Фабио Чанкети; и „Мајки“, во 2010, филмови во кои се преиспитуваат сложените меѓучовечки односи. Во „Мајки“, филм триптих, составен од три наративни целини, Манчевски, покрај двата играни дела вметна и документарна приказна на тогаш актуелна тема: македонскиот сериски убиец од Кичево.

Во 2017 година Милчо Манчевски, во САД, го реализираше и својот засега последен филм, урбаната њујоршка бајка „Бикини Мун“, но овој филм немаше македонски копродуцент.

 

Антонио Митриќески

 

„Преку езерото“ е првиот филм на Антонио Митриќески, реализиран по сценарио на писателот Ташко Георгиевски, во 1997 година и е еден од ретките македонски филмови што се занимава со преиспитување на власта на комунистите, но – во Албанија! Имено, филмот е работен според вистинска приказна за која режисерот Митриќески во 1991 година имаше реализирано и документарен филм – „Љубовта на Кочо Топенчаров“, и ја раскажува романтичната приказна во која главниот лик, заради својата сакана го напушта родниот Охрид и заминува во Албанија, каде што, под сомнение дека е југословенски шпион, завршува во злогласните казамати на Енвер Хоџа.

Вториот филм на Митриќески, амбициозниот „Како лош сон“, од 2003 година, работен по драмскиот текст и по сценарио на Дејан Дуковски, функционира како своевиден критички интониран филмски есеј на тема: односите Балкан (Македонија) – Европа, а преку техниките на огледување на субјектот во Другиот, овие односи постојано се исчитуваат едни преку други. Во овој филм, преку два наративни тека кои во еден миг се испреплетуваат за потоа одново да се одвојат, филмската приказна, преку типизирани, општи ликови, говори за крвавите братоубиствени војни на Балканот, но истовремено ја преиспитува и улогата на современа Европа во нив, како и прашањето за европската совест во однос на нив. Истовремено, метафорично го нагласува и колонијалниот однос на современа Европа кон Балканот и Македонија.

Третиот и засега последен филм на Митриќески, социјалната драма „Деца на сонцето“ од 2014 година, работена по сценарио на веќе споменатиот српски сценарист Гордан Михиќ, не ги исполни очекувањата и ќе остане забележан првенствено по мајсторската фотографија на полскиот кинематографер Јарек Шода.

 

Иво Трајков

 

Иво Трајков е продуцент и режисер кој одамна живее во Чешката Република, каде што реализира поголем број добро прифатени играни остварувања и ТВ проекти. Тој, во 2004 година го реализираше својот прв македонски долгометражен игран филм, „Големата вода“, според романот на Живко Чинго, а по сценарио на Владимир Блажевски, кој беше награден со „златна палма“ на фестивалот во Валенсија.

„Големата вода“ е еден од ретките македонски филмови што се занимава со критичко преиспитување на комунистичкото минато и тоа преку очите на едно момче од домот за сираци. Овој филм, низ реалистичка нарација ја раскажува приказната за вечната борба меѓу доброто и злото, овде претставена преку судирот на сталинистичкото општество и копнежот по „големата вода“, матафора за копнежот по слобода на човекот притиснат од нечовечните облици на доминантната општествена свест.

По големиот успех на „Големата вода“, Иво Трајков реализира една германско-македонска и три чешко-македонски копродукции: симпатичниот црно-бел „патувачки“ (road movie) „Филм“ во 2007 година, по сопствено сценарио; метафизичката драма „Созерцание“ во 2009 година, по сценарио на Иван Арсењев и Јан Стехлик, по расказ на чешката писателка Божана Немцова; германско-македонската копродукција реализирана во Берлин, снимена навидум во еден, долг, динамичен, акциски, деведесетминутен кадар, под наслов „Берлин проект“; и засега последниот филм, „Медена ноќ“, во 2015 година, според романот на чешкиот писател Јан Прохаска, филмска сатира што на специфичен начин го преиспитува комунистичкото минато во Македонија.

 

Владимир Блажевски

 

Владимир Блажевски е најмладиот режисер од оние што снимаа и пред и по падот на комунизмот. Тој живее и работи во Белград и во 1987 година, по сопствено сценарио според истоимениот драмски текст на Горан Стефановски, ја реализираше многунаградуваната, во југословенски рамки, урбана драма за судирот на генерациите: „партизанската“ и „рокерската“ – „Хај фај“. Оттогаш, поминаа дваесет и четири години, додека доби можност одново да реализира игран филм во Македонија, иако во соседна Србија, по сопствено сценарио, во 1992 година го реализираше филмот „Булеварот на револуцијата“.

„Панкот не е мртов“ е црна комедија/road movie од 2011 година, работен по сценарио на Блажевски, филм во кој низ реалистичен дискурс за подостарени панкери се отвораат повеќе актуелни теми во македонското општество: транзициската реалност, маргинализираноста на субкултурата,  меѓуетничките односи меѓу Македонците и Албанците, но и однесувањето на претставниците на т.н. „меѓународна заедница“ во Македонија. Во 2018 година Блажевски го реализираше својот засега последен игран филм, македонско-српско-словенечко-косовската копродукција „Година на мајмунот“, црнохуморна политичка сатира што го исмева актуелниот политички миг.

 

Дарко Митревски и Александар Поповски

 

Дарко Митревски и Александар Поповски дебитираа заедно на големото платно, во 1993 година, со студентскиот омнибус-филм „Светло сиво“. Во 1998 година, повторно заедно го реализираа постмодернистичкиот, научно-фантастичен филм „Збогум на 20-тиот век“, по што продолжија самостојно.

Дарко Митревски во 2004 година, по сопствено сценарио ја реализира постмодернистичка пародија за лудиот Балкан, филмот „Бал-кан-кан“, алегорична „патувачка“ (road movie) трагикомедија многу омилена кај публиката, и истовремено филм на потрагата (quest), низ кој, преку хумористична, постмодернистичка нарација преполна со интертекстуални референци на стварноста или на текстови на културата, како и со цитати на реплики од повеќе филмски дела, се раскажува приказната за балканските држави и народи во 21 век, по распадот на Југославија и завршувањето на новите Балкански војни, во време на ерозија на моралот и етичките вредности и губење на многу човечки достоинства.

Во 2012 година, Дарко Митревски, по сопствено сценарио, инспириран од вистински настан, го реализираше засега својот последен филм, „Трето полувреме“, амбициозна, комплексна историска филмска приказна во два наративни тека, со мелодраматични елементи, на тема холокауст, поточно за холокаустот на скопските Евреи во периодот на Втората светска војна, кога Македонија е дел од Царството Бугарија, но и за историјата на фудбалската игра во Македонија и судбината на германскиот тренер од еврејско потекло Рудолф Шпиц, кој во тој период престојува во Скопје. Филмот „Трето полувреме“, патем, предизвика голема медиумска врева во бугарската општествена јавност заради, според тамошните наводи, тенденциозното и еднострано прикажување на историските настани.

Токму овој филм, „Трето полувреме“, во 2012 година го отвори 33-тото издание на најпознатиот и највлијателниот филмски фестивал во Македонија, Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки” во Битола, а фестивалот беше затворен со првенецот и засега единственото самостојно долгометражно филмско остварување на театарскиот режисер Александар Поповски, филмот „Балканот не е мртов“, работен по истоимениот популарен драмски текст на Дејан Дуковски, кој е сценарист и на филмската верзија. Филмот „Балканот не е мртов“ во постмодернистички манир ја раскажува приказната за крајот на владеењето на Отоманскиот султанат на Балканот, но, иако сосема самосвесно театарските кулиси и сценографските решенија ги заменуваат реалните филмски простори, филмот сепак не успева да избега од матрицата на театарската претстава.

 

Митко Панов

 

Митко Панов е филмски режисер кој подолго време живее и работи во Швајцарија. По реализацијата на голем број документарни и краткометражни остварувања, во 2009 година, Митко Панов конечно доби шанса за реализација на својот долгометражен првенец, по сопствено сценарио, филмот „Војната заврши“, семејна драма целосно реализирана на албански јазик, фокусирана на односот Европа-Балкан, преку приказната за едно семејство косовски имигранти во Швајцарија.

Во 2018 година, Митко Панов, повторно по сопствено сценарио, го реализираше и својот втор игран филм, македонско-швајцарско-ирската копродукција поддржана од „Еуроимаж“, акциската драма „Чекај ме/Сведок“, со Бруно Ганц во една од главните ролји, што повторно се занимава со преиспитување на односот Европа – Балкан (Македонија), преку приказната за вработен во Хашкиот трибунал што сака да ја истера правдата на Балканот, а се заплеткува во сложените општествени и приватни врски.

 

Теона Стругар Митевска

 

Теона Стругар Митевска е една од двете дами на нашата листа македонски режисери што реализирале долгометражни филмски дела, и тоа не едно, туку импресивни четири остварувања.

Во соработка со нејзината сестра Лабина Митевска, актерката што стана позната по улогата во филмот „Пред дождот“ на Милчо Манчевски, која, покрај тоа што игра, истовремено е и продуцент на сите нејзини остварувања, Теона Митевска во 2004 година го реализираше својот првенец, филмот „Како убив светец“, урбана семејна драма за раслоено семејство од средната класа во Скопје, на почетокот на 21 век, што функционира како парабола за ужасите на животот во етнички поделено транзициско општество во време на навестување на етничка војна, во кое владеат лагата, лажниот морал, корупцијата, насилството и грубоста. Филмската приказна се потпира на моделот на антиколонијалната критика и е делумно врамена во рамката на неколку вистински настани од 2001 година: убиство со бетонски блок на војник на НАТО, војната со албанската герила на македонска територија, пренесување на моштите на св. Климент Охридски итн.

Вториот филм на Теона Митевска, „Јас сум од Титов Велес“, од 2007 година, работен по сопствено сценарио, е семејна лирска филмска приказна за три сестри од градот Велес и се случува во транзициските деведесетти години на минатиот век, во милјето на реалната приказна за „Топилницата“ во Велес, што со години го загадуваше воздухот и сериозно го загрозуваше здравјето на граѓаните.

Третиот филм на Теона Митевска, „Жената која си ги избриша солзите“, од 2012 година, работен по сопствено сценарио, со Викторија Абрил во главната ролја, е пример за женско писмо на филмот и е приказна за две жени, мајки, што потекнуваат од различно културно милје и чии светови, на неочекуван начин, се преплетуваат.

Четвртиот и засега последен филм на Теона Митевска, „Денот што немаше име“, работен по сценарио на режисерката Митевска и босанската сценаристка Елма Татарагиќ, инспириран од вистински настан, ја раскажува сугестивната приказна за до денес неразјаснетото убиство на четворица тинејџери, крај Скопје, спроти Велигден во 2012 година.

 

Игор Иванов – Изи

 

Игор Иванов – Изи, по реализацијата на повеќе ТВ-емисии и ТВ-серии, кратки и документарни филмови, во 2007 година го реализираше својот долгометражен првенец, „Превертено“, според прозата на Венко Андоновски со кого е и коавтор на сценариото. „Превертено“ е урбана приказна со фантастични елементи за животот на младите луѓе во Скопје, на почетокот на деведесеттите години на минатиот век, во периодот на почетокот на транзицијата, во која се вклучени повеќе елементи што се симбол на поп-културата: рок музика, стрипови, употреба на лесни дроги – и го истражува тоталитарното влијанието на политиката врз животот на младите луѓе што овде е претставено преку инсистирањето за зачленување на главниот лик во владејачката, имагинарна Партија на националниот дух.

Неговиот втор и засега последен филм, „Соба со пијано“, од 2013 година, работен според драмскиот текст на Жанина Мирчевска, која, заедно со режисерот, е коавтор на сценариото, е камерна приказна што се случува во период од една деценија на почетокот на веков, во хотелска соба со пијано во Скопје. Во три наративни круга, може да се проследи расплетот на животните приказни на протагонистите.

 

Светозар Ристовски

 

Светозар Ристовски живее и работи во Канада. Својот прв долгометражен игран филм „Илузија“, работен по сценарио во коавторство со неговата партнерка Грејс Лија Троже, го реализираше во 2004 година. Приказната во филмот „Илузија“, преку ликот на осамено тринаесетгодишно момче, зборува за тоа како ужасната транзициска средина во провинциски град, во која сите човечки вредности се изместени, влијае врз поединците, па така мирното момче, талентиран поет, се трансформира во разбојник и убиец.

По македонскиот првенец, Светозар Ристовски во 2010 година во Канада, без македонски копродуцент, го реализираше и својот канадски првенец, филмот „Драг господине Гејси“, приказна за серискиот убиец Џон Вејн Гејси, базирана врз мемоарски записи.

Во 2015 година, повторно во соработка со Грејс Лија Троже како косценарист, Светозар Ристовски го реализираше својот засега последен филм, „Лазар“,  драма во која уште еднаш се портретира животот на маргиналци од работ на транзициското македонско општество, во време на бегалската криза што ја зафати земјава и цела Европа.

 

Александар Станковски

 

Александар Станковски е реномиран сликар и автор на стрипови, кој воедно е автор и на повеќе видео и ТВ-проекти и анимирани филмови, како и на два експериментални долгометражни играни филма, работени по сопствени сценарија: пародијата на шпиунски трилер „Маклабас“ од 1998 година; и психоделичното патување низ историските периоди остварено низ актерска игра и анимација во филмот „Самитот на шаманите“ од 2004 година.

 

ЕДИНСТВЕН ФИЛМ

 

Зачестена појава во македонската кинематографија е режисерите со години да чекаат на можноста да го реализираат својот долгометражен првенец. Оттаму, повеќемина автори остануваат на само еден реализиран филм со сосема неизвесна иднина за нивниот втор долгометражен проект.

Во 2005 година, Сергеј Станојковски, после неколку кратки и документарни филмови, по сопствено сценарио, го реализираше свој засега единствен долгометражен филм, „Контакт“, нетипична љубовна приказна за двајца млади луѓе, тотални аутсајдери сосема невклопени во општеството, едниот штотуку ослободен од затвор, а другата штотуку отпуштена од психијатриска болница, кои по сплет на околности се поврзуваат и се вљубуваат.

Во 2006 година, театарскиот режисер Владо Цветановски, по сценарио на неговите браќа Љубе Цветановски и Јордан Плевнеш, го реализираше својот единствен игран филм, „Тајната книга“, „патувачки“ (road movie) филм, филм на потрагата, во кој низ испрекршена, фрагментарна, постмодернистичка нарација, што се карактеризира со своевидна полижанровска хибридизација, (псевдо)цитатност и одвреме-навреме – пародизираност, раскажана е приказната која се простира во две различни времиња што се исчитуваат едното преку другото: балканскиот (македонскиот) и европскиот (францускиот) Среден век, преку референците за тајните учења на богомилите, манихејците и катарите; и балканскиот (македонскиот) и европскиот (францускиот) 21 (и 20) век, преку алузиите на балканската и светската геополитика, односно инсталирањето на меѓународните воени мисии на Балканот и улогата на САД и Европа во креирањето на политиките во светот и на Балканот, метафорично е раскажана приказната за вечната потрага на посветените луѓе по „тајната книга“, која, како што заклучуваат протагонистите на крајот на филмот, може да се пронајде единствено во сопственото срце.

Анета Лешниковска е продуцент и режисер што живее и работи во Холандија. Нејзиниот единствен досега реализиран филм како режисер, по сопствено сценарио, е филмот „Боли ли?“, од 2007 година, филм чијшто поднаслов е „Првата балканска догма“, нискобуџетен експериментален филм во кој според естетските принципи на „Догма ’95“ манифестот, низ голем број актерски импровизации, е раскажана приказна во која се истражуваат аспектите на правењето филм и пријателството.

Сашо Павловски, продуцент и режисер на повеќе документарни и ТВ-филмови, во 2011 година го реализираше својот прв и засега единствен долгометражен игран филм, „Ова не е американски филм“, постмодернистичка, автореферентна, метафикциска, метасинематска пародија, делумно раскажана во оф-тон, во која се истражува процесот на филмската нарација и употребата на филмските техники, пред сè монтажата, но и актерската игра и сценаристичката умешност, во креирањето на филмската приказна, а протагонистите во филмот се свесни за себеси, односно знаат дека се ликови во филм и се однесуваат согласно со тоа.

Сценаристот и ТВ-режисер, Слободан Деспотовски, по долга низа години исчекување на својот првенец, во 2015 година, по сопствено сценарио, ја реализираше камерната психолошка драма „Збор“.

Горан Тренчовски, познат пред сè како театарски режисер, но со завиден опус на краткометражни, документарни и ТВ филмови, во 2016 година, по сценарио на кое работеа повеќемина сценаристи, инспирирано од прозата на Братислав Ташковски, пишувана според вистински настан – ликвидацијата на петмина струмички студенти, приврзaници на ВМРО и на идејата за независна Македонија во 1951 година – го реализираше свој прв и засега единствен игран филм, „Златна петорка“, вистински хит кај публиката, прв филм во македонската филмска историја што експлицитно се занимава со прашањето за злосторствата на поранешната југословенска комунистичка власт, истовремено третирајќи ја и темата за предавството, а е и првиот филм кој проговорува за потребата од помирување меѓу спротивставените страни – левицата и десницата во македонското национално и политичко движење.

 

ГОСТИ-РЕЖИСЕРИ

 

Во ерата на комунизмот, во Македонија, како гости-режисери, особено во првата фаза на институционалната кинематографија, доаѓаа повеќе имиња од соседните ју-републики. По осамостојувањето на земјата, практика стана одвреме-навреме во македонски филм да гостува некој режисер од Европа. Така, во 1996 година, режисерот од Турција, Ербил Алтанај, по сценарио на драмскиот писател Сашко Насев, ја реализираше урбаната трагикомедија, социјалната драма „Самоуништување“, која преку ликовите на маргинализирани поединци од скопско предградие, уште еднаш го истражуваше распадот на семејството во транзициското општество.

Во 2001 година, белгискиот режисер Јан Хинтенс, по сценарио на Слободан Деспотовски, во македонско-белгиска копродукција го реализираше филмот „Освета“, во кој се истражува односот на современа Западна Европа кон балканската традиција на крвна одмазда, стара со векови, но, истовремено се истражува и (не)можноста за разбирање меѓу две различни култури: европската и балканската. Филмот, преку два наративни тека, истражувајќи го проблемот на човечноста и нечовечноста, довербата и предавството, и на одмаздата, паралелно раскажува две приказни што се случуваат во две различни времиња на нарацијата: во сегашното време на нарацијата, млад Турчин од Македонија доаѓа во Брисел со намера да се одмазди за одамна сторено убиство, а во минатото време на нарацијата се истражуваат етничките, социјалните, верските, политичките, но и човечките аспекти на односот помеѓу двајца браќа сиромашни Македонци, христијани и тројца браќа богати Турци, муслимани, во време на Османлиското владеење со Македонија.

Во 2016 година, прочуениот хрватски актер Раде Шербеџија, кој и порано како актер гостувал во повеќе македонски играни филмови, заедно со својот син, режисерот Данило Шербеџија, според драмскиот текст на словенечкиот драмски писател и театарски режисер Душан Јовановиќ, кој воедно е и коавтор на сценариото, го реализираше играниот филм „Ослободување на Скопје“, како македонско-хрватско-финска копродукција, уште еден филм што го истражува холокаустот на Евреите од Скопје за време на Втората светска војна.

 

ПОМЛАДАТА ГЕНЕРАЦИЈА

 

Од помладата генерација македонски режисери што досега реализираа по еден долгометражен игран филм, треба да се споменат Шкипе Дука која по сопствено сценарио во 2010 година го реализираше филмот „Татко“, што ги истражува односите во патријархално албанско семејство во Македонија; Арбен Кастрати кој по сопствено сценарио го реализираше филмот „Земјата помеѓу границите“, што ги истражува албанско-југословенските односи во последната деценија од владеењето на комунизмот; и Кастриот Абдили, кој во македонско-косовската копродукција „Враќање“, од 2015 година, преку портерирање на албанско семејство во Македонија, што долго време престојувало во Германија, го истражува испрелетувањето на старото и новото, традиционалното и модерното, западното и балканското.

Во 2012 година, повеќемина млади режисери го реализираа омнибус-филмот за градот Скопје, „Скопје-Ремикс“, составен од девет независни филмски стории, во кои, преку различни поетики, во квази-комичен и квази-црнохуморен манир се раскажуваат приказни за урбаното милје на градот, а нивни заеднички именител е љубовта, но и култното градско радио Канал 103.

Тројца од авторите што работеа на омнибус-филмот, успеаја да ги реализираат и своите долометражни првенци. Така, Даријан Пејовски, по сопствено сценарио напишано во соработка со Игор Иванов – Изи, во 2015 година го реализираше психолошкиот трилер што ги истражува импликациите од семејното и сексуалното насилство „Три дена во септември“; Вардан Тозија, следната, 2016 година, по сопствено сценарио, ја реализираше извонредната жестока урбана драма „Џган“; а Ѓорче Ставревски, по сопствено сценарио, во 2018 година ја реализираше урбаната комедија „Исцелител“, што публиката одлично ја прифати.

 

МЕЃУНАРОДНИ МАЛЦИНСКИ КОПРОДУКЦИИ

 

Покрај копродукциите во кои мнозинскиот дел е на продуцентските куќи од Македонија, во периодот на осамостојувањето на земјава, беа реализирани повеќе филмови со малцинско македонско учество.

Така, во 1998 година, прочуениот српски режисер Горан Паскаљевиќ го реализираше филмот „Буре барут“, според истоимениот драмски текст на Дејан Дуковски, кој е и еден од косценаристите, филм во кој се истражува насилната транзициска околина во Белград на почетокот на деведесеттите години на минатиот век.

Во 2001 година, прочуениот бугарски режисер Иван Павлов, по сценарио на исто така прочуениот поет и сценарист Константин Павлов, ја реализира бугарско-македонската копродукција „Судбината како стаорец“, современа урбана драма за мизерниот живот во мало пристанишно гратче во Бугарија.

Следната, 2002 година, прочуениот бугарски режисер Костадин Бонев, по сценарио на македонскиот писател Миле Неделковски, го реализираше филмот „Подгревање на вчерашниот ручек“, филм во кој во два наративни тека, во сегашното и во минатото време на нарацијата, преку приказот на старо комитско и делумно пробугарски ориентирано македонско семејство, се прикажани драматичните настани многу значајни за македонската историја од 20 век: српската окупација по Првата светска војна, бугарската анексија за време на Втората светска војна, дејноста на илегалните партизански борци за време на војната, инсталирањето на комунистичката власт по војната, логорите на Голи Оток, како и преживувањето на владејачките комунистички номенклатури дури и по падот на комунизмот.

Во 2006 година, славниот хрватски режисер Рајко Грлиќ, според романот на Анте Томиќ кој е и коавтор на сценариото, на терен во Македонија го сними филмот „Караула“, во кој покрај македонски, хрватски, српски, словенечки и босанско-херцеговски продуценти, учествуваа и продуценти од Велика Британија и Австрија. Филмот „Караула“ ја раскажува приказната за забранетата љубов меѓу војник на ЈНА и жената на офицер на ЈНА, во периодот непосредно пред распадот на мултиетничка Југославија, како и спецификите на менталитетот што владеел во армијата: полтронство, обид за одржување во живот на култот кон комунистичкиот лидер Јосип Броз Тито, иако тој e веќе одамна мртов, како и несогласувањето на младата генерација „Југословени“, воспитана во западен рокенрол дух со таквата состојба, што доведува до трагичното финале на филмот.

Во 2008 година беше основан Филмскиот фонд на Република Македонија, што подоцна беше преименуван во Агенција за филм на РМ, институција што дополнително го стимулираше влегувањето во копродуцентски проекти. Така, во периодот 2009-2018 година беа реализирани повеќе меѓународни копродукции со малцинско учество и на македонски копродуценти.

Во 2009 година беа реализирани филмовите „Исток-Запад-Исток“ на албанскиот режисер Ѓерѓ Џовани и „Нормал“ на чешкиот режисер Јулиус Шевчик.

Во 2010 година беа реализирани филмовите „Како да ме нема“ на ирската режисерка Хуанита Вилсон, извонредната бугарска комедија „Мисија Лондон“ на режисерот Димитар Митовски и омнибус-филмот „Некои поинакви приказни“, во кој учествуваа пет режисерки од поранешна Југославија, меѓу кои и македонската режисерка Марија Џиџева.

Во 2011 година беа реализирани филмовите: комедијата „Парада“ на српскиот режисер Срѓан Драгоевиќ, „Состојба на шок“ на словенечкиот режисер Андреј Кошак, „Духот на баба Илонка“, на хрватскиот режисер Томислав Жаја, „Малиот бог на љубовта“ на црногорскиот режисер Жељко Сошиќ и „Ј.А.Ц.Е.“ на грчкиот режисер Менелаос Карамагиолис.

Во 2014 година беа реализирани филмовите: „Такви се правилата“ на српскиот режисер Огњен Свиличиќ, „Инферно“ на словенечкиот режисер Винко Модерндорфер, „Пресуда“ на бугарскиот режисер Стефан Командарев, и „Споменик на Мајкл Џексон“ на српскиот режисер Дарко Лунгулов.

Следната, 2015 година, беа реализирани филмовите „Банат“ на италијанскиот режисер Адријано Валерио, „Шишка де лукс“ на словенечкиот режисер Јан Цвитковиќ, „Татко“ на косовскиот режисер Висар Морина и „Жената на мојот живот“ на бугарскиот режисер Антониј Дончев.

Во 2016 година беа реализирани филмовите „Доме слатки доме“ на косовскиот режисер Фатон Бајрактари, „Сиераневада“ на прочуениот романски режисер Кристи Пуиу, „Хармс“ на рускиот режисер Иван Болотников, „Ноќен живот“ на словенечкиот режисер Дамјан Козоле и „Устав на Република Хрватска“ на веќе споменатиот хрватски режисер Рајко Грлиќ.

Во 2017 година беа реализирани филмовите „Скршено“ на албанскиот режисер Едмонд Будина, „Реквием за госпоѓа Ј.“ на српскиот режисер Бојан Вулетиќ, „Словенија, Австралија, а утре светот“ на словенечкиот режисер Марко Набершник, извонредниот „Насоки“ на веќе споменатиот бугарски режисер Стефан Командарев и „Жаба“ на босанско-херцеговскиот режисер Елмир Јукиќ.

 

ЗАКЛУЧОК

 

Во заклучокот можеме да повториме дека македонската кинематографија од периодот по падот на комунизмот, промената на политичкиот систем и осамостојувањето на државата, значително го зголеми обемот во однос на претходниот историски период, за што најголемо влијание има зголемениот број на мнозински и особено малцински копродукции. Понатаму, само неколкумина режисери од претходниот систем продолжија да работат, а шанса да реализираат први филмови добија повеќемина помлади режисери. Во поглед на темите што ги третираат филмовите, одново може да се изведе заклучокот дека иако не недостасуваат историски теми, филмовите многу малку се занимаваат со критичко преиспитување на комунистичкото минато. Наспроти тоа, акцентот е ставен на совремието и се портретираат поединци заробени во етнички, воени и транзициски лавиринти. Без сомнение, доминантна тема во македонските играни филмови во изминативе три децении е преиспитување на односот Европа vs Балкан, т.е. Европа vs Македонија.

 

Користена литература

 

Macedonian Films 2014-2015. 2015. Skopje: Macedonian Film Agency.

Macedonian Films 2015/2016. 2016. Skopje: Macedonian Film Agency.

Macedonian Films 2016/2017. 2017. Skopje: Macedonian Film Agency.

Macedonian Film News. Films in production/post production 2017/2018. 2018.

Skopje: Macedonian Film Agency.

Чепинчиќ, М. 1999. Македонскиот игран филм: Книга втора. Скопје: Кинотека

на Македонија.

Черњенко, М. 1997. Македонскиот филм. Скопје: Кинотека на Македонија.

 

Leave a comment